2 Kings 23
1 Тогаш царот испрати, та се собраа кај него сите старешини на Јуда и на Ерусалим.
2 И отиде царот во домот Господов, и со него сите Јудејци и сите ерусалимски жители, и свештениците, и пророците, и сиот народ, од мал до голем, и им ги прочита гласно сите зборови од книгата, што беше најдена во домот Господов.
3 Потоа царот застана на високо место и пред лицето Господово се заветува дека ќе Го следи Господа и дека ќе ги чува заветите Негови, откровенијата Негови и наредбите Негови, од сѐ срце и душа и ќе ги исполнува зборовите на тој завет, напишани во таа книга, И сиот народ се заветува.
4 Тогаш царот му заповеда на првосвештеникот Хелкија и на другите свештеници и на вратарите да ги изнесат од храмот Господов сите работи направени за Ваал и за Ашера и за сета небеска војска, и ги изгоре надвор од Ерусалим, во кидронската долина, и заповеда да ја пренесат пепелта нивна во Ветил.
5 И ги отстрани многубожечките жреци што ги беа поставиле јудејските цареви да вршат кадење по идолските светилишта во јудејските градови и во околината на Ерусалим, и оние што му кадеа на Ваал, на сонцето, на месечината, на планетите и на сета небеска војска.
6 И ја изнесе тогаш статуата на Ашера од домот Господов надвор од Ерусалим, кај потокот Кедрон, и ја изгоре таму, ја претвори во пепел и ја фрли пепелта нејзина во општонародните гробишта;
7 и ги разурна блудничките домови што беа кај храмот Господов, каде што жени шиеја облека за Ашера;
8 и ги изведе сите жреци од јудејските градови, ги оскверни идолските светилишта, по кои жреците вршеа кадења, од Гева до Вирсавија, и ги разурна светилиштата пред портите — оние кај влезот кон портите на Исус градоначалникот, и оние одлево кај градските порти.
9 Жреците на идолските светилишта, меѓутоа, не принесуваа жртви врз жртвеникот Господов во Ерусалим, туку јадеа бесквасни лебови заедно со браќата свои.
10 Тој го оскверни и Тофет што е во долината Бен-Хином, та никој да не го пренесува синот свој и ќерката своја преку оган во чест на Молох;
11 и ги урна коњите што јудејските цареви ги ставаа во чест на сонцето пред влезот во домот Господов, близу до собите на дворјанинот Нетан-Мелех, во додатната зграда, а колесниците на сонцето ги изгоре со оган.
12 И жртвениците врз покривот на Ахазовата горна соба што ги направија јудејските цареви, и жртвениците, што Манасија ги беше направил во двата двора на домот Господов, царот ги собори и ги растури оттаму, и правот нивни го фрли во потокот Кедрон.
13 И идолските светилишта пред Ерусалим, десно од Маслиновата Гора, кои Соломон, царот Израелов, ѝ ги беше изградил на Аштарта, идол сидонски, и на Хамос, гад моавски, и на Милком, идол амонски, царот ги оскверни;
14 и ги искрши спомениците од камен, и ги исече столбовите на Ашера, и го наполни местото нивно со човечки коски.
15 Исто така и жртвеникот што беше во Ветил, и идолското светилиште, изградено од Наватовиот син Јеровоам, кој беше го навел Израел во грев — и жртвеникот и светилиштето ги разурна, и ги изгоре, ги претвори во прав, и столбот на Ашера го изгоре.
16 Јошија погледна и ги виде гробиштата што беа таму на гората, па испрати и ги зеде коските од гробовите, ги изгоре врз жртвеникот и го оскверни, според словото Господово што го навести човекот Божји, кој ги беше претскажал тие настани,
17 и Јошија праша: „Каков е тој споменик што го гледам?“ Му одговорија градските жители: „Тоа е гробот на Божјиот човек, кој дојде од Јудеја и го навести ова што ти го правиш сега над ветилскиот жртвеник.“
18 Тогаш тој рече: „Оставете го на мира, никој да не ги обеспокојува коските негови.“ И ги зачува коските негови заедно со коските на пророкот што беше дошол од Самарија.
19 И сите идолски светилишта во самарјанските градови, што израелските цареви ги беа изградиле, разгневувајќи Го Господа, Јошија ги разруши и направи со нив исто, како што направи во Ветил;
20 ги закла сите жреци кај светилиштата што беа таму, кај жртвениците, и изгоре врз нив човечки коски, па се врати во Ерусалим.
21 Тогаш царот му заповеда на сиот народ и рече: „Празнувајте Му Пасха на Господ, вашиот Бог, како што е напишано во таа книга на заветот.“
22 Зашто таква Пасха не беше празнувана од дните на судиите, кои му судеа на Израел, и во сите дни на израелските цареви, и на јудејските цареви;
23 а таа Пасха на Господ беше празнувана во Ерусалим во осумнаесеттата година на царот Јошија.
24 Јошија исто така ги истреби и повикувачите на мртви, и маѓесниците, и вражалците, и идолите, и сите пагански богови што се сретнуваа во јудејската земја и во Ерусалим за да ги исполни зборовите на законот, напишан во книгата што свештеникот Хелкија ја најде во домот Господов.
25 Сличен на него немало цар пред него, кој се свртел кон Господ со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сите свои сили, според целиот закон Мојсеев; и по него не се издигна сличен на него.
26 Но Господ не ја одложи големата јарост на гневот Свој, со која гневот Негов Му се разгори против Јуда за сите навреди, со кои Манасија Го беше разгневил.
27 И Господ рече: „И Јуда ќе го отфрлам од лицето Свое, како што го отфрлив Израел, и ќе го отфрлам тој град Ерусалим што го избрав, и домот, за кој бев рекол: ‚Таму ќе биде името Мое.‘“
28 Другите работи за Јошија и за сѐ што беше извршил тој, е опишано во летописите на јудејските цареви.
29 Во неговите дни египетскиот цар, фараонот Нехо, тргна против асирскиот цар кон реката Еуфрат. Царот Јошија му излезе во пресрет, а оној, штом го виде, го уби во Мегидо.
30 Слугите негови го кренаа мртов од Мегидо, го пренесоа во Ерусалим и го погребаа во гробницата негова, и народот на земјата го зеде Јошиевиот син Јоахаз, го помазаа и го прогласија за цар наместо неговиот татко.
31 Јоахаз беше на дваесет и три години, кога стана цар, и царуваше три месеци во Ерусалим; мајка му се викаше Хамутал, ќерка на Еремија, од Ливна.
32 Тој го вршеше она што не беше угодно пред очите на Господ, во сѐ онака, како што правеа татковците негови.
33 Фараонот Нехо го задржа во Ривла, во земјата Хамат за да не царува во Ерусалим, и наложи данок на земјата сто кикари сребро и еден кикар злато.
34 И фараонот Нехо го направи цар Јошиевиот син Елијаким, место татко му Јошија, и му го промени името на Јоаким, а Јоахаз го зеде и го одведе во Египет, каде што и умре.
35 Јоаким му даваше на фараонот сребро и злато; тој ја оцени земјата за да го внесува среброто по заповед на фараонот; тој бараше од секого од народот на земјата, според оценката негова, сребро и злато за да му дава на фараонот Нехо.
36 Јоаким беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше единаесет години во Ерусалим; мајка му се викаше Зевуда, ќерка на Федаја, од Рума.
37 И тој го вршеше она што не беше угодно пред очите на Господ во сѐ онака, како што го правеа предците негови.