Bible

Create

Inspiring Presentations Without Hassle

Try Risen Media.io Today!

Click Here

1 Samuel 14

:
Macedonian - 2006
1 Еден ден Сауловиот син Јонатан му рече на својот слуга оруже­носец: „Дојди да минеме кон филистеј­ската стража, од онаа страна.“ А на татко си тој не му кажа за тоа.
2 Саул, пак, се наоѓаше крај Гива, под калинковото дрво, кое е во Мигрон. Со него беа околу шестотини мажи.
3 И Ахија, синот на Ахитув, братот на Ихавод, син на Финес, син Илиов, свеш­теник Господов во Силом, кој носеше ефод. А народот не знаеше дека Јона­тан заминал.
4 Меѓу премините, низ кои Јонатан сакаше да се пробие до филистејската стража, имаше остра карпа од едната страна и остра карпа од другата: едната ја нарекуваа Боцец, а другата Сене.
5 Едната карпа се издигаше на север кон Михмас, другата на југ кон Гева.
6 И му рече Јонатан на својот слуга оруженосец: „Дојди да преминеме кон стражата на необрезаните; можеби, Господ ќе ни помогне, бидејќи за Гос­под не е тешко да спаси било мнозина или малкумина.“
7 И оруженосецот одговори: „Прави сѐ што ти е по срцето; ете, јас сум со тебе, оди, каде што сакаш.“
8 Јонатан рече: „Еве, ќе преминеме кај оние луѓе и ќе застанеме да нѐ видат;
9 ако ни речат: застанете, додека да дојдеме до вас, ние ќе застанеме на местата свои и нема да одиме кај нив;
10 ако, пак, кажат: дојдете кај нас, ние ќе излеземе, зашто Господ ги пре­дал во рацете наши; и тоа ќе биде знак за нас.“
11 Кога и двајцата застанаа за да ги види филистејската стража, Филистеј­ците рекоа: „Ете, Евреите излегуваат од дупките, во кои се беа сокриле.“
12 И извика стражата кон Јонатан и оруженосецот негов, велејќи: „Дојдете кај нас, и ние ќе ви кажеме нешто.“ То­гаш Јонатан му рече на оруженосецот: „Оди по мене, зашто Господ ги предава во рацете на Израел.“
13 Тогаш Јонатан почна да се качува со раце и нозе, а оруженосецот негов по него. И Филистејците паѓаа под ударите на Јонатан, а оруженосецот ги доубиваше по него.
14 И во тој прв пораз, нанесен од Јона­тан и оруженосецот негов, паднаа околу дваесет души, на простор од околу половина хектар земја.
15 Па настана ужас во логорот во полето и меѓу сиот народ: стражата и оние што ја опустошија земјата, многу се уплашија. Се затресе целата земја, и настана голем ужас од Господ.
16 И Сауловата стража во Гива Вени­јаминова виде дека народот се распрс­нува и трча наваму-натаму.
17 И Саул му рече на народот што беше со него: „Погледајте и дознајте, кои од нашите се излезени.“ И откако прегледаа, се откри дека ги нема Јона­тан и неговиот оруженосец.
18 И Саул му рече на Ахија: „Донеси го ковчегот Божји“ зашто во тоа време ковчегот Божји беше со синовите Израелови.
19 Саул уште му говореше на свештеникот, додека збрката во филистејскиот логор сѐ повеќе и повеќе се зголемуваше. Тогаш Саул му рече на свештеникот: „Собери ги рацете свои!“
20 Извика Саул и сиот народ што бе­ше со него, и дојдоа до местото на бит­ката, и ете, таму мечот на секого беше насочен против ближниот негов, така што имаше многу голема бркотница.
21 Тогаш и Евреите, кои до вчера и завчера беа со Филистејците и кои заедно одеа со нив во логорот, се присоединија кон Израелците што беа со Саул и Јонатан.
22 А сите Израелци што се криеја во Ефремовата Гора, откако слушнаа дека Филистејците се разбегале, и тие се присоединија кон своите во битката.
23 Тој ден Господ го спаси Израел; а битката се прошири дури до Бет-Авен.
24 Израелците беа изморени тој ден; а Саул, го заколна народот, велејќи: „Проклет да е оној што ќе вкуси леб до вечерва, додека не им се одмаздам на моите непријатели!“ И никој од народот не вкуси храна.
25 И сиот народ отиде во гората, а таму на лединката имаше мед.
26 И народот отиде таму, велејќи: „Еве, тече мед.“ Но никој не ја доближи раката кон устата своја, бидејќи народот се плашеше од клетвата.
