2 Samuel 1
1 По Сауловата смрт, кога Давид се врати по разбивањето на Амаликијците и престојуваше во Циклаг два дена,
2 ете, на третиот ден доаѓа човек од Сауловиот логор; облеката му е испокината и на главата има прав. Штом дојде кај Давид, падна на земја и му се поклони.
3 И Давид го праша: „Од каде доаѓаш?“ Тој одговори: „Избегав од израелскиот логор.“
4 Давид го праша: „Што стана? Раскажи ми.“ А тој одговори: „Народот се разбега од битката, и многу народ падна и изумре; умреа и Саул и синот негов Јонатан.“
5 Давид го праша момчето што му раскажуваше: „Од каде знаеш дека Саул и синот негов Јонатан умреле?“
6 А момчето што му раскажуваше, рече: „Јас случајно отидов на планината Гелвуја, и ете, Саул падна врз копјето свое, а колите и коњаниците го стигнаа.
7 Тогаш тој се сврте назад и, откако ме виде, ми викна.
8 И јас реков: ‚Еве ме.‘ Тој ме праша: ‚Кој си ти?‘ Јас му одговорив: ‚Јас сум Амаликиец.‘
9 Тогаш тој ми рече: ‚Дојди кај мене и убиј ме, зашто смртна тага ме опфатила, но душата моја сѐ уште е во мене.‘
10 И јас се приближив до него и го убив, бидејќи знаев дека тој нема да остане жив по паѓањето свое; и го зедов царскиот венец што беше на главата негова, и гривната што беше на раката негова, и ги донесов тука на господарот свој.“
11 Тогаш Давид се фати за облеката своја и ја раскина, исто така и сите луѓе што беа со него,
12 и липаа, и плачеа и постеа до вечерта за Саул и за синот негов Јонатан, и за народот Господов и за домот Израелов, поради тоа што беа загинале од меч.
13 Давид, пак, го запраша момчето што му раскажуваше: „Ти од каде си?“ А тој му одговори: „Јас сум син на еден придојден Амаликиец.“
14 Тогаш Давид му рече: „Како не се исплаши да кренеш рака за да убиеш помазаник Господов?“
15 И Давид повика еден од момците и му рече: „Дојди и убиј го!“ И оној го уби, и тој умре.
16 И Давид му рече: „Твојата крв нека биде врз главата твоја, бидејќи твојата уста сведочеше против тебе, кога велеше: ‚Го убив помазаникот Господов.‘“
17 Потоа Давид го оплака Саул и синот негов Јонатан со оваа оплакувачка песна,
18 заповедајќи им на синовите Јудини да ја научат, како што таа е запишана во Книгата на Праведникот, и рече:
19 „Твојата слава, о Израеле, падна врз твоите височини! Како паднаа израелските јунаци!
20 Не раскажувајте во Гет, не разгласувајте по улиците на Ашкелон, да не се радуваат ќерките филистејски, да не ликуваат ќерките на необрезаните.
21 Гори Гелвујски, да не падне на вас ни роса, ни дожд! И вашите ниви да бидат без плод, зашто таму е фрлен штитот на Саул, како да не беше тој помазан со масло.
22 Без крв од ранети, без мрс од силни, лакот Јонатанов не се враќаше назад, ниту мечот Саулов се враќаше празен.
23 Саул и Јонатан, сакани и сложни во животот свој, не се разделија ни во смртта своја; тие беа побрзи од орлите, посилни од лавовите.
24 Ќерки Израелови, плачете за Саул, кој ве облекуваше во пурпурна облека со украси и ги китеше со златни накити облеките ваши!
25 О, како паднаа силните во борбата! Загина Јонатан на твоите височини.
26 Жалам за тебе, брате Јонатане; ти ми беше многу мил; твојата љубов за мене беше поголема од женската љубов.
27 Како паднаа силните, како загина бојното оружје!“