2 Kings 17
1 Осија, синот на Ила, стана цар во Самарија над Израел во дванаесеттата година од владеењето на јудејскиот цар Ахаз и царуваше девет години,
2 а го вршеше она што не беше правилно пред очите на Господ, но не така, како израелските цареви што беа пред него.
3 Против него се крена асирскиот цар Салманасар, и Осија му стана потчинет, та му даваше данок.
4 Асирскиот цар забележа кај Осија заговор, зашто тој беше испратил пратеници кај египетскиот цар Со и не му даваше данок на асирскиот цар секоја година; тогаш асирскиот цар го зеде под стража и го затвори во темница.
5 И се крена асирскиот цар против целата земја, се приближи до Самарија и ја држеше под опсада три години.
6 Во деветтата година од владеењето на Осија, асирскиот цар ја презеде Самарија, ги пресели Израелците во Асирија и ги насели во Халах и покрај реката Хавор во Гозан, и во градовите мидиски.
7 Но тоа дојде, затоа што Израеловите синови почнаа да грешат пред Господ, својот Бог, Кој ги изведе од египетската земја, од раката на египетскиот цар — фараонот, и почнаа да почитуваат други богови,
8 и да постапуваат според обичаите на народите, кои Господ ги беше избркал пред лицето на Израеловите синови, и според обичаите на израелските цареви, како што тие постапуваа.
9 А почнаа Израеловите синови да прават лоши работи пред Господ, својот Бог, си подигнаа идолски светилишта по сите свои населби, и тоа, почнувајќи од стражарската кула, па сѐ до утврдените градови.
10 И си поставија идоли и светилишта на секој повисок рид и под секое зелено дрво,
11 и кадеа таму по сите идолски светилишта, како народите што ги беше избркал од нив Господ, и правеа лоши работи што Го разгневуваа Господа,
12 и им служеа на идолите, за кои им беше говорел Господ: „Не правете го тоа!“
13 Тогаш Господ преку сите Свои пророци, преку секој гледач го опоменуваше Израел и Јуда, велејќи: „Вратете се од лошите патишта и пазете ги заповедите Мои, наредбите Мои, целиот закон што сум им го наложил на татковците ваши, и што сум ви го предал преку слугите Мои, пророците.“
14 Но тие не послушаа и останаа тврдоглави, какви што беа и нивните татковци, кои не веруваа во Господ, својот Бог;
15 тие ги презреа наредбите Негови и заветот Негов што Тој го беше склучил со нивните татковци, и откровенијата Негови, со кои им беше посведочил, па тргнаа по патот на празноверието, — и самите станаа празноверни, како што и околните народи, за кои Господ им беше заповедал да не постапуваат како нив.
16 Тие ги отфрлија сите заповеди на Господ, својот Бог, си направија излеани идоли на две телиња, си направија и столбови на Ашера, и се поклонуваа на сета небесна војска, му служеа и на Ваал,
17 ги пренесуваа преку оган синовите свои и ќерките свои, се оддадоа на гатање и магии и правеа зло пред очите на Господ, и Го разгневуваа.
18 Затоа Господ силно се разгневи на Израелците и ги отфрли од лицето Свое, така што остана само едно Јудино племе.
19 Но и Јуда не внимаваше на заповедите на Господ, неговиот Бог, и постапуваше според обичаите на Израелците, како што постапуваа тие.
20 И Господ се одврати од сите потомци на Израел, ги понизи и ги предаваше во рацете на ограбувачите и, најпосле, ги отфрли од лицето Свое.
21 Израелците се беа отцепиле од Давидовиот дом и го беа зацариле Наватовиот син Јеровоам. Јеровоам ги оттргна од Господ и ги наведе на голем грев.
22 И синовите Израелови одеа во сите гревови на Јеровоам, какви што тој ги правеше, и не отстапуваа од нив,
23 додека Господ не го отфрли Израел од лицето Свое, како што беше говорел преку сите слуги Свои, пророците. И Израел беше преселен од земјата своја во Асирија, каде што е и до денес.
24 Асирскиот цар доведе луѓе од Вавилон, и од Кута, и од Ава, и од Хамат и од Сефарваим и ги насели во самарјанските градови, место Израеловите синови. И тие ја запоседнаа Самарија и почнаа да живеат во градовите нејзини.
25 И бидејќи во почетокот, кога се населија таму, тие не Го почитуваа Господа, тогаш Господ им испраќаше лавови што ги давеа.
26 Му јавија на асирскиот цар и рекоа: „Народите што си ги преселил и населил во самарјанските градови, не го знаат законот на Бога од таа земја, и затоа Тој им испраќа лавови, и ете, тие ги дават, зашто не го знаат законот на Бога од онаа земја.“
27 И асирскиот цар заповеда и рече: „Испратете таму еден од свештениците што ги иселивте оттаму; нека оди и нека живее таму, и тој ќе ги просвети во законот на Бога на онаа земја.“
28 И дојде еден од оние свештеници што беа преселени од Самарија, и живееше во Ветил, и ги учеше, како да Го почитуваат Господа.
29 Но секој народ си направи и свои богови и ги постави во идолските светилишта по височините, кои си ги направија жителите од Самарија, секој народ во градовите свои, каде што живееше.
30 Вавилонците направија Сукот-Бенот, жителите на Кута-Нергал, жителите на Хамат-Ашима,
31 Авијците на Нивхаз и Тартак, а Сефарваимците ги изгореа во оган синовите свои во чест на Адрамелех и Анамелех, богови на Сефарваим.
32 Меѓутоа, Го почитуваа и Господа и поставија од средината своја свештеници по нивните светилишта, и тие вршеа служба во нив.
33 Тие Го почитуваа Господа, но на боговите свои им служеа според обичајот на народите, од чија средина ги преселија.
34 Тие постапуваат и до денес според обичаите свои: не се плашат од Господ и не постапуваат по одредбите, ни по обичаите, ни по законот и ни по заповедите што Господ им ги даде на синовите на Јаков, кому му го даде името Израел.
35 Господ склучи со нив завет и им заповеда, велејќи: „Не почитувајте други богови и не им се поклонувајте, немојте да им служите и не принесувајте им жртви,
36 а Господ, Кој ве изведе од египетската земја со голема сила и цврста рака, Него почитувајте Го, Нему поклонувајте Му се и Нему принесувајте Му жртви;
37 одредбите и наредбите, законот и заповедите што Тој ги напиша за вас, трудете се да ги исполнувате преку сите дни, и не почитувајте други богови;
38 не го заборавајте заветот што го склучив со вас, и не плашете се од други богови;
39 почитувајте Го само Господа, вашиот Бог, и Тој ќе ве спаси од рацете на сите ваши непријатели.“
40 Но тие не послушаа, туку постапуваа според поранешните свои обичаи.
41 А имаше народи што Го почитуваа Господа, но и на своите идоли им служеа. Па и децата нивни и внуците нивни до денес постапуваат така, како што постапуваа нивните предци.