Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

2 Chronicles 10

:
Macedonian - 2006
1 Ровоам отиде во Сихем, зашто во Сихем се беа собрале сите Из­раелци, за да го изберат за цар.
2 Кога чу за тоа Јеровоам, синот На­ватов, кој се наоѓаше во Египет, каде што беше избегал од царот Соломон, тој се врати од Египет.
3 Испратија да го повикаат. Дојде Јеровоам и сиот Израел, и му говореа на Ровоам вака:
4 „Твојот татко ни наложи тежок ја­рем; ти, пак, олесни ни го тешкото ропство од татко ти и тешкиот јарем, што ни го наложи тој, и ние ќе ти служиме.“
5 Ровоам им одговори: „По три дена дојдете пак кај мене.“ И народот се разотиде.
6 Се посоветува царот Ровоам со старешините, што стоеја пред татко му Соломон, додека беше жив, и им рече: „Што ќе ме посоветувате да му одговорам на овој народ?“
7 Тие му одговорија: „Ако бидеш добар кон овој народ и му угодиш, ако му говориш благи зборови, тој ќе ти служи во сите дни.“
8 Но тој го отфрли советот, што му го дадоа старешините, па почна да се советува со младите, што беа израснале заедно со него и служеа кај него;
9 па им рече: „Што ќе ми советувате да им одговорам на оние луѓе, што ми рекоа вака: ‚Олесни ни го јаремот, што ни го наложи татко ти?‘“
10 Младите, што беа израснале со него, му одговорија и рекоа: „Вака кажи им на тие луѓе, што ти рекле: ‚твојот татко ни наложи тежок јарем, ти, пак олесни ни го,‘ вака кажи им: ‚малиот прст ми е подебел од бедрата на татко ми.
11 Татко ми ви наложи тежок јарем, јас, пак, ќе го зголемам вашиот јарем; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве бијам со скорпии.‘“
12 Дојде Јеровоам и сите луѓе кај Ровоам на третиот ден, како што им беше заповедал царот, велејќи: „Дојдете кај мене пак по три дена.“
13 Тогаш царот им одговори грубо, бидејќи царот Ровоам го отфрли советот на старешините, и им говореше според советот на младите вака:
14 „Татко ми ви наложи тежок јарем, јас пак ќе го зголемам; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве бијам со скорпии.“
15 И царот не го послуша народот, зашто така беше определено од Бога, за да го исполни Господ зборот Свој, што го беше изрекол преку Ахија Сило­мецот за Наватовиот син Јеро­воам.
16 Кога сиот Израел виде дека царот не го слуша, народот му одговори на царот, велејќи: „Каков дел имаме со Давид? За нас нема дел во синот Јесеев; по шаторите свои, Израелу! Сега знај го својот дом, Давиде!“ И се разотидоа сите Израелци по шато­рите свои.
17 А Ровоам остана цар само на синовите Израелови, што живееја во Јудините градови.
18 Царот Ровоам го испрати Хадо­рам, кој беше над даноците, но Израелците го каменуваа, и тој умре. А царот Ровоам побрза да седне в кола, за да избега во Ерусалим.
19 Така се одметнаа Израелците од домот Давидов и до денес.