1 Samuel 30
1 На третиот ден, откако Давид и луѓето негови тргнаа за Циклаг, Амаликијците го нападнаа Циклаг од југ, го презедоа и го изгореа со оган;
2 жените, пак, и сите што беа во него, од мал до голем, не ги убија, туку ги одведоа во плен и отидоа по патот свој.
3 Се приближи Давид и луѓето негови до градот, и ете, тој е изгорен со оган, а жените нивни, синовите нивни и ќерките нивни се земени во плен.
4 Давид и народот што беше со него, почнаа да викаат и да плачат, додека имаше сила во нив за плачење.
5 Беа земени во плен и двете жени Давидови: Ахиноам, јизреелката, и Авигеја, поранешната Навалова жена, од Кармил.
6 Давид беше многу збунет, бидејќи народот сакаше да го убие со камења; зашто сиот народ страдаше во душата, секој за синовите свои и за ќерките свои.
7 Но Давид се закрепи со надежта во Господ, својот Бог; и му рече Давид на свештеникот Авијатар, синот на Ахимелех: „Донеси ми го ефодот.“ И Авијатар му го однесе ефодот на Давид.
8 Давид Го праша Господа, велејќи: „Да го гонам ли тоа мноштво, и ќе ги стигнам ли?“ А одговорот му беше: „Гони, ќе стигнеш и ќе ги избавиш.“
9 И тргна Давид, тој и шестотини мажи што беа со него; и дојдоа до потокот Бесор, каде што изморените застанаа.
10 И ги гонеше Давид, тој сам со четиристотини души; а двестете души останаа, зашто немаа сила да го преминат Бесорскиот поток.
11 Најдоа еден Египќанин во полето, го доведоа кај Давид, му дадоа леб да јаде, и го напоија со вода;
12 и му дадоа дел од низа смокви и два грозда суво грозје, и тој јадеше и се поткрепи, зашто не беше јадел леб и не беше пиел вода три дни и три ноќи.
13 Тогаш Давид го праша: „Чиј си ти и од каде си?“ Тој одговори: „Јас сум момок Египќанец, слуга на еден Амаликиец, и мојот господар ме остави, бидејќи се разболев, има веќе три дни;
14 ние навлеговме во јужниот дел од територијата на Керетијците и во областа Јудина и во јужниот дел од територијата на Халев, а Циклаг го изгоревме со оган.“
15 А Давид го запраша: „Ќе ме одведеш ли до тие луѓе.“ Тој одговори: „Заколни ми се во Бога дека нема да ме убиеш и нема да ме предадеш во рацете на господарот мој, и јас ќе те одведам до тие луѓе.“
16 Давид му се заколна, и тој ги поведе. И ете, Амаликијците, распрснати по целата таа земја, јадеа и пиеја и празнуваа поради големиот плен што го беа зеле од земјата филистејска и од земјата јудејска.
17 И ги нападна и ги убиваше Давид од утринските мугри до вечерта на другиот ден, и никој од нив не се спаси, освен четиристотини момчиња што се качија на камили и избегаа.
18 И Давид одзеде сѐ што беа зеле Амаликијците, ги зеде Давид и двете жени свои,
19 и не се изгуби кај нив ништо, ни мало, ни големо, ни синови, ни ќерки, ни пленот — ништо од она што го беа зеле од нив Амаликијците: сѐ врати Давид.
20 И Давид го зеде сиот ситен и крупен добиток; и неговите луѓе одеа пред тој добиток и говореа: „Ова е Давидов плен.“
21 Давид дојде кај оние двесте души, кои немаа сила да одат по нив, и кои ги беше оставил кај потокот Бесор, и тие излегоа да го пречекаат Давида и луѓето, кои беа со него. Давид се приближи до тие луѓе и ги поздрави.
22 Тогаш лошите и неранимајковците што беа оделе со Давид, почнаа да зборуваат: „Поради тоа што тие не одеа со нас, нема да им дадеме од пленот што го одзедовме; секој нека си ја земе само жената и децата и да си оди.“
23 Но Давид рече: „Не правете така, браќа мои, откако Господ ни го даде тоа и нѐ зачува и ни го предаде во рацете мноштвото луѓе што доаѓаше против нас.
24 И кој ќе ве послуша во тоа? Каква е честа на оние што одеа во војна, таква чест треба да има и за оние што останаа во логорот; меѓу сите треба да се подели.“
25 Така стана тоа, од тоа време и понатаму; и тој го постави тоа како закон и правило за Израел до денес.
26 И дојде Давид во Циклаг и од пленот им испрати на старешините Јудини, свои пријатели, велејќи: „Ете ви подарок од пленот, земен од непријателите Господови.“
27 Им испрати и на оние што се во Ветил и во Рамот во Негев, и во Јатир,
28 во Ароер, во Шифемот, и на оние во Ештемоа,
29 на оние во Рахал и во градовите јерахмелитски и кениски,
30 во Хорма, во Бор-Ашан и во Атах
31 и во Хеврон, и по сите места, каде што Давид беше одел, тој и луѓето негови.