1 Samuel 5
1 А Филистејците го зедоа ковчегот Божји и го пренесоа од Евен-Езер во Ашдод.
2 Го зедоа Филистејците ковчегот Божји, го внесоа во храмот на Дагон и го поставија до овој идол.
3 На другиот ден, откако жителите на Ашдод дојдоа рано наутро во храмот на Дагон, ете, Дагон лежи ничкум на земја пред ковчегот Господов. И го зедоа Дагон и го поставија пак на местото негово.
4 На следниот ден, откако станаа утрината, ете, Дагон пак лежи ничкум на земја пред ковчегот Господов; главата на Дагон и обете дланки на рацете негови беа пресечени, секоја одделно, и лежеа на прагот; само трупот на Дагон беше останал.
5 Поради тоа жреците Дагонови и сите други, кои доаѓаа во домот на Дагон во Ашдод, не стапнуваат на прагот Дагонов до ден — денешен.
6 И раката Господова се протегна врз жителите на Ашдод, и Бог ги удри и ги казни со гнасни чирови во Ашдод и околните места негови.
7 Откако го видоа тоа ашдодците, рекоа: „Да не остане ковчегот на Бог Израелов кај нас, зашто тешка Му е раката и за нас и за нашиот бог Дагон.“
8 И испратија, та ги собраа кај себе сите филистејски кнезови и рекоа: „Што да правиме со ковчегот на Бог Израелов?“ А тие рекоа: „Нека се пренесе ковчегот на Бог Израелов во Гет.“ И го испратија ковчегот на Бог Израелов во Гет.
9 Откако го пренесоа, раката Господова дојде врз градот и направи ужас мошне голем, и ги удри Господ градските жители од мал до голем, и се појавија на нив израстоци.
10 Затоа тие го испратија ковчегот Божји во Екрон. И кога ковчегот Божји дојде во Екрон, екронците извикаа и рекоа: „Го донесоа кај нас ковчегот на Бог Израелов за да нѐ помори нас и народот наш.“
11 И испратија, та ги собраа сите филистејски кнезови и рекоа: „Испратете го ковчегот на Бог Израелов; нека се врати на местото свое за да не нѐ помори нас и народот наш.“ Зашто се појави смртен страв: по целиот град раката Божја силно се протегна врз нив.
12 И оние што не умреа, беа заразени со гнасни чирови, така што пискотот од градот се издигаше до небото.