2 Kings 25
1 Во деветтата година од царувањето свое, во десеттиот месец, на десеттиот ден од месецот, вавилонскиот цар Навуходоносор дојде со сета своја војска пред Ерусалим, го опседна и направи околу него опкоп.
2 И градот стоеше во опсада до единаесеттата година од владеењето на царот Седекија.
3 На деветтиот ден од четвртиот месец гладот се засили во градот, и народот немаше леб.
4 Градот беше преземен, и сите воени лица избегаа ноќе по патот кон портите, меѓу двата ѕида што се до царската градина; а Халдејците стоеја околу градот, и царот отиде по патот кон рамнината.
5 Халдејската војска се спушти по царот и го стигна во Ерихонските рамнини, и сета војска негова се разбега од него.
6 Тогаш го фатија царот, го одведоа кај вавилонскиот цар во Ривла и извршија над него суд;
7 синовите на Седекија ги заклаа пред очите негови, а на Седекија му ги избодеа очите, го оковаа во окови и го одведоа во Вавилон.
8 На петтиот месец, на седмиот ден од месецот, односно во деветнаесеттата година од владеењето на вавилонскиот цар Навуходоносор, дојде Невузардан, заповедник на телохранителите, слуга на вавилонскиот цар, во Ерусалим
9 и го изгоре домот Господов и царскиот дом, и сите куќи во Ерусалим, и сите големи куќи ги изгоре со оган;
10 и ѕидовите околу Ерусалим беа урнати од халдејската војска што беше со заповедникот на телохранителите.
11 А другиот народ што беше останал во градот, и одметниците, кои му се предале на вавилонскиот цар, а и другиот народ ги исели Невузардан, заповедникот на телохранителите.
12 Само малкумина од сиромасите на оваа земја заповедникот на телохранителите ги остави за работници во лозјата и за земјоделци.
13 И бронзените столбови во домот Господов, и подножјата, и бронзеното море во домот Господов Халдејците го испокршија и ја однесоа бронзата нивна во Вавилон;
14 и котлите, и лопатките, и штипките, и лажиците, и сите бакарни садови што се употребуваа во службата, ги кренаа;
15 и кадилниците, и садовите, — сѐ што имаше златно, и сѐ што имаше сребрено, го зеде заповедникот на телохранителите;
16 столбови два, море едно, и подножјата што Соломон ги беше направил во домот Господов, — бронзата во сите тие работи немаше мерка.
17 Едниот столб беше висок осумнаесет лакти, главата му беше од бронза, а висината на главата — три лакти, и мрежата на наровите околу главата — сето тоа беше од бронза. Тоа исто го имаше и другиот столб со мрежата.
18 Заповедникот на телохранителите го зеде првосвештеникот Сераја, заменикот-првосвештеник Софонија и тројца свештеници-вратари.
19 Од градот тој зеде еден дворски човек, кој беше заповедник на воените лица, и петте души што стоеја пред царското лице и се наоѓаа во градот, и главниот писар на војската што го запишуваше во војската народот на земјата, и шеесет души од народот на земјата, кои се наоѓаа во градот.
20 Ги зеде Навузардан, началникот на телохранителите, и ги одведе кај вавилонскиот цар во Ривла.
21 И вавилонскиот цар ги порази и ги погуби во Ривла, во земјата Хамат. И Јудејците беа иселени од земјата своја.
22 А над народот, оставен во јудејската земја, вавилонскиот цар Навуходоносор го постави за управник Годолија, синот на Ахикам, Сафанов син.
23 Кога сите војсководци, тие и луѓето нивни, слушнаа дека вавилонскиот цар го поставил за управник Годолија, дојдоа кај Годолија во Мицпа: Исмаил, синот на Нетанија, Јоханан, син на Кареах, Сераја, син на Танхусмет од Нетофа, и Јаазанјаху од Мааха, тие и луѓето нивни.
24 И им се заколна Годолија, ним и на луѓето нивни, и им рече: „Не плашете се што ќе бидете потчинети на Халдејците; населувајте се во земјата, служете му на вавилонскиот цар и ќе ви биде добро.“
25 Но во седмиот месец дојде Исмаил, синот на Нетанија, Елишамаев син, од царски род, со десет души, го порази Годолија, и тој умре, а и Јудејците, и Халдејците што беа во Мицпа.
26 Тогаш се крена сиот народ, од мало до големо, и војсководците, па отидоа во Египет, зашто се плашеа од Халдејците.
27 Во триесет и седмата година од преселувањето на јудејскиот цар Јехониј, во дванаесеттиот месец, на дваесет и седмиот ден од месецот, вавилонскиот цар Евил-Меродах, во годината на зацарувањето свое, го изведе од затвор јудејскиот цар Јехониј,
28 говореше со него пријателски и го постави престолот негов погоре од престолот на царевите што беа пред него во Вавилон;
29 и му ја смени затворската облека негова; и секогаш Јехониј јадеше со него, во сите дни на животот свој.
30 За постојана издршка, му се даваше на царот, секој ден, во сите дни на неговиот живот.