Bible

Engage

Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

1 Samuel 22

:
Macedonian - 2006
1 И Давид отиде оттаму и избега во Адуламската пештера, а кога слушнаа браќата негови и сиот татков дом негов, дојдоа таму кај него.
2 Се собраа кај него сите подјармени, сите должници и сите душевно огор­чени, и тој им стана началник; и со него беа околу четиристотини души.
3 Оттаму Давид отиде во Мицпа, град моавски, и му рече на моавскиот цар: „Татко ми и мајка ми нека останат кај вас, додека да разберам што ќе направи Бог со мене.“
4 И ги доведе кај моавскиот цар, и тие живееја кај него за сето време додека Давид беше во она прибежиште.
5 Но пророкот Гад му рече на Давид: „Не останувај во ова прибежиште, туку оди, оди во земјата Јудина.“ И Давид замина и отиде во гората Херет.
6 Саул слушна дека Давид се појавил со луѓето што беа со него. Саул тогаш седеше во Гива, под омориката на ридот, со копје во раката, и опколен од сите свои слуги.
7 И им рече Саул на слугите свои што беа околу него: „Чујте, Венијаминови синови! Зарем Јесеевиот син ќе ви даде на сите вас ниви и лозја и сите вас ќе ве постави за илјаданачалници и заповедници над сто војници,
8 та сите сте се здоговориле против мене, и никој не ми јави, кога синот мој се спријателил со синот на Јесеј, и никој од вас не ме пожали и не ми соопшти дека син ми го поттикнал против мене мојот слуга да ми поставува стапици, како што се гледа сега?“
9 Едомецот Доег, кој стоеше со Сау­ловите слуги, одговори и рече: „Јас видов, кога Јесеевиот син доаѓаше во Нов кај Ахимелех, синот на Ахитув,
10 и тој Го праша за него Господ, му даде храна, му го даде и мечот на Фи­листеецот Голијат.“
11 Тогаш испрати царот да го по­викаат свештеникот Ахимелех, синот Ахитувов, и целиот татков дом негов, свештениците што беа во Нов. И сите тие дојдоа кај царот.
12 Саул рече: „Слушни, сине Ахиту­вов!“ Тој одговори: „Еве ме, господаре.“
13 А Саул го запраша: „Зошто сте се договориле против мене, ти и Јесеевиот син, та си му дал лебови и меч и си Го прашал Бога за него за да стане против мене и да ми поставува стапици, како што се гледа сега?“
14 Ахимелех му одговори на царот и рече: „Кој од сите твои робови е толку верен како Давид? Тој е и царев зет, и исполнител на твоите заповеди, и почитуван во домот твој?
15 Сега за првпат ли Го прашувам Бога за него? Но не обвинувај го во тоа, царе, слугата свој и целиот дом на мојот татко, зашто во целата таа работа твојот слуга не знае ништо, ниту мало, ниту големо.“
16 Но царот му рече: „Ахимелех, ти треба да умреш, ти и целиот дом на твојот татко.“
17 И царот им рече на телохра­нителите што стоеја до него: „Одете, убијте ги свештениците Господови, за­што и нивната рака е со Давид, и тие знаеја дека тој избегал, а не ни јавија.“ Но царските слуги не сакаа да кренат раце за да ги убијат свештениците Господови.
18 Тогаш царот му рече на Доег: „Оди ти и убиј ги свештениците!“ И Доег Едомецот отиде, ги нападна свештени­ците и во тој ден уби осумдесет и пет мажи што носеа ленен ефод,
19 го нападна со меч и Нов, свеште­ничкиот град; уби со меч мажи и жени, момчиња и девојчиња, волови, магариња и овци.
20 Се спаси само еден од синовите на Ахимелех, Ахитувовиот син, по име Авијатар, и избега кај Давид.
21 Авијатар му раскажа на Давид дека Саул ги уби свештениците Господови.
22 А Давид му рече на Авијатар: „Јас знаев оној ден, кога таму беше Едомецот Доег дека тој бездруго ќе му јави на Саул; јас сум виновен за сите души од домот на твојот татко.
23 Остани кај мене, не плаши се, зашто како што ја бара душата моја, ќе ја бара и твојата душа; ти ќе бидеш кај мене под заштита.“