1 Samuel 302006

1На третиот ден, откако Давид и луѓето негови тргнаа за Циклаг, Амаликијците го нападнаа Циклаг од југ, го презедоа и го изгореа со оган;

2жените, пак, и сите што беа во него, од мал до голем, не ги убија, туку ги одведоа во плен и отидоа по патот свој.

3Се приближи Давид и луѓето негови до градот, и ете, тој е изгорен со оган, а жените нивни, синовите нивни и ќер­ките нивни се земени во плен.

4Давид и народот што беше со него, почнаа да викаат и да плачат, додека имаше сила во нив за плачење.

5Беа земени во плен и двете жени Давидови: Ахиноам, јизреелката, и Авигеја, поранешната Навалова жена, од Кармил.

6Давид беше многу збунет, бидејќи народот сакаше да го убие со камења; зашто сиот народ страдаше во душата, секој за синовите свои и за ќерките свои.

7Но Давид се закрепи со надежта во Господ, својот Бог; и му рече Давид на свештеникот Авијатар, синот на Ахи­мелех: „Донеси ми го ефодот.“ И Авијатар му го однесе ефодот на Давид.

8Давид Го праша Господа, велејќи: „Да го гонам ли тоа мноштво, и ќе ги стигнам ли?“ А одговорот му беше: „Гони, ќе стигнеш и ќе ги избавиш.“

9И тргна Давид, тој и шестотини мажи што беа со него; и дојдоа до пото­кот Бесор, каде што изморените застанаа.

10И ги гонеше Давид, тој сам со четиристотини души; а двестете души останаа, зашто немаа сила да го преминат Бесорскиот поток.

11Најдоа еден Египќанин во полето, го доведоа кај Давид, му дадоа леб да јаде, и го напоија со вода;

12и му дадоа дел од низа смокви и два грозда суво грозје, и тој јадеше и се поткрепи, зашто не беше јадел леб и не беше пиел вода три дни и три ноќи.

13Тогаш Давид го праша: „Чиј си ти и од каде си?“ Тој одговори: „Јас сум момок Египќанец, слуга на еден Ама­ликиец, и мојот господар ме остави, бидејќи се разболев, има веќе три дни;

14ние навлеговме во јужниот дел од територијата на Керетијците и во областа Јудина и во јужниот дел од те­риторијата на Халев, а Циклаг го изго­ревме со оган.“

15А Давид го запраша: „Ќе ме од­ведеш ли до тие луѓе.“ Тој одговори: „Заколни ми се во Бога дека нема да ме убиеш и нема да ме предадеш во рацете на господарот мој, и јас ќе те одведам до тие луѓе.“

16Давид му се заколна, и тој ги поведе. И ете, Амаликијците, распрс­нати по целата таа земја, јадеа и пиеја и празнуваа поради големиот плен што го беа зеле од земјата филистејска и од земјата јудејска.

17И ги нападна и ги убиваше Давид од утринските мугри до вечерта на другиот ден, и никој од нив не се спаси, освен четиристотини момчиња што се качија на камили и избегаа.

18И Давид одзеде сѐ што беа зеле Амаликијците, ги зеде Давид и двете жени свои,

19и не се изгуби кај нив ништо, ни мало, ни големо, ни синови, ни ќерки, ни пленот — ништо од она што го беа зеле од нив Амаликијците: сѐ врати Давид.

20И Давид го зеде сиот ситен и крупен добиток; и неговите луѓе одеа пред тој добиток и говореа: „Ова е Давидов плен.“

21Давид дојде кај оние двесте души, кои немаа сила да одат по нив, и кои ги беше оставил кај потокот Бесор, и тие излегоа да го пречекаат Давида и луѓето, кои беа со него. Давид се приближи до тие луѓе и ги поздрави.

22Тогаш лошите и неранимајковците што беа оделе со Давид, почнаа да зборуваат: „Поради тоа што тие не одеа со нас, нема да им дадеме од пленот што го одзедовме; секој нека си ја земе само жената и децата и да си оди.“

23Но Давид рече: „Не правете така, браќа мои, откако Господ ни го даде тоа и нѐ зачува и ни го предаде во рацете мноштвото луѓе што доаѓаше против нас.

24И кој ќе ве послуша во тоа? Каква е честа на оние што одеа во војна, таква чест треба да има и за оние што останаа во логорот; меѓу сите треба да се подели.“

25Така стана тоа, од тоа време и понатаму; и тој го постави тоа како закон и правило за Израел до денес.

26И дојде Давид во Циклаг и од пленот им испрати на старешините Јудини, свои пријатели, велејќи: „Ете ви подарок од пленот, земен од непријателите Господови.“

27Им испрати и на оние што се во Ветил и во Рамот во Негев, и во Јатир,

28во Ароер, во Шифемот, и на оние во Ештемоа,

29на оние во Рахал и во градовите је­рахмелитски и кениски,

30во Хорма, во Бор-Ашан и во Атах

31и во Хеврон, и по сите места, каде што Давид беше одел, тој и луѓето негови.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for 1 Samuel 30.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.