Bible

Focus

On Your Ministry and Not Your Media

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

1 Samuel 7

:
Macedonian - 2006
1 И дојдоа мажи од Кирјат-Јарим, го зедоа ковчегот на заветот Господов и го однесоа во куќата на Авинадав, на ридот, а синот негов Елеазар го посве­тија да го чува ковчегот на заветот Господов.
2 Од оној ден, кога ковчегот остана во Кирјат-Јарим, измина многу време, речиси дваесет години. И сиот Израе­лов дом гледаше со почит кон Господ.
3 И му рече Самоил на сиот Израелов дом, велејќи: „Ако од сѐ срце Му се враќате на Господ, отстранете ги од средината своја туѓите богови и статуите на Аштарта, подгответе ги срцата свои за Господ и Нему единствено служете Му, и Тој ќе ве избави од фи­листејските раце.“
4 И Израеловите синови ги отстранија разните Вааловци и Аштарти и почнаа да Му служат само на Господ.
5 И рече Самоил: „Соберете ги сите Израелци во Мицпа, и јас ќе Му се помолам на Господ за вас.“
6 И се собраа во Мицпа, и црпеа вода, ја истураа пред Господ, и постеа тој ден, велејќи: „Згрешивме пред Господ.“ А Самоил им судеше на синовите Израелови во Мицпа.
7 Кога Филистејците слушнаа дека синовите Израелови се собрале во Миц­па, кнезовите нивни излегоа против Израел; Израелците, откако го слушнаа тоа, се уплашија од Филистејците.
8 Тогаш Израеловите синови му рекоа на Самоил: „Не престанувај да Го молиш Господа, нашиот Бог за нас, та некако да нѐ спаси од филистејските раце.“
9 И Самоил зеде едно јагне цицалче и го принесе како жртва сепаленица на Господ; повика Самоил кон Господ за Израел и Господ го слушна.
10 И кога Самоил ја принесуваше сепаленицата, Филистејците дојдоа да се борат против Израел. Но тој ден Господ загрме со силен татнеж над Фи­листејците и испрати против нив силен ужас, и тие така се збркаа што паднаа пред Израел.
11 Израелците излегоа од Мицпа, ги гонеа Филистејците и ги разбиваа сѐ до под Бет-Кар.
12 И Самоил зеде еден камен и го стави меѓу Мицпа и Шен, и го нарече Евен-Езер што значи „До овде ни по­могна Господ.“
13 Така беа скротени Филистејците и не се осмелуваа повеќе да дојдат во пределите Израелови. И раката Господова беше врз Филистејците во текот на сите денови на Самоиловиот живот.
14 А му беа вратени на Израел градо­вите што Филистејците ги беа презеле од Израел, од Екрон дури до Гет, и Израел ги ослободи пределите нивни од филистејските раце, и настана мир меѓу Израел и Аморејците.
15 И Самоил беше судија над Израел за сите денови на својот живот.
16 И секоја година одеше и го оби­колуваше Ветил, Гилгал и Мицпа, и му судеше на Израел по сите тие места.
17 Потоа се враќаше во Рама, бидејќи таму беше куќата негова, таму живее­ше и таму му судеше на Израел, а таму изгради и жртвеник на Господ.