2 Kings 16
1 Ахаз, синот на јудејскиот цар Јотам, стана цар во седумнаесеттата година на Ремалиевиот син Факиј;
2 Ахаз беше на дваесет години, кога стана цар; тој царуваше шеснаесет години во Ерусалим, и не го правеше она што беше правилно пред очите на Господ, својот Бог, како неговиот предок Давид,
3 туку одеше по патот на израелските цареви, и дури синот свој преку оган го пренесе, следејќи ги одвратните дела на народите што Господ ги беше отстранил од пред лицето на Израеловите синови;
4 принесуваше жртви и кадеше по идолските светилишта и по могилите и под секое сенчесто дрво.
5 Тогаш царот на Арам Рецин и Ремалиевиот син Факиј, израелскиот цар, тргнаа против Ерусалим за да го освојат и го држеа Ахаз под опсада, но не можеа да победат.
6 Во она време арамејскиот цар Рецин ѝ го врати на Арам Елат и ги истера Јудејците од Елат; и Едомците се населија во Елат, каде што живеат и до денес.
7 Ахаз испрати гласници до асирскиот цар Тиглат-Пилесер да кажат: „Јас сум твој роб и твој син; дојди и заштити ме од раката на арамејскиот цар и од раката на израелскиот цар, кои се кренаа против мене.“
8 Ахаз зеде сребро и злато, колку што се најде во домот Господов и во ризницата на царскиот дом, и му го испрати како дар на асирскиот цар.
9 Асирскиот цар го послуша: и отиде асирскиот цар во Дамаск, го презеде и ги пресели жителите негови во Кир, а Рецин го уби.
10 Царот Ахаз отиде да го пречека асирскиот цар Тиглат-Пилесер во Дамаск и го виде жртвеникот што беше во Дамаск, и му го испрати царот Ахаз на свештеникот Урија ликот на жртвеникот и план на целиот жртвеник.
11 А свештеникот Урија изгради жртвеник според планот што царот Ахаз му го испрати од Дамаск; тоа го направи свештеникот Урија, пред да дојде од Дамаск царот Ахаз.
12 Кога дојде царот од Дамаск, го виде жртвеникот, се доближи тој до жртвеникот и принесе на него жртва.
13 Запали своја жртва сепаленица, принесе жртва приносница и жртва леаница и го пороси жртвеникот со крвта на неговата жртва за помирување.
14 А бронзениот жртвеник што беше пред лицето Господово, го премести од предната страна на храмот, од местото меѓу новиот жртвеник и домот Господов, и го постави отстрана на тој жртвеник кон север.
15 И му заповеда царот Ахаз на свештеникот Урија и рече: „На големиот жртвеник пали ги утринските сепаленици и вечерната жртва приносница, сепаленицата од царот и жртвата приносница од него, сепалениците од сите луѓе на земјата и жртвата приносница, и жртвата леаница од нив, и роси го жртвеникот со крвта на секоја сепаленица и со крвта на секоја жртва, а бронзениот жртвеник да остане, додека јас да размислам.“
16 Свештеникот Урија го изврши сето тоа, како што заповеда царот Ахаз.
17 И ги извади царот Ахаз краиштата на подножјата, ги симна од нив мијалниците, го симна и бронзеното море од бронзените волови што беа под него и го постави на под од камен.
18 И ја крена саботната стреа што беше вградена пред храмот и надворешниот царски влез во домот Господов, заради асирскиот цар.
19 Другите дела на Ахаз што тој ги извршил, опишани се во летописите на јудејските цареви.
20 И почина Ахаз кај своите предци, и беше погребан кај своите предци во Давидовиот град. На негово место се зацари неговиот син Езекија.