2 Kings 5
1 Нааман, војсководецот на арамејскиот цар, беше голем човек пред господарот свој и почитуван, зашто преку него Господ им беше дал победа над Арамејците; и тој човек кој беше одличен војник, беше лепрозен.
2 Еднаш Арамејците излегоа во чети и запленија од израелската земја едно мало девојче, и тоа ѝ служеше на Наамановата жена.
3 Таа ѝ рече на господарката своја: „О, да отидеше мојот господар кај пророкот, кој е во Самарија, тој ќе ја симнеше од него лепрата.“
4 Тогаш Нааман отиде и му го кажа тоа на господарот свој, велејќи: „Така и така вели девојчето што е од израелската земја.“
5 И арамејскиот цар му рече на Нааман: „Стани, оди, јас пак, ќе испратам писмо до израелскиот цар.“ Тој отиде, земајќи со себе десет кикари сребро, шест илјади шекели злато и десет промени облека;
6 и му го однесе на израелскиот цар писмото, во кое се велеше: „Заедно со ова писмо, ете, го испраќам кај тебе Нааман, мојот слуга, да ја симнеш од него лепрата негова.“
7 Израелскиот цар, откако го прочита писмото, ја раскина облеката своја и рече: „Зар сум јас Бог да умртвувам и да оживувам, та испраќа кај мене да ја симнам од овој човек лепрата негова? Ете, знаете сега и гледајте дека тој бара повод за непријателство против мене.“
8 Кога Божјиот човек Елисеј слушна дека израелскиот цар ја раскинал облеката своја, испрати да му речат на царот: „Зошто ја раскина облеката своја? Нека дојде кај мене и нека познае дека има пророк во Израел.“
9 И дојде Нааман со коњите свои и со колите свои и застана пред влезот на Елисеевиот дом.
10 Тогаш Елисеј го испрати кај него слугата свој да му каже: „Оди, искапи се седумпати во Јордан, и телото твое ќе се обнови, и ќе бидеш чист.“
11 Се разгневи Нааман и си тргна, велејќи: „Ете, јас мислев дека тој ќе излезе, ќе застане и ќе го повика името на Господ, својот Бог, ќе ја стави раката своја на местото и ќе ја симне лепрата;
12 зарем дамаските реки Авана и Парпар не се подобри од сите израелски води? Не можев ли да се искапам во нив и да се исчистам?“ Па се сврте и си отиде налутен.
13 Му се доближија слугите негови и му рекоа, велејќи: „Татко, да ти кажеше пророкот да направиш нешто потешко, немаше ли да го направиш. А камо ли сега, кога ти рече само: искапи се, и ќе бидеш чист!“
14 Тој отиде и се потопи во Јордан седумпати, според зборовите на Божјиот човек, и телото му се обнови како тело на мало дете и се исчисти.
15 Тогаш се врати кај Божјиот човек, тој и сите придружници негови, дојде, застана пред него и рече: „Еве, познав дека по целата земја нема Бог, освен во Израел; прими, пак сега дар од твојот слуга.“
16 Елисеј одговори: „Се колнам во живиот Господ, пред чие лице стојам! Нема да го примам.“ Оној го принудуваше да земе, но тој не се согласи.
17 И рече Нааман: „Штом е така, нека му дадат на твојот слуга земја, колку што можат да носат две маски, зашто во иднина слугата твој нема да принесува сепаленици и жртви на други богови, освен на Господ;
18 само, еве што да му прости Господ на слугата твој: кога мојот господар оди во храмот на Римон за да се поклони таму и се потпре врз раката моја, и јас се поклонам во домот на Римон, тогаш Господ да му прости на слугата твој за поклонувањето мое во домот на Римон.“
19 А тој му рече: „Оди си со мир!“ И тој отиде од него и прилично се оддалечи.
20 Тогаш Гиезиј, слугата на Божјиот човек Елисеј рече: „Ете, мојот господар не сакаше да го земе од раката на тој Арамеец Нааман, она што го беше донел. Се колнам во Господ! Ќе потрчам по него и ќе земам нешто од него.“
21 И потрча Гиезиј по Нааман. Нааман виде дека некој трча по него, слезе од колата да го пресретне и рече: „Дали си со мир?“
22 Тој одговори: „Со мир сум; мојот господар ме испрати да кажам: ете, сега дојдоа кај мене од Ефремовата Гора две момчиња од пророчките синови; дај ми еден кикар сребро и две промени облека.“
23 И Нааман рече: „Земи, ако сакаш, два кикара.“ И многу го молеше. Тогаш тој заврза два кикара сребро во две торби и две промени облека и им ги даде на двајцата слуги свои, та ги понесоа пред него.
24 Кога тој дојде до брегот, ги зеде од рацете нивни и ги сокри во домот свој. И ги отпушти луѓето, и тие си отидоа.
25 Кога дојде и се јави пред господарот свој, Елисеј го праша: „Од каде доаѓаш, Гиезиј?“ Тој одговори: „Никаде не одел слугата твој.“
26 Тој му рече: „Зарем срцето мое не те придружуваше, кога оној човек се врати од колата своја да те пресретне? Време ли е да се земе сребро и да се зема облека, или маслинови дрвја и лозја, ситен или крупен добиток, слуги или слугинки?
27 Затоа, Наамановата лепра нека се залепи на тебе и на потомството твое засекогаш.“ И тој излезе од него бел како снег од лепрата.