1 Samuel 152006

1Потоа Самоил му рече на Саул: „Господ ме испрати да те пома­зам за цар над Неговиот народ, над Израел; а сега чуј го гласот Господов.

2Така говореше Господ Саваот: ‚Ќе го казнам Амалик за она што му го направи на Израел, кога му се испречи на патот додека овој излегуваше од Египет.‘

3Оди сега и нападни го Амалик и истреби сѐ негово, но не земај за себе ништо од нив, туку уништи го и про­колни сѐ што е негово; не штеди го, туку предај на смрт од маж до жена, од момче до доенче, од вол до овца, од камила до магаре.“

4Го собра тогаш Саул народот и го преброи во Телаим. Тие беа двесте илјади Израелци пешаци и десет илјади од Јудиното племе.

5И дојде Саул до градот на Амали­кијците и постави заседа во долината.

6Па им рече Саул на Кенијците: „Одете, одделете се, излезете од средината на Амаликијците за да не ве погубам со нив, бидејќи вие покажавте благонаклоност спрема сите Израелци кога доаѓаа од Египет.“ И Кенијците се одделија од Амаликијците.

7И Саул го разби Амалик од Хавила сѐ до пределите на Сур, кој се наоѓа пред Египет,

8и го зароби жив амаликискиот цар Агаг, и сиот народ го истреби со меч.

9Но Саул и народот го поштедија Агаг и најдобрите овци, волови и згое­ните јагниња, и сѐ што е вредно, не го уништија, а го уништија само она што е лошо и безвредно.

10И дојде слово од Господ кон Самоил:

11„Жалам што го поставив Саул за цар, бидејќи тој се одврати од Мене и не го исполни зборот Мој.“ Се натажи Самоил многу, Го повикуваше Господа цела ноќ.

12А изутрината рано Самоил стана и отиде да го пресретне Саул. И му јавија на Самоил дека Саул отишол на Кар­мил и таму си подигнал споменик, но оттаму се вратил со колата и слегол во Гилгал.

13Кога Самоил дојде кај Саул, Саул му рече: „Благословен да си од Господ! Јас го исполнив зборот Господов.“

14Но Самоил рече: „А какво е ова блеење на овци во ушите мои и мукање на волови што го слушам?“

15Саул одговори: „Ги дотераа од Амалик, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и волови за принесување жртви на Господ, твојот Бог; а другото го истребивме.“

16Самоил му рече на Саул: „Почекај да ти јавам што ми кажа Господ ноќеска.“ А Саул му рече: „Кажувај.“

17Тогаш Самоил му рече на Саул: „Зарем не беше ти мал пред Него и зар не те постави глава над Израеловите племиња, и Господ те помаза за цар над Израел?

18И Господ те испрати на пат и рече: ‚Оди и нападни ги Амаликијците и војувај против нив, сѐ додека ги истребиш.‘

19Зошто тогаш ти не го послуша гласот Господов, а се втурна по грабеж и направи зло пред очите на Господ?“

20Саул му одговори на Самоил: „Јас го послушав гласот Господов и отидов на пат, каде што ме испрати Господ, и го доведов амаликискиот цар Агаг, а Амаликијците ги истребив,

21а од пленот: овците и воловите, на­родот го зеде најдоброто од ограбеното за да Му принесе жртва на Господ, твојот Бог, во Гилгал.“

22Самоил одговори: „Зар сепалени­ците и приносите повеќе Му се пријатни на Господ, отколку послушноста на гласот Господов? Послушноста е по­добра од жртвата, и покорувањето — подобро отколку овнешкото месо;

23зашто непокорноста е исто таков грев, какво што е вражањето, а тврдоглавоста е исто како и идолопоклонството. Поради тоа што го отфрли зборот на Господ, затоа и Тој те отфрли за да не бидеш цар над Израел.“

24И Саул му кажа на Самоил: „Згрешив, бидејќи ја престапив заповедта на Господ и твојот збор; но јас се исплашив од народот и го послушав гласот нивни.

25А сега симни го од мене мојот грев и врати се со мене за да Му се покло­нам на Господ.“

26А Самоил му одговори на Саул: „Нема да се вратам со тебе, зашто ти го отфрли зборот Господов, и Господ тебе те отфрли за да не бидеш цар над Израел.“

27Самоил се сврти да си оди. Но Саул се фати за крајот од облеката негова и ја раскина.

28Тогаш Самоил рече: „Денес Господ го одзеде царството Израелово од тебе и му го даде на твојот ближен, кој е подобар од тебе.

29Светецот Израелов не лаже и не се предомислува, бидејќи Тој не е човек, та да се предомисли.“

30И рече Саул: „Згрешив; но направи ми сега чест пред старешините на мојот народ и пред Израел, и врати се со мене, и јас ќе Му се поклонам на Гос­под, твојот Бог.“

31Самоил се врати по Саул, и Саул Му се поклони на Господ.

32Потоа Самоил рече: „Доведете ми го амаликискиот цар Агаг.“ Агаг, растреперен, се приближи до него, и рече Агаг: „Дали е ова горчината на смртта?“

33Но Самоил рече: „Како што мечот твој ги лишуваше жените од децата, така и мајка ти меѓу жените нека биде лишена од син.“ И го исече Самоил Агаг пред Господ во Гилгал.

34Самоил отиде во Рама, а Саул отиде во домот свој во Гива Саулова.

35И Самоил веќе не се виде со Саул до денот на својата смрт; но Самоил патеше по Саул. А Господ зажали што го постави Саул за цар над Израел.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for 1 Samuel 15.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.