2 Kings 22
1 Јошија беше на осум години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим триесет и една година; мајка му се викаше Једида, ќерка на Адаја, од Боцкат.
2 Тој го правеше она што беше правилно пред очите на Господ, во сѐ одеше по патот на неговиот предок Давид и не се отклонуваше ни десно, ни лево.
3 Кога беше на осумнаесет години, царот Јошија го испрати писарот Сафан, син на Ацалија, Мешуламовиот син, во домот на Господ, велејќи:
4 „Оди кај првосвештеникот Хелкија, нека го земе среброто донесено во домот на Господ што го собраа од чуварите на портите,
5 и нека го дадат во рацете на распоредниците, поставени кај храмот Господов, а тие да го потрошат за работниците во домот Господов за поправка на штетите во домот:
6 на дрводелците, на каменоресците, на ѕидарите и за купување дрва и делкани камења за поправка на храмот;
7 но да не се бара од нив сметка за среброто, предадено во рацете нивни, бидејќи тие постапуваат чесно.“
8 И му кажа првосвештеникот Хелкија на писарот Сафан: „Јас ја најдов во домот Господов книгата на законот.“ И Хелкија му ја подаде книгата на Сафан, и тој ја читаше.
9 Дојде писарот Сафан кај царот и му донесе на царот одговор, велејќи: „Твоите слуги го зедоа среброто, најдено во домот, и го предадоа во рацете на распоредниците, поставени кај домот Господов.“
10 Писарот Сафан му соопшти уште на царот и рече: „Една книга ми даде свештеникот Хелкија.“ И Сафан ја читаше пред царот.
11 Кога царот ги чу зборовите од книгата на законот, ја раскина облеката своја.
12 Тогаш царот заповеда на свештеникот Хелкија, на Ахикам, Сафанов син, на Ахбор, син на Михаја, на писарот Сафан и на царскиот слуга Асаја, велејќи:
13 „Одете, прашајте Го Господа за мене, за народот и за цела Јудеја во врска со зборовите на таа најдена книга, зашто голем е гневот Господов што се разгорел против нас, поради тоа што нашите татковци не ги послушаа зборовите на таа книга за да постапуваат според она што ни е заповедано во неа.“
14 И отиде свештеникот Хелкија со Ахикам, Ахбор, Сафан и Асаја кај пророчицата Хулда, жена на одеждочуварот Селум, син на Тиква, Хархасов син — а таа живееше во Ерусалим, во вториот дел, — и зборуваа со неа.
15 А таа им рече: „Вака вели Господ, Бог Израелов: ‚кажете му на човекот што ве испрати кај Мене:
16 вака вели Господ: ќе испратам зло во тоа место и врз жителите негови — како што е напишано во книгата што ја прочита јудејскиот цар.
17 Поради тоа што Ме оставија и кадат на други богови за да Ме предизвикуваат со сите работи на рацете свои, се разгневи гневот Мој против тоа место, и нема да угасне.‘
18 А на јудејскиот цар што ве испратил да Го прашате Господа, кажете му: — вака вели Господ, Бог Израелов, за зборовите што ги чу:
19 ‚поради тоа што смекна срцето твое, и ти се смири пред Господ, откако го чу ова што Јас го изреков против тоа место и против жителите негови дека тие ќе бидат за ужас и проклетство, и ти ја раскина облеката своја и плачеше пред Мене, Јас те чув — вели Господ.
20 Поради тоа, еве, Јас ќе те приберам кај татковците твои, и ќе бидеш ставен во гробницата своја во мир, и твоите очи нема да ги видат сите тие зла што ќе ги испратам во тоа место.‘“ И му донесоа на царот одговор.