1 Samuel 2
1 И се молеше Ана и велеше: „Ми се зарадува срцето мое во Господ; се возвиши силата моја преку мојот Бог; широко се отвори устата моја против моите непријатели, зашто се радувам поради спасението од Тебе.
2 Никој не е така свет како Господ; зашто нема друг, освен Тебе; и нема тврдина како нашиот Бог.
3 Не зборувајте повеќе толку горделиво! Зборови дрски нека не излегуваат од вашата уста; зашто Господ е Бог на знаењето, и постапките Негови се одмерени.
4 Лакот на силните се прекршува, а слабите со сила се здобиваат.
5 Ситите работат за леб, а гладните почиваат. Дури и неплодната раѓа седумпати, а многудетната изнемоштува.
6 Господ умртвува и оживува, одведува во пеколот, и повторно оттаму доведува назад.
7 Господ го прави човекот сиромав и богат, го понижува и го воздига.
8 Од прав го подига бедниот, од кал го крева сиромавиот, ставајќи го да седне со големците, и им го дава во наследство престолот на славата; зашто во Господ се столбовите на земјава, и Тој врз нив ја утврди вселената.
9 Ги услишува молитвите на молителот и ги благословува деновите на праведниот, зашто не е според силата човекот јак.
10 Господ ќе ги изнемошти оние што се препираат со Него. Од небесата ќе згрми на нив. Господ ќе ги суди краиштата на земјата, ќе му даде сила на Својот цар и ќе ја возвиши моќта на помазаникот Свој.“
11 Елкана замина за Рама во својот дом, а момчето остана да Му служи на Господ покрај свештеникот Илиј.
12 А синовите на Илиј беа лоши луѓе. Тие не Го познаваа Господа
13 и долгот на свештеникот кон народот. Кога некој принесуваше жртва, слугата на свештеникот доаѓаше со вилушка во раката, додека се вареше месото,
14 и ја спушташе во котелот, или во котлето, или во тавата, или во грнето, и што ќе извади вилушката, тоа го земаше за себе свештеникот. Така постапуваа тие со сите Израелци што доаѓаа таму во Силом.
15 Дури и пред да изгори лојот, слугата на свештеникот доаѓаше и му велеше на оној што принесуваше жртва: „Дај месо за печење на свештеникот; тој нема да земе од тебе варено месо, ами дај сурово.“
16 И ако некој му речеше: „Прво нека изгори лојот, како што е редот, и после земи си, колу што ти сака душата“, тој ќе речеше: „Не, дај сега, ако не, насила ќе земам.“
17 И гревот на тие млади луѓе беше многу голем пред Господ, зашто тие вршеа неправда против жртвите Господови.
18 А момчето Самоил служеше пред Господ, облечено во ленен ефод.
19 Горната облека негова му ја правеше мајка му и му ја донесуваше секоја година, кога доаѓаше со мажот свој за да принесе годишна жртва.
20 Илиј ги благослови Елкана и жена му и рече: „Да ти даде Господ деца од оваа жена како замена за она, кое ти Му го подари на Господ!“ И заминаа во своето место.
21 И ја посети Господ Ана, и таа зачна и роди уште три сина и две ќерки. А момчето Самоил растеше пред лицето на Господ.
22 Илиј, пак, беше многу стар и слушаше сѐ што правеа синовите негови со сите Израелци, и дека тие спијат со жените кои служеа покрај влезот во скинијата на собранието.
23 И им рече: „Зошто правите такви работи, зашто слушам лоши зборови за вас од сиот народ.
24 Не, деца мои, не се добри гласовите што ги слушам за вас. Немојте да правите така, бидејќи гласовите што ги слушам дека вие не му служите добро на народот Господов, не се добри.
25 Ако човек згреши против човек, ќе се помолат на Бога за него; но ако човек згреши против Господ, кој ќе биде тој што ќе моли за него?“ Но тие не го послушаа гласот на таткото свој, бидејќи Господ веќе беше решил да ги погуби.
26 А детето Самоил сѐ повеќе и повеќе растеше и се здобиваше со благонаклоност пред Господ и меѓу луѓето.
27 И дојде еден Божји човек кај Илиј и му рече: „Вака вели Господ: Нели им се открив на твоите предци, кога тие уште беа робови во Египет, во домот на фараонот?
28 И меѓу сите племиња Израелови нели ги избрав нив за свештеници, за да пристапуваат пред Мојот жртвеник, да кадат темјан, да носат ефод пред Мене? Нели му доверив Јас на татковиот ти дом еден дел од жртвите палени за Мене од синовите Израелови?
29 А ти зошто ги презре палените жртви Мои и гледаш со ненаситно око на Моите приноси, кои ги одредив да се принесуваат пред Мене? И зошто ги претпочиташ синовите свои повеќе од Мене, гоејќи ги со најдобрите делови од сите приноси од Мојот народ Израел?
30 Затоа Господ Бог Израелов вели вака: Јас бев рекол тогаш — домот твој и домот на татко ти ќе одат пред лицето Мое засекогаш, но сега Господ вели — Скраја да е од Мене, зашто Јас ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат, а оние што Ме презираат ќе бидат презрени.
31 Ете, настапуваат дни, во кои ќе го сотрам семето твое и семето на татковиот ти дом, така што никогаш да нема старец во домот твој!
32 Па ти со негодување ќе ја видиш Мојата сила, и покрај сите добрини што Господ му ги направил на Израел, и за навек нема да има старец во домот твој.
33 Сепак, Јас нема да ги отстранам сите твои од жртвеникот Свој, но ќе оставам барем еден за да ти пресушат очите твои и да ти ја огорчам душата, а целото потомство на домот твој ќе умира од сечилото на мечот.
34 И еве ти знак што ќе стане со двајцата синови твои Офни и Финес: и обајцата ќе умрат во еден ден.
35 И ќе Си поставам верен свештеник. Тој ќе постапува по срцето Мое и според душата Моја, и неговиот дом ќе го направам цврст, и тој ќе оди пред Мојот помазаник засекогаш.
36 И секој што ќе остане од домот твој, ќе дојде да му се поклонува за сребрена паричка и парче леб и ќе рече: ‚Прими ме на некоја свештеничка должност за да имам парче леб.‘“