27 Јонатан, пак, не слушна, кога татко му го заколнуваше народот, и откако го протегна крајот на стапот што беше во раката негова, ја буцна медената пита и ја сврти со раката кон устата своја и очите му светнаа.
28 А еден од народот му рече, велејќи: „Татко ти го заколна народот, и рече: ‚Проклет да е оној што денес ќе вкуси храна; и затоа луѓето се изнемоштени.‘“
29 Но Јонатан рече: „Татко ми ја вознемирува земјава; гледате, како ми светнаа очите штом вкусив малку од медов;
30 ако, пак, народот денес си каснеше од пленот што го најде кај непријателите свои, немаше ли поразот на Филистејците да биде поголем?“
31 И Израелците ги разбија Филистеј­ците оној ден од Михмас до Ајалон, и народот многу беше изморен.
32 Тогаш народот се нафрли на пле­нот, и земаа овци, волови и телиња, и ги колеа наземи, и народот јадеше заедно со крвта.
33 Му јавија на Саул, велејќи: „Ете, народот греши пред Господ, јаде со крвта.“ И рече Саул: „Вие згрешивте: донесете сега кај мене еден голем камен.“
34 Потоа Саул рече: „Одете меѓу на­родот и речете му: секој нека го дотера кај мене волот свој и секој овцата своја, и колете тука и јадете, и не грешете пред Господ, не јадете со крвта.“ И сите од народот дотеруваа, секој со своја рака, волот свој и овцата своја во текот на ноќта и ги колеа таму.
35 Тогаш Саул Му изгради жртвеник на Господ: тоа беше жртвеникот на Господ подигнат од него.
36 И Саул рече: „Да тргнеме по Филистејците оваа ноќ и да ги ограбиме до разденување и да не оставиме ниту еден од нив.“ И рекоа: „Прави сѐ што сметаш дека е добро.“ А свештеникот рече: „Да пристапиме овде кон Бога.“
37 Саул Го запраша Бога: „Да тргнам ли против Филистејците? Ќе ги преда­деш ли во рацете на Израел?“ Но Тој не му одговори тој ден.
38 Тогаш Саул рече: „Нека се приближат овде сите началници народни, да распрашаат и дознаат, врз кого е денес гревот?
39 Зашто, се колнам во Господ, Кој го спаси Израел ако биде и врз синот мој Јонатан, и тој нека умре бездруго.“ Но никој од народот не му одговори.
40 Тогаш Саул им рече на сите Изра­елци: „Застанете вие на едната страна, а јас и син ми Јонатан ќе застанеме на другата страна.“ А народот му одговори на Саул: „Прави го она што мислиш дека е добро.“
41 И рече Саул: „Господи, Боже Изра­елов, кажи ни ја вистината!“ Изо­б­личените со ждрепка беа Јонатан и Саул, а народот излезе прав.
42 Тогаш Саул рече: „Фрлете ждрепка меѓу мене и меѓу синот мој Јонатан.“ И ждрепката падна врз Јонатан.
43 И Саул му рече на Јонатан: „Кажи ми што си направил?“ И Јонатан му раскажа, велејќи: „Вкусив со стапот што е во раката моја, малку мед; и ете, јас треба да умрам.“
44 И Саул рече: „Нека Господ ми ис­прати најлоша казна и уште повеќе нека ми даде, ако ти, Јонатане, денес не умреш.“
45 Но народот му рече на Саул: „Јонатан ли да умре, кој изврши такво големо спасение на Израел? Тоа нема да биде! Се колнеме во Господ дека ни влакно нема да падне од главата негова на земјата, зашто денес тој дејствуваше со Бога.“ И народот го ослободи Јона­тан, и тој не умре.
46 Тогаш Саул престана да ги гони Филистејците; и Филистејците се вратија во нивните места.
47 Саул го зацврсти царувањето свое над Израел, и војуваше против сите свои околни непријатели, против Моав, против Амонците, против Едом, против царевите на Цова, против Филистеј­ците, а против кого и да се свртеше, по ред имаше успех.
48 Тој ја среди војската, го разби Амалик и го ослободи Израел од рацете на оние што го грабеа.
49 Саулови синови беа: Јонатан, Јиш­виј и Мелхисуј, а двете ќерки негови се викаа: првородената Мерава, а помладата Михала.
50 А Сауловата жена се викаше Ахи­ноам, ќерка на Ахимаац; начал­никот на војската негова се викаше Авинер, син на Нир, стрикото Саулов.
51 Кис, Сауловиот татко, и Нир, Аве­нировиот татко, беа синови Авие­лови.
52 И за сето Саулово време се водеше упорна борба против Филистејците. И кога Саул ќе видеше некој човек силен и храбар, го земаