2 Kings 8
1 И ѝ рече Елисеј на жената, чиј син го беше оживеал: „Стани и оди, ти и твоето семејство и насели се таму, каде што можеш да поживееш, зашто Господ повика глад, и тој ќе трае во оваа земја седум години.“
2 Стана таа жена, и постапи според зборот на Божјиот човек: отиде таа и нејзиното семејство, и живееше во филистејската земја седум години.
3 Откако изминаа седум години, се врати таа жена од филистејската земја и дојде да го моли царот за куќата своја и нивата своја.
4 Царот тогаш разговараше со Гиезиј, слугата на Божјиот човек, и му рече: „Раскажи ми ги сите големи дела што ги извршил Елисеј.“
5 А во тоа време, кога тој му раскажуваше на царот дека Елисеј оживеал еден умрен, — жената, чиј син беше оживеан, го молеше царот за куќата своја, и нивата своја. Тогаш Гиезиј рече: „Господаре мој, царе, таа е истата жена и овој е истиот син нејзин, кого Елисеј го оживеа.“
6 Царот ја праша жената, и таа му раскажа. И ѝ даде царот еден дворјанин и рече: „Да ѝ се врати сѐ што е нејзино и сите приходи од нивата, од оној ден, кога ја напуштила земјата, досега.“
7 И дојде Елисеј во Дамаск, кога арамејскиот цар Венадад беше болен. Му јавија на Венадад и рекоа: „Тука дојде Божјиот човек.“
8 Тогаш царот му рече на Азаил: „Земи дар и оди, пречекај го Божјиот човек и прашај Го преку него Господа, велејќи: ‚ќе оздравам ли од оваа болест?‘“
9 Азаил отиде да го пречека и зеде дар и сѐ што е најдобро во Дамаск, колку што можат да носат четириесет камили, па отиде и застана пред лицето негово и му рече: „Твојот покорен слуга Венадад, арамејскиот цар, ме испрати кај тебе да прашам: ‚ќе оздравам ли од оваа болест?‘“
10 Елисеј му одговори: „Оди и кажи му: ќе оздравиш. Меѓутоа, Господ му јави дека тој ќе умре.“
11 И Елисеј го задржа својот поглед, и упорно гледаше во него, додека оној не се збуни. И тогаш Божјиот човек заплака.
12 И Азаил праша: „Зошто плаче господарот мој?“ А тој одговори: „Затоа што знам, какво зло ќе им направиш на Израеловите синови: тврдините нивни на оган ќе ги предадеш, момците нивни со меч ќе ги погубиш, доенчињата нивни ќе ги убиеш и нивните бремени жени ќе ги расечеш.“
13 И му рече Азаил: „Што е твојот слуга? Дали имам некаква власт та да можам да направам така страшни работи?“ Елисеј му одговори: „Господ ми го покажа во тебе царот на Арам.“
14 Тој си отиде од Елисеј и дојде кај господарот свој. И тој го праша: „Што ти зборуваше Елисеј?“ Тој одговори: „Ми кажа дека ќе оздравиш.“
15 На другиот ден, меѓутоа, Азаил ја зеде покривката, ја натопи во вода и ја стави врз лицето негово, и царот умре. И на негово место стана цар Азаил.
16 По јудејскиот цар Јосафат, стана цар Јорам, синот на Јосафат, во петтата година од царувањето на Ахавовиот син Јорам, царот израелски.
17 Тој беше на триесет и две години, кога стана цар, и царуваше осум години во Ерусалим;
18 и одеше по патот на израелските цареви, онака како што постапуваше Ахавовиот дом, бидејќи Ахавовата ќерка му беше жена. Таа правеше зло пред очите на Господ.
19 Но, Господ не сакаше да го погуби Јуда, заради својот слуга Давид, зашто Тој беше ветил дека ќе му даде светило — нему и на неговите синови за сите времиња.
20 Во неговите дни Едом се измолкна од раката на Јуда и си постави цар.
21 И Јорам отиде во Цаир, со сите негови бојни коли. Тој се крена во една ноќ и ги нападна Едомците што го опколуваа, и заповедниците на колите, но народот избега во шаторите свои.
22 Сепак, се спаси Едом од раката на Јуда до ден денес. Во исто време дигна бунт и Ливна.
23 Другото за Јорам и сѐ што извршил, е опишано во летописите на јудејските цареви.
24 И почина Јорам кај своите предци, и беше погребан кај своите предци во Давидовиот град. А место него стана цар неговиот син Охозија.
25 Охозија, синот на јудејскиот цар Јорам, стана цар во дванаесеттата година од владеењето на Ахавовиот син Јорам, израелскиот цар.
26 Охозија беше на дваесет и две години, кога стана цар, и царуваше една година во Ерусалим. А мајка му се викаше Готолија, ќерка на израелскиот цар Амвриј.
27 Тој одеше по патот на Ахавовиот дом и го правеше она што не беше угодно пред очите на Господ, онака, како и Ахавовиот дом, зашто беше во роднинство со Ахавовиот дом.
28 Тој отиде со Ахавовиот син Јорам во војна против арамејскиот цар Азаил во Рамот Галаадски, и Арамејците го ранија Јорам.
29 И царот Јорам се врати да се лекува во Јизреел од раните што му ги нанесоа Арамејците во Рамот, кога војуваше против арамејскиот цар Азаил. И Охозија, синот на Јорам, јудејски цар, дојде да го посети Ахавовиот син Јорам во Јизреел, бидејќи беше болен.