1 Samuel 9
1 Имаше еден виден човек од Венијаминовите синови, по име Кис, син на Авиел, син на Церор, син на Бехорат, син на Афијах, син на некојси Венијаминовец.
2 Тој имаше син, по име Саул, млад и убав. Никој од Израелците не беше поубав од него, а и за глава тој беше повисок од сите луѓе.
3 И на Сауловиот татко Кис му се загубија магариците, па му рече Кис на синот свој Саул: „Земи со себе еден од слугите и стани, та оди и побарај ги магариците.“
4 И тој ја мина Ефремовата Гора, ја минаа и земјата Шалиша, но не ги најдоа; ја минаа и земјата Шаалим, и таму ги немаше; потоа ја минаа и Венијаминовата земја, но не ги најдоа.
5 А кога дојдоа во земјата Цуф, Саул му рече на слугата свој што беше со него: „Да се вратиме, зашто татко ми нема веќе да се грижи за магарињата, туку повеќе ќе биде загрижен за нас.“
6 Но слугата му рече: „Еве, во овој град има еден Божји човек. Тој е многу почитуван човек. Сѐ што ќе каже тој, се исполнува. Да отидеме сега таму; можеби, ќе ни го покаже нашиот пат, по кој да одиме.“
7 И му рече Саул на слугата свој: „Добро, да одиме, но што ќе му однесеме на тој човек? Зашто леб не остана во торбите наши, а и подароци нема за да му однесеме на Божјиот човек. Што имаме?“
8 Слугата, пак, му одговори на Саул и рече: „Ете, во раката моја има четврт шекел сребро. Ќе му го дадам на Божјиот човек, и тој ќе ни го покаже патот наш.“
9 Порано кај Израелците, кога некој одел да Го праша Бога, велел вака: „Да одиме кај гледачот.“ Зашто тој, кого денес го нарекуваат пророк, порано се викал гледач.
10 И му рече Саул на слугата свој: „Добро велиш, да одиме!“ И отидоа во градот, каде што беше човекот Божји.
11 Кога влегуваа во градот, сретнаа девојки, кои беа излегле да си наполнат вода, и ги запрашаа: „Има ли тука гледач?“
12 Тие им одговорија и рекоа: „Има, ете, тој е пред вас; само побрзајте; тој денес дојде во градот, бидејќи народот денес принесува жртва на ридот.
13 Кога ќе дојдете во градот, ќе го затечете, пред да се искачи на ридон за да руча, зашто народот нема да почне да јаде, додека тој не дојде; бидејќи тој ќе ја благослови жртвата, и потоа поканетите ќе почнат да јадат; и така, одете, токму сега ќе го затечете.“
14 И отидоа во градот. А кога дојдоа среде град, ете, и Самоил им излегува во пресрет за да оди на ридот.
15 А ден пред Сауловото доаѓање, Господ му откри на Самоил и рече:
16 „Утре во ова време ќе ти испратам еден човек од Венијаминовата земја, и ти помазај го за владетел на Мојот народ Израел. Тој ќе го спаси народот Мој од филистејските раце; зашто Јас погледнав милостиво на Мојот народ, бидејќи повикот негов стигна до Мене.“
17 Кога Самоил го виде Саул, Господ му рече: „Ете го човекот, за кого ти говорев. Тој ќе владее над Мојот народ.“
18 Саул се приближи до Самоил кај вратата и го запраша: „Кажи ми, каде е куќата на гледачот?“
19 Самоил му одговори на Саул и рече: „Јас сум гледачот, оди пред мене на ридон; и вие ќе ручате денес со мене; јас ќе те пуштам изутрина, и ќе ти кажам сѐ што имаш на срцето.
20 А за магариците што се загубија пред три дена, не грижи се, тие се најдени. Та за кого е сѐ она што е најсакано во Израел? Нели е за тебе и за целиот дом на твојот татко?“
21 Саул одговори и рече: „Не сум ли јас син од Венијаминовото племе, едно од најмалите Израелови племиња? И домот мој нели е најмал меѓу домовите од Венијаминовото племе? Тогаш, зошто ми го говориш тоа?“
22 Самоил го зеде Саул и слугата негов, ги воведе во собата, и им даде прво место меѓу поканетите, кои беа триесетина души.
23 И му рече Самоил на готвачот: „Донеси го оној дел што ти го бев дал и за кој ти бев рекол: ‚зачувај го кај себе.‘“
24 И готвачот ја зеде плешката и сѐ што беше на неа, и го стави тоа пред Саул. И рече Самоил: „Ете, тоа е принесено, стави го пред себе и јади, бидејќи тоа е зачувано заради тебе кога го свикав народот.“ И тој ден Саул ручаше со Самоил.
25 Потоа тие слегоа од ридот во градот, и Самоил разговараше со Саул на покривот.
26 Утрината тие станаа токму кога зазори зората. Самоил го повика Саул на покривот и рече: „Стани, јас ќе те испратам.“ Саул стана, и обајцата, тој и Самоил, излегоа од куќата.
27 Кога наближуваа кон крајот на градот, Самоил му рече на Саул: „Кажи му на слугата да оди пред нас,“ — и тој отиде напред, — „А ти сега застани, и јас ќе ти откријам што рече Бог.“