1 Kings 212006

1По тие настани еве што се случи: јизреелецот Навутеј имаше во Јизреел лозје до дворецот на самарјанскиот цар Ахав.

2Ахав му рече на Навутеј, велејќи: „Дај ми го лозјето свое; тоа ќе ми биде овоштарник, бидејќи е близу до мојот дом, а место него ќе ти дадам поубаво лозје од тоа, или, ако сакаш, ќе ти дадам сребро, колку што чини тоа.“

3Но Навутеј му одговори на Ахав: „Да не даде Господ да ти го дадам наследството од предците свои.“

4Ахав се врати во домот свој вознемирен и огорчен од зборовите што му ги беше кажал јизреелецот Навутеј, велејќи: „Нема да ти го дадам наследството од предците свои!“ Тој легна на својата постела, го покри лицето и не јадеше леб.

5Кај него влезе жена му Језавела и му рече: „Зошто си збркан со духот, па и леб не јадеш?“

6Тој ѝ одговори: „Кога му спомнав на јизреелецот Навутеј и му реков: ‚дај ми го лозјето за сребро, или, ако сакаш, да ти дадам друго лозје место него‘, — тој ми одговори — не ти го давам лозјето свое, наследство од предците мои.“

7Тогаш жена му Језавела му рече: „Нели ти си сега цар во Израел? Стани, јади леб и биди спокоен; јас ќе го земам лозјето од јизреелецот Навутеј.“

8И таа напиша писма од името на Ахав, ги запечати со неговиот печат и ги испрати до старешините и големците што живееја со Навутеј, во градот негов.

9Во писмата таа пишуваше вака: „Об­јавете пост и поставете го Навутеј пред народот;

10и спроти него ставете двајца лоши луѓе што ќе сведочат против него и да кажат: ‚Ти хулеше на Бога и на царот.‘ И потоа изведете го и убијте го со камења, та да умре.“

11Тогаш мажите на неговиот град, старешините и големците што живееја во градот негов, направија како што им заповеда Језавела, така, како што беше напишано во писмата што го беше испратила до нив.

12Објавија пост и го поставија Навутеј пред народот;

13па излегоа двајца лоши луѓе, седнаа спроти него и сведочеа против него пред народот и велеа: „Навутеј хули на Бога и на царот.“ Па го изведоа надвор од градот, го убија со камења, и тој умре.

14Испратија да ѝ кажат на Језавела: „Навутеј е убиен со камења и умре.“

15Кога слушна дека Навутеј е убиен со камења и умрел, Језавела му рече на Ахав: „Стани и завладеј со лозјето на јизреелецот Навутеј, кој не сакаше да ти го даде за сребро, бидејќи Навутеј го нема меѓу живите, тој умрел.“

16Кога слушна дека јизреелецот Навутеј бил убиен, Ахав стана и отиде во лозјето на јизреелецот Навутеј да го запоседне.

17Тогаш словото Господово беше упа­тено кон Илија тишбиецот:

18„Стани и пресретни го израелскиот цар Ахав, кој е во Самарија, — ете, сега е во лозјето на Навутеј, каде што дошол да го запоседне, —

19и кажи му: вака вели Господ: ‚ти си убил, и уште си грабнал наследство!‘ И кажи му: вака вели Господ: ‚на она мес­то, каде што кучињата ја лижеа крвта на Навутеј, кучињата ќе ја лижат и твојата крв.‘“

20Ахав му рече на Илија: „Ти ме најде, мој непријателе!“ Тој рече: „Те најдов, бидејќи ти се продаде за да пра­виш злодела пред очите на Господ и да Го гневиш.

21Вака вели Господ: ете, ќе ти испра­там казна, ќе го уништам твоето потомство, истребувајќи откај Ахав сѐ што е машко — и оној што е роб, и оној што е слободен во Израел;

22и ќе постапам со твојот дом така, како што постапив со домот на Нава­товиот син Јеровоам и со домот на Ахиевиот син Баша, за наскрбувањето, со што ти ме раздразни и го наведе во грев Израел.“

23И за Језавела Господ рече: „Кучи­њата ќе ја изедат Језавела зад јизреелските ѕидови;

24и кој од Ахавовиот дом ќе умре во градот, него кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, него птиците небески ќе го исколваат;

25уште немало таков како Ахав, кој се продаде за да прави злодела пред очите на Господ, бидејќи така го наговараше жена му Језавела;

26тој постапуваше многу гнасно, сле­дејќи ги идолите, како што правеа Амо­рејците, кои Господ, ги изгони од пред лицето на Израеловите синови.“

27Откако ги ислуша сите тие зборови, Ахав тажеше пред Господ, одеше пла­чејќи, ја раскина облеката своја, го покри телото свое со вреќиште, посте­ше и спиеше во вреќиште и одеше на­жален.

28И дојде слово Господово кон Илија од Тишбе. И Господ рече:

29„Виде ли, се понижи Ахав пред Мене? Затоа што така се понижи пред Мене, Јас нема да му испратам зло во неговите дни, туку во дните на синот негов ќе пратам зло врз неговиот дом.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for 1 Kings 21.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.