1 Samuel 26
1 Потоа кај Саул во Гива дојдоа Зифејците и рекоа: „Ете, Давид се крие кај нас во ридовите на Хахила, во близина на пустинската област.“
2 Тогаш Саул стана, се спушти во пустината Зиф, и со него три илјади одбрани израелски мажи, за да го бара Давид во пустината Зиф.
3 И Саул постави логор на ридот Хахила, десно од пустината, покрај патот; а Давид, кој се наоѓаше во пустината, виде дека Саул оди по него во пустината;
4 и Давид испрати разузнувачи и дозна дека Саул навистина дошол.
5 И стана Давид и отиде на местото, каде што Саул беше поставил логор, го виде Давид местото, каде што спиеше Саул и военоначалникот негов Авенир, синот Ниров. Саул спиеше во шаторот, а народот се беше сместил околу него.
6 Давид се сврте и им рече на Хитиецот Ахимелех и на Авеса, синот на Саруја, Јоавов брат, велејќи: „Кој ќе дојде со мене кај Саул во шаторот?“ Авеса одговори: „Јас ќе дојдам со тебе.“
7 Давид дојде со Авеса кај луѓето на Саул ноќе; и ете, Саул лежи заспан во царската кола и копјето му е забодено во земјата покрај перницата негова; а Авенир и народот лежеа околу него.
8 Авеса му рече на Давид: „Денес Господ го предаде твојот непријател во рацете твои; затоа дозволи, јас ќе го приковам со копје за земјата со еден замав и нема да го повторам ударот.“
9 Но Давид му рече на Авеса: „Не убивај го, зашто кој кренал рака врз помазаник Господов, а останал неказнет?“
10 Давид уште рече: „Да е жив Господ. Нека го собори Господ, или ќе дојде денот негов, и тој ќе умре, или ќе отиде во војна и ќе загине; а мене да не ми дава Господ да кренам рака врз помазаник Господов;
11 туку да го земеме копјето негово што е покрај перницата негова, и садот со вода, па да си одиме.“
12 Давид го зеде копјето и садот со вода покрај зглавјето на Саул, и си отидоа; и никој не виде, никој не дозна и никој не се разбуди, а сите спиеја, бидејќи ги беше обзел сон од Господ.
13 Премина Давид од онаа страна и застана на врвот од ридот далеку, а меѓу нив имаше големо растојание.
14 И викна Давид кон народот и кон Авенир, синот Ниров, велејќи: „Авенире, јави се!“ Авенир се јави и рече: „Кој си ти што викаш и го обеспокојуваш царот?“
15 Давид му рече на Авенир: „Нели си маж, и кој е рамен на тебе во Израел? Зошто тогаш не го чуваш господарот свој, царот? Зашто доаѓаше некој од народот да го убие царот, твојот господар.
16 Ти лошо правиш; се колнам во Господ! Вие заслужувате смрт, поради тоа што не го чувате господарот свој, помазаникот Господов. Види, каде е копјето на царот и садот со вода што беа покрај зглавјето негово?“
17 И Саул го позна гласот на Давид и рече: „Твојот глас ли е тоа, сине мој Давиде?“ И Давид рече: „Мојот глас е, господаре мој, царе.“
18 И рече уште: „Поради што господарот мој го гони својот слуга? Што сум направил? Какво зло најде кај мене?
19 А сега мојот господар и цар нека ги ислуша зборовите на својот слуга: Ако Господ те поттикнал против мене, тогаш нека му биде благопријатна жртвата твоја; ако, пак тоа го прават синовите човечки, тогаш проклети да се од Господ, бидејќи тие сега ме изгонија за да не припаѓам кон наследството Господово; велејќи: — оди и служи им на туѓи богови.
20 Нека не се пролее мојата крв на земјата пред Господ, зашто царот Израелов излезе да бара една болва, како кога се брка еребица по планините.“
21 Тогаш Саул рече: „Јас згрешив; врати се, сине мој Давиде, зашто нема повеќе да ти правам зло, бидејќи денес душата ми беше скапа во твоите очи; безумно постапував јас и многу, многу згрешив.“
22 Давид му одговори и рече: „Еве го копјето на царот; нека дојде еден од младите и нека го земе;
23 а Господ нека му даде секому според правдата Негова и според вистината Негова, зашто Господ те предаваше во рацете мои, но јас не посакав да кренам рака врз помазаникот Господов;
24 и, како што денес ти беше скапоцен животот твој во моите очи, така нека се цени и мојот живот во очите на Господ; и нека ме спаси од секаква неволја!“
25 А Саул му довикна на Давид: „Благословен да си, сине мој Давиде; ти ќе го извршиш она што си го започнал, и бездруго ќе победиш.“ И тогаш Давид отиде по својот пат, а Саул се врати во местото свое.