1 Samuel 16
1 Му рече Господ на Самоил: „До кога ќе патиш по Саул, кого Јас го отфрлив да не биде цар на Израел? Понеси со себе масло и оди; Јас ќе те испратам кај витлеемецот Јесеј, зашто меѓу неговите синови си согледав цар.“
2 Тогаш Самоил рече: „Како да одам? Саул ќе чуе и ќе ме убие.“ Господ рече: „Потерај од стадото свое една јуничка и кажи: — дојдов да му принесам жртва на Господ;
3 покани го и Јесеј на жртвата; Јас ќе ти кажам што да правиш, и ти ќе Ми го помазаш оној, кого ќе ти го посочам.“
4 И Самоил направи, како што му кажа Господ. Кога дојде во Витлеем, старешините градски се уплашија и излегоа да го пресретнат и запрашаа: „Со мир ли доаѓаш?“
5 Тој одговори: „Со мир; дојдов да Му принесам жртва на Господ; осветете се и дојдете со мене на принесување жртва.“ И го освети тој Јесеј и синовите негови и ги покани на жртвата.
6 И кога дојдоа тие, тој штом го виде Елијав, рече: „Секако, овој е пред Господ помазаникот Негов!“
7 Но Господ му рече на Самоил: „Не гледај на лицето негово и високиот негов раст; Јас го отфрлив. Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето.“
8 И го повика Јесеј Авинадав и го доведе кај Самоил, па рече Самоил: „И овој Господ не го избрал.“
9 Јесеј го доведе Шама, и Самоил рече: „И овој не е избран од Господ.“
10 Така Јесеј ги доведе пред Самоил седумте синови свои, но Самоил му рече на Јесеј: „Ни еден од нив Господ не избрал.“
11 Самоил го запраша Јесеј: „Сите деца твои ли се овие?“ Јесеј одговори: „Остана уште најмалиот; тој ги пасе овците.“ И му рече Самоил на Јесеј: „Испрати, и доведи го, зашто нема да седнеме да јадеме, додека тој не дојде овде.“
12 Тогаш Јесеј испрати, и го доведоа. Тој беше рус, со убави очи и пријатно лице. И Господ рече: „Стани, помазај го, зашто тоа е тој.“
13 Самоил го зеде рогот со масло и го помаза среде браќата негови, и Духот Господов почиваше врз Давид од тој ден и подоцна. Потоа Самоил стана и отиде во Рама.
14 А од Саул отстапи Духот Господов, и зол дух испратен од Господ, го мачеше.
15 И му рекоа на Саул неговите слуги: „Ете, зол дух од Бога те мачи.
16 Нашиот господар нека заповеда на слугите свои што се пред тебе да побараат човек што знае да свири на харфа и кога лошиот дух од Бога ќе дојде врз тебе, тој, свирејќи со рака, ќе те успокојува.“
17 Саул им одговори на слугите свои: „Најдете ми човек што убаво свири, и доведете ми го.“
18 Тогаш еден од слугите негови рече: „Ете, јас видов кај витлеемецот Јесеј дека еден од неговите синови знае да свири. Тој е човек храбар и борбен, умно говори и е мошне убав, и Господ е со него.“
19 Саул прати известител кај Јесеј и рече: „Испрати ми го синот свој Давид, кој е со стадото.“
20 Јесеј зеде магаре натоварено со леб и еден мев вино и едно јаре, па ги испрати со синот свој Давид кај Саул.
21 Давид дојде кај Саул, и се претстави пред него; тој многу му се допадна на Саул и му стана оруженосец.
22 И Саул испрати да му кажат на Јесеј: „Нека служи Давид кај мене, бидејќи стекна благонаклоност во моите очи.“
23 И секогаш, кога злиот дух доаѓаше врз Саул, Давид ја земаше харфата, свиреше, и на Саул му стануваше подобро и повесело, и лошиот дух тогаш се иставаше од него.