1 Samuel 282006

1Во тоа време Филистејците ги собраа војските свои за војна за да војуваат против Израел. А Анхус му рече на Давид: „Знај дека и ти ќе трг­неш со мене во борба, ти и твоите луѓе.“

2Давид му рече на Анхус: „Сега ќе дознаеш што ќе направи твојот слуга.“ Анхус, пак му рече на Давид: „Затоа ќе те направам чувар на мојата глава засекогаш.“

3Самоил беше умрел, и го оплакуваа сите Израелци и го погребаа во Рама, во неговиот град. А Саул ги беше изгонил повикувачките на духови и гатачите од земјата.

4Се собраа Филстејците и отидоа, та се улогорија во Сунем; го собра и Саул сиот народ израелски и се улогорија во Гелвуја.

5Саул го виде филистејскиот логор и се исплаши, и силно му затрепери срцето.

6Тогаш Саул Го запраша Господа; но Господ не му одговараше ни на сон ни преку урим, ни преку пророците.

7И им рече Саул на слугите свои: „Најдете ми жена што повикува духови, и јас ќе одам кај неа и ќе ја прашам.“ И му одговорија неговите слуги: „Тука во Ен-Дор има жена што повикува духови.“

8И ги соблече Саул алиштата свои и облече други, и тргна тој и двајца луѓе со него, и дојдоа кај жената ноќе. И ѝ рече Саул: „Те молам, гледај ми, и по­викај ми, кого што ќе кажам.“

9Но жената му одговори: „Ти знаеш што направи Саул, знаеш дека тој ги истера од земјата гатачите и гледачите; зошто тураш стапица на душата моја за да ме погубиш?“

10И Саул ѝ се заколна во Господ, велејќи: „Ти се колнам во Господ, нема да ти се случи ништо лошо за тоа.“

11Тогаш жената праша: „А кого да ти го повикам?“ Тој одговори: „Повикај ми го Самоил.“

12И жената го виде Самоил и — гласно извика; жената се обрна кон Саул и рече: „Зошто ме излага? Ти си Саул.“

13Царот ѝ рече: „Не плаши се; кажи што гледаш?“ Жената одговори: „Гле­дам како Господ излегува од земјата.“

14„Каков е тој на изглед?“ — праша Саул. Таа одговори: „Излегува од земјата престар маж, облечен во долга облека.“ Тогаш Саул дозна дека е тоа Са­моил, падна ничкум на земјата и се поклони.

15И Самоил му рече на Саул: „Зошто ме обеспокојуваш да излегувам?“ А Саул одговори: „Многу ми е тешко; Филистејците војуваат против мене, а Бог отстапи и повеќе не ми одговара ни преку пророци, ни на сон; затоа те по­викав за да ме поучиш што да правам.“

16Самоил одговори: „А зошто ме прашуваш мене, кога Господ отстапил од тебе и станал твој непријател?

17Господ ќе ти го направи тоа што го говореше преку мене: ќе го одземе Господ царството од рацете твои и ќе му го даде на твојот близок, на Давид.

18Бидејќи ти не го послуша гласот Господов и не го исполни Неговиот жесток гнев врз Амалик, затоа Господ и го врши тоа сега над тебе.

19Господ ќе го предаде Израел заедно со тебе во филистејски раце; утре ти и твоите синови ќе бидете со мене, а логорот израелски Господ ќе го предаде во филистејски раце.“

20Тогаш Саул наеднаш падна со целото тело свое на земја, бидејќи многу се исплаши од зборовите на Самоил; притоа и сила немаше во него, зашто не беше јадел леб целиот тој ден и цела ноќ.

21Тогаш онаа жена се приближи до Саул и виде дека тој многу се уплашил, и рече: „Ете, слугинката твоја го по­слуша гласот твој, го изложи животот свој на опасност и ја изврши заповедта што ти ми ја даде;

22сега, молам, послушај го и ти гласот на слугинката твоја: јас ќе ти изнесам залче леб, касни си, и ќе имаш сила, кога ќе тргнеш на пат.“

23Но тој откажа, велејќи: „Нема да јадам.“ И почнаа да го советуваат неговите луѓе, а исто така и жената; и тој го послуша нивниот глас, стана од земјата и седна на леглото.

24А жената имаше в куќи згоено теле, и побрза та го закла, зеде брашно, па замеси и испече погача,

25и им принесе на Саул и на слугите негови, и тие каснаа, станаа и заминаа истата ноќ.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for 1 Samuel 28.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.