1 Samuel 21
1 Давид стана и замина, а Јонатан се врати во градот.
2 Давид дојде во Нов кај свештеникот Ахимелех, и Ахимелех се збуни, кога се сретна со Давид, па му рече: „Зошто си сам? И зошто нема никој со тебе?“
3 Давид му рече на свештеникот Ахимелех: „Царот ми даде заповед, велејќи: ‚Никој нека не знае, за што сум те испратил и што сум ти порачал‘ затоа ги оставив слугите свои на определено место;
4 а сега дај ми што имаш при рака, пет леба, или што ќе се најде.“
5 Свештеникот му одговори на Давид, рече: „Немам при рака обичен леб, туку имам осветен леб. Само, ако твоите луѓе се воздржале од жени, нека јадат.“
6 Тогаш Давид му одговори на свештеникот и му рече: „Жени кај нас немаше како и секогаш, кога одиме во поход, и садовите на момчињата се чисти. И ако патот е нечист, сепак лебот ќе остане чист во садовите.“
7 Свештеникот му даде од осветениот леб, бидејќи немаше друг леб освен лебовите принесени на жртвеникот што беа земени пред лицето на Господ, та по симнувањето нивно да се стават топли лебови.
8 Тој ден таму се наоѓаше еден од слугите Саулови, по име Доег, Едомец, началник на Сауловите овчари.
9 Давид му рече на Ахимелех: „Немаш ли тука при рака копје или меч? Зошто јас не зедов со себе ниту меч, ниту друго оружје, бидејќи пораката на царот беше итна.“
10 Свештеникот одговори: „Ете го мечот на Филистеецот Голијат, кого го уби ти во Теревинтската Долина, завиткан во платно, зад ефодот; ако сакаш, земи го: освен него тука нема друг меч.“
11 Давид стана и избега истиот ден од Саул, и дојде кај гатскиот цар Анхус.
12 Му рекоа на Анхус слугите негови: „Овој ли е Давид, царот на онаа земја? Нели му пееја нему луѓето, велејќи: ‚Саул порази илјади, а Давид — десетици илјади?‘“
13 Давид ги стави тие зборови во срцето свое и многу се исплаши од Анхус, царот на Гет.
14 Тогаш го измени лицето свое пред нив, и се преправаше дека е умоболен пред очите нивни и удираше по вратите, се фрлаше на рацете свои и пушташе лиги по брадата своја.
15 Анхус им рече на робовите свои: „Гледате, овој човек е луд; зошто сте го довеле кај мене?
16 Зар малку луди имам кај себе, та сте го довеле да лудува пред мене? Зар тој ќе влезе во куќата моја?“