2 Chronicles 14
1 Аса го правеше она што беше добро и угодно пред очите на неговиот Господ Бог;
2 тој ги отстрани жртвениците на туѓите богови и идолските светилишта, ги скрши статуите и ги исече паганските столбови;
3 им заповеда на Јудејците да Го бараат Господ, Бог на нивните предци, да го исполнуваат законот Негов и заповедите;
4 ги отстрани од сите градови Јудини идолските светилишта и статуите на сонцето. И царството негово беше спокојно.
5 И бидејќи беше спокојна земјата, тој изгради тврдини во Јудеја; тој не војуваше во тие години, зашто Господ му беше дал спокојство.
6 И им рече Аса на Јудејците: „Да ги изградиме овие градови и да ги заградиме со ѕидиште и кули, со порти и клучеви; земјата е уште наша, зашто ние Го побаравме Господа, нашиот Бог; ние Го побаравме, и Тој ни даде спокојство од сите страни.“ И почнаа да градат, и успеваа.
7 Воената сила на Аса беше: од Јудиното колено триста илјади вооружени со штитови и копја, од Венијаминовото колено двесте и осумдесет илјади јунаци, вооружени со штитови и стрелци со лак.
8 И се крена против нив Зерах, Етиопјанин, со еден милион војска и триста коли, и стигна до Мареша.
9 Му излезе Аса во пресрет, и се распоредија за борба во долината Сефата, кај Мареша.
10 Повика Аса кон Господ, неговиот Бог, и рече: „Господи, нели е во Твоја сила да им помагаш на силни и слаби? Тогаш помогни ни нам, Господи, Боже наш, зашто ние на Тебе се надеваме и во Твое име излеговме против ова множество. Господи, Ти си наш Бог; да не биде човекот посилен од Тебе.“
11 И Господ ги порази Етиопјаните пред Аса и пред Јуда, и Етиопјаните избегаа.
12 Аса, пак, и народот со него ги гонеше до Герар; Етиопјаните паднаа толку, што ниеден не остана жив, зашто беа поразени пред Господ и пред Неговата војска. И собраа прилично голем плен.
13 Ги разрушија сите градови околу Герар, зашто ужас од Господ налета врз нив; и ги ограбија сите градови и изнесоа од нив многу голем плен.
14 Ги разрушија и пастирските колиби, ограбија многу стада од ситен добиток и камили, и се вратија во Ерусалим.