2 Chronicles 8
1 Откако, изминаа дваесет години, во кое време Соломон го градеше домот Господов и својот дом,
2 Соломон ги изгради и градовите, што му ги беше дал Хирам, и ги всели во нив синовите израелски.
3 Потоа отиде Соломон против Хамат-Цова и го презеде.
4 Го изгради Тадмор во пустината и сите градови за житници, какви што направи во Хамат.
5 Ги изгради Горни Веторон и Долни Веторон, градови утврдени со ѕидишта, порти и резиња,
6 и Ваалат и сите градови за складови, во кои Соломон имаше житници, сите градови за коли и градови за коњаница, и сѐ што сакаше да изгради Соломон во Ерусалим и во Ливан и по целата земја на своето царство.
7 Сите луѓе, останати од Хитијците, Аморејците, Перизијците, Евејците и Јевусијците, што не беа од синовите Израелови —
8 децата нивни, останати по нив на земјата, кои синовите Израелови не ги беа истребиле — Соломон ги потчини и принуди да плаќаат данок сѐ до ден-денес.
9 А синовите Израелови Соломон што не ги направи слуги за свои работи, тие беа војници и главни над неговите воени началници и заповедници на колите и коњаницата негова.
10 Главните настојници, што управуваа со народот кај царот Соломон, беа двесте и педесет.
11 Соломон ја пренесе ќерката фараонова од Давидовиот град во домот, што го изгради за неа, зашто, велеше тој, жена не смее да живее кај мене во домот на израелскиот цар Давид, бидејќи домот е осветен: во него е влезен ковчегот Господов.
12 Тогаш Соломон почна да Му принесува сепаленици на Господ на жртвеникот Господов, што беше го изградил пред тремот,
13 за принесување сепаленици, според наредбите секој ден, како што беше заповедал Мојсеј, во саботите и во новомесечијата и во празниците трипати во годината: на празникот Бесквасници, на празникот Седмици и на празникот Сеници.
14 И ги установи, според распоредот на татко си Давид, смените и свештениците според службата нивна, на левитите според смените нивни, за да славословат и да служат при свештениците според потребите за секој ден, и на вратарите според смените нивни, кај секоја врата, бидејќи таква беше заповедта на Давид, Божјиот човек.
15 И не отстапуваа од царевите заповеди за свештениците и за левитите во ништо, ниту пак за ризницата.
16 Така беше подготвена целата работа на Соломон од денот, кога се основа домот Господов, до целосното завршување негово.
17 Тогаш отиде Соломон во Ецјон-Гевер и во Елат, што е на морскиот брег, во земјата едомска.
18 И Хирам му испрати по свои слуги кораби и слуги, што го знаеја морето, и тие отидоа со слугите Соломонови во Офир, од каде што изнесоа четиристотини и педесет кикари злато, и му го донесоа на царот Соломон.