2 Kings 12
1 Јоас беше на седум години, кога стана цар.
2 Тој стана цар во седмата година од владеењето на Јуј и царуваше во Ерусалим четириесет години. Мајка му се викаше Цивија, од Вирсавија.
3 А Јоас го правеше она што беше правилно пред очите на Господ во сите денови додека го поучуваше свештеникот Јодај;
4 само идолските светилишта не беа урнати; народот уште принесуваше жртви и кадеше по тие светилишта.
5 Јоас им кажа на свештениците: „Сите пари од посветените дарови што се донесуваат во домот Господов, парите кои некому му се наметнати со процена, и парите што некои по сопствена волја ги принесуваат во домот Господов;“
6 „Свештениците нека ги приберат, секој од својот познат, и со нив нека го поправат расипаното во храмот, насекаде, каде што ќе се најде оштетено.“
7 Но бидејќи до дваесет и третата година на царот Јоас свештениците не ги поправаа расипаните работи во храмот,
8 царот Јоас го повика тогаш свештеникот Јодај и свештениците и им рече: „Зошто не ги поправате расипаните работи во храмот? Отсега нема веќе да прибирате пари од своите познати, туку ќе ги оставате за поправка на храмот.“
9 И свештениците се согласија да не прибираат веќе кај себе пари од народот за поправки во храмот.
10 Тогаш свештеникот Јодај зеде едно ковчеже, му направи одозгора отвор и го стави до жртвеникот десно, каде што влегуваа во домот Господов. И свештениците што стоеја на стража кај вратата, ги пуштаа таму сите пари што се внесуваа во домот Господов.
11 И кога ќе видеа дека има многу пари во ковчежето, доаѓаше царскиот писар и првосвештеникот и ги врзуваа во торби и ги пребројуваа парите што се наоѓаа во домот Господов,
12 а преброените пари ги предаваа во рацете на определените за надзорници на домот Господов, и тие им плаќаа на дрводелците што работеа во домот Господов,
13 и на ѕидарите, и на каменоделците, и за купување дрва и делкани камења, за поправки во домот Господов, и за сѐ што се трошеше за одржување на храмот.
14 Но за домот Господов не беа направени ни сребрени чинии, ни штипки, ни котлиња за росење, ни труби — никакви златни садови, и сребрени садови не беа направени од парите што се внесуваа во домот Господов,
15 туку ги предаваа на надзорниците и тие го поправаа со нив домот Господов.
16 И не бараа сметка од оние, на кои им ги доверуваа парите за плаќање на работниците, зашто тие постапуваа чесно.
17 Парите од жртвите за вина и парите од жртвите за грев не се внесуваа во домот Господов: тоа беше за свештениците.
18 Тогаш царот на Арам Азаил тргна во поход, отиде да војува против Гет, и го презеде; а потоа Азаил намисли да оди против Ерусалим.
19 Но јудејскиот цар Јоас го зеде сето жртвувано што го беа жртвувале на храмот неговите предци, јудејските цареви Јосафат, Јорам и Охозија, и што самиот го беше жртвувал, и сето злато, најдено во ризниците на домот Господов и на царскиот дом, и му го испрати на арамејскиот цар Азаил; тој тогаш го напушти Ерусалим.
20 Другото за Јоас и за сѐ што тој извршил, е опишано во летописите на јудејските цареви.
21 И се побунија слугите негови, направија заговор и го убија Јоас во Бет-Мило, на патот за Сила.
22 Го убија слугите негови: Јозавад, синот на Шимат, и Јехозавад, синот на Шомер, и тој умре, и го погребаа кај неговите предци во Давидовиот град. На негово место стана цар неговиот син Амасија.