1 Samuel 3
1 Момчето Самоил Му служеше на Господ под надзор на Илиј. Словото Господово беше ретко во тие денови и немаше виденија.
2 И се случи во она време, кога Илиј лежеше на местото свое, а очите негови беа почнале да му слабеат, и тој не можеше да гледа,
3 и светилникот Божји уште не беше угаснал, а Самоил лежеше во храмот Господов, каде што беше ковчегот Божји;
4 Господ повика кон Самоил. Тој одговори: „Еве ме!“
5 И дотрча кај Илиј и рече: „Еве ме! Зошто ме викаше?“ Но тој одговори: „Јас не сум те викал; оди легни си!“ И тој отиде и си легна.
6 Но Господ повика по вторпат кон Самоил. Тој стана и пак отиде кај Илиј и рече: „Еве ме! Ти ли ме повика?“ Но тој рече: „Јас не сум те викал, синко; оди легни си!“
7 Самоил дотогаш не го познаваше гласот на Господ, зашто уште не му се беше открило словото Господово.
8 Викна Господ кон Самоил и третпат. Тој стана и отиде кај Илиј и рече: „Еве ме! Ти ли ме повика?“ Тогаш Илиј разбра дека Господ го вика момчето.
9 И му рече Илиј на Самоил: „Оди легни си, и кога Оној што вика, ќе те повика, ти кажи: ‚Говори, бидејќи Твојот слуга слуша.‘“ И отиде Самоил и легна на местото свое.
10 И Господ дојде, застана и викна, како и претходно: „Самоиле! Самоиле!“ И Самоил рече: „Говори, Господи, бидејќи Твојот слуга слуша.“
11 И му рече Господ на Самоил: „Еве, ќе направам нешто во Израел, така што на секој што ќе слушне за тоа, ќе му заѕујат и двете уши.
12 Во тој ден Јас ќе го исполнам над Илиј сѐ она што сум зборувал за домот негов, од почеток до крај.
13 Јас му јавив дека ќе го казнам домот негов засекогаш заради онаа вина, што тој ја знаеше, бидејќи синовите негови хулеа на Бога, и тој не ги запираше.
14 И поради тоа се колнам пред домот на Илиј дека вината на Елиовиот дом нема да се избрише довека ниту со жртви, ниту со приноси.“
15 Самоил спиеше до утрината. Потоа стана рано и ја отвори вратата на домот Господов. Самоил се плашеше да му соопшти на Илиј за тоа видение.
16 Но Илиј го повика Самоил и рече: „Синко Самоиле!“ Тој одговори: „Еве ме!“
17 И рече Илиј: „Што ти беше речено? Не криј од мене; Лошо ќе ти направи Господ, и уште повеќе ќе ти додаде, ако сокриеш од мене било нешто од сѐ што ти беше кажано!“
18 И Самоил му соопшти сѐ и не сокри од него ништо. Тогаш Илиј рече: „Тој е Господ; нека направи она што е добро во Неговите очи!“
19 Додека Самоил растеше, Господ беше постојано со него, и не остана ниту еден Негов збор неисполнет.
20 И сиот Израел од Дан до Вирсавија дозна дека Самоил е удостоен да биде пророк Господов.
21 И Господ продолжуваше да се јавува во Силом, откако му се беше открил на Самоил во Силом преку словото Господово.