2 Chronicles 28
1 Ахаз беше на дваесет години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим шеснаесет години; и тој не го правеше угодното во очите Господови, како што правеше неговиот предок Давид;
2 тој одеше по патот на израелските цареви, и дури направи излеани кипови на Вааловци;
3 и тој кадеше во долината на Хиномовите синови, и ги протеруваше низ огин синовите свои, според гнасотиите на оние народи, кои Господ ги прогони пред лицето на израелските синови;
4 принесуваше жртви и кадеше по оброчиштата и по ридовите и под секое разгрането дрво.
5 Затоа Господ, неговиот Бог, го предаде во рацете на арамејскиот цар, и Арамејците го разбија и му зедоа многу заробеници, кои ги одведоа во Дамаск. Беше предаден и во рацете на израелскиот цар, и тој му нанесе голем пораз.
6 Факиј, син Рамалиев уби во еден ден сто и дваесет илјади Јудејци, храбри војници, затоа што Го беа оставиле Господ, Бог на нивните предци.
7 А Зихриј, силен јунак од Ефремците, го уби Маасејаху, царевиот син, и Азрикам, началник на дворот, и Елкана, втор по царот.
8 И зедоа синовите израелски од браќата свои, Јудејците, двесте илјади жени, синови и ќерки; ограбија и многу плен од нив, и го однесоа ограбеното во Самарија.
9 Таму имаше пророк Господов, по име Одед. Тој излезе пред војската, која одеше во Самарија, и им рече: „Ете, Господ, Бог на предците ваши, во гневот Свој против Јудејците, ги предаде во ваша рака, и вие ги избивте со таква јарост, која стигна до небесата.
10 И сега мислите да ги направите синовите на Јуда и Ерусалим ваши робови и робинки. А зар немате и вие вина пред Господ, вашиот Бог?
11 Затоа послушајте ме, и вратете ги заробениците, што сте ги заробиле од браќата свои, зашто пламенот на гневот Господов е на вас.“
12 И некои од началниците на синовите Ефремови: Азарија, син Јоананов, Варахија, син Мешилемотов, Езекија, син Салумов, и Амаса, син Хадлаев, застанаа спроти оние што доаѓаа од војна.
13 И им рекоа: „Не доведувајте ги заробениците тука, зашто би згрешиле пред Господ. Зар мислите да придодадете уште кон гревовите наши и кон престапите наши? Нашата вина е голема, и пламенот на гневот Господов е врз Израел.“
14 И вооружените ги оставија заробениците и пленот кај воените началници и пред целото собрание.
15 И станаа споменатите по име мажи, ги зедоа заробениците, и сите што беа голи ги облекоа од ограбеното — ги облекоа и ги обуја, и ги нахранија, и ги напоија, и ги помазаа со масло, и ги качија на магариња сите слаби, и ги испратија во Ерихон, град на палмите, кај браќата нивни, и се вратија во Самарија.
16 Во тоа време царот Ахаз ги замоли асирските цареви да му помогнат,
17 зашто Едомците уште напаѓаа и мнозина убија и заробија во Јудеја.
18 А Филистејците се раширија по градовите во низината и во јужна Јудеја и го презедоа Ветсамис и Ајалон, Гедерот и Сохо со потчинетите му градови. Тимна со потчинетите ѝ градови и Гимзо со потчинетите му градови, и се населија таму.
19 Така ја понижи Господ Јудеја поради Ахаз, царот јудејски, зашто тој ја разврати Јудеја и тешко грешеше пред Господ.
20 И дојде кај него асирскиот цар Тилгат-Пилнесер, но му беше од штета, наместо да му помогне,
21 зашто Ахаз ги зеде ризниците од домот Господов, од царскиот дом и од началниците, и сѐ му даде на асирскиот цар, но и тоа не му помогна.
22 И во таа притеснета положба тој продолжуваше да прави беззаконија пред Господ, таков беше царот Ахаз;
23 им принесуваше жртви на дамаските богови, мислејќи дека тие го поразија, па велеше: „Боговите на арамејските цареви им помагаат; ќе им принесам жртва, тие и мене ќе ми помогнат.“ Но тие му беа за пропаст и нему и на целиот Израел.
24 Ги собра Ахаз садовите на домот Божји и ги разби, ја затвори вратата на домот Господов и си изгради жртвеници по сите агли на Ерусалим,
25 по сите градови Јудини направи оброчишта, за да кади на туѓи богови, и Го дразнеше Господ, Бог на своите предци.
26 Другите дела и сите негови постапки, од првите па до последните, се опишани во Книгата на царевите јудејски и израелски.
27 И почина Ахаз кај своите предци, и го погребаа во градот, во Ерусалим, но не го внесоа во гробниците на израелските цареви. Наместо него стана цар синот негов Езекија.