2 Kings 10
1 Ахав имаше седумдесет синови во Самарија. Јуј напиша писма и ги испрати во Самарија до управителите на градот, старешините и воспитувачите на Ахавовите деца со ваква содржина:
2 „Кога ќе стигне до вас ова писмо, бидејќи се кај вас синовите на господарот ваш, а исто така кај вас се и колите и коњите, и утврдениот град и оружјето, —
3 изберете го најдобриот и најдостојниот од синовите на господарот свој, поставете го на престолот на татко му и војувајте за домот на господарот свој.“
4 Тие се уплашија многу и рекоа: „Ете, двајца цареви не издржаа пред него, а како ќе издржиме ние?“
5 Тогаш управникот на царскиот дворец, воениот командант и на управителот на градот, старешините и воспитувачите испратија гласници да му кажат на Јуј: „Ние сме твои слуги и што ќе ни кажеш, ќе направиме; никого нема да поставиме за цар; прави што ти е волја.“
6 Тој повторно им напиша вакво писмо: „Ако сте мои и ако се покорувате на зборот мој, земете ги главите на синовите на вашиот господар и дојдете утре во ова време кај мене во Јизреел.“ А царските синови беа седумдесет на број, и ги воспитуваа највидните во градот.
7 Кога стигна до нив писмото, тие ги зедоа царските синови и ги заклаа — сите седумдесет, ги ставија главите нивни во кошници и му ги испратија во Јизреел.
8 Дојде гласникот, го извести и рече: „Ги донесовме главите на царските синови.“ И тој рече: „Поставете ги во два купа пред влезот на портите до утре.“
9 Изутрината тој излезе, застана и му рече на сиот народ: „Вие не сте виновни. Еве, јас востанав против господарот свој и го убив, но сите овие кој ги уби?
10 А сега знајте дека нема да пропадне на земјата ниедно слово Господово што Тој го изрекол за Ахавовиот дом; Господ го направи тоа што го изрече преку Својот слуга Илија.“
11 И Јуј ги уби сите други од семејството на Ахав во Јизреел, и сите големци негови, и блиски негови, и свештениците негови, така што од него не остана ниту еден.
12 Потоа стана, тргна и дојде во Самарија. По патот, кога се наоѓаше близу до Бет-Екед-Роим,
13 Јуј ги сретна браќата на јудејскиот цар Охозија и ги праша: „Кои сте вие?“ Тие одговорија: „Ние сме браќата на Охозија, одиме да видиме, здрави ли се синовите на царот и синовите на царицата.“
14 А тој рече: „Фатете ги живи.“ Ги фатија живи и ги заклаа сите четириесет и двајца, кај кладенецот на Бет-Екед, и од нив не остана ниту еден.
15 Оттаму тргна и се сретна со Рихавовиот син Јонадав, кој му доаѓаше во пресрет; го поздрави и му рече: „Дали е твоето срце така искрено кон моето, како што е моето срце кон твоето?“ Јонадав одговори: „Да.“ Тогаш му рече: „Ако е така, дај ја раката своја.“ И тој ја подаде раката, и тој го качи на колата кај себе.
16 И рече: „Тргнувај со мене и гледај ја мојата ревност кон Господ.“ И го наместија во колата.
17 Кога дојде во Самарија, тој ги уби сите преживеани од родот на Ахав во Самарија, така што сосема го истреби, според словото на Господ што му го беше кажал на Илија.
18 Тогаш Јуј го собра сиот народ и рече: „Ахав малку му служеше на Ваал; Јуј ќе му служи повеќе.
19 Затоа, свикајте ги кај мене сите пророци на Ваал, сите негови служители и сите негови свештеници, — никој да не отсуствува, зашто ќе му принесам голема жртва на Ваал. А секој што нема да дојде, нема да остане жив.“ Јуј го правеше тоа со лукавство за да ги истреби Вааловите служители.
20 Тогаш рече Јуј: „Свикајте празничен собор за Ваал.“ И прогласија собор.
21 Тогаш Јуј испрати гласници по сиот Израел, и дојдоа сите Ваалови служители; не остана ниеден да не дојде; и влегоа во храмот на Ваал, и Вааловиот дом се исполни открај докрај.
22 И му кажа на чуварот на одеждите: „Донеси одежди за сите Ваалови служители!“ И тој им донесе одежди.
23 Јуј влезе со Рихавовиот син Јонадав во домот Ваалов и им кажа на Вааловите служители: „Испитајте и разгледајте, дали се наоѓа некој од служителите на Господ, зашто тука треба да бидат само Вааловите служители.“
24 И тие пристапија да принесуваат жртви сепаленици и приноси. А Јуј постави надвор од домот осумдесет мажи и рече: „Ако некој од вас допушти да избега макар еден од овие мажи што ви ги предавам во ваши раце, со својата душа ќе плати за неговата душа.“
25 Кога жртвите сепаленици беа принесени, Јуј им рече на телохранителите и на дворјаните: „Одете, убијте ги, та ниеден да не излезе!“ Телохранителите и дворјаните ги убија со сечилото на мечот и ги исфрлија, и навлегоа дури во самото светилиште на Вааловиот храм.
26 Ги изнесоа идолите од Вааловото светилиште и ги изгореа;
27 потоа го разбија Вааловиот жртвеник, го разрушија Вааловото светилиште и го претворија во јама за ѓубриште, до ден-денес.
28 Така го истреби Јуј Ваал од израелската земја.
29 Но од гревовите на Наватовиот син Јеровоам што го беше навел во грев Израел, од нив Јуј не отстапи — од златните телиња што беа во Ветил и во Дан.
30 Тогаш Господ му рече на Јуј: „Поради тоа што доброволно го изврши она што беше праведно пред очите Мои — го исполни над Ахавовиот дом сѐ она што Ми беше на срце, твоите синови ќе седат до четвртото колено на Израеловиот престол.“
31 Но Јуј не внимаваше со сето срце да оди според законот на Господ, Бог Израелов. Тој не отстапуваше од гревовите на Јеровоам, кој го беше навел во грев Израел.
32 Во тие денови Господ почна да откинува делови од Израел и Азаил ги биеше по сите израелски предели:
33 на исток од Јордан, целата земја Галаад, племето Гадово, Рувимово, Манасиево, од Ароер, кој е на брегот од потокот Арнон — целиот Галаад и Башан.
34 Другото за Јуј и за сѐ што тој го изврши, и за јуначките подвизи негови, е опишано во летописите на израелските цареви.
35 И почина Јуј кај своите предци, и го погребаа во Самарија. На негово место се зацари неговиот син Јоахаз.
36 Јуј царуваше над Израел во Самарија дваесет и осум години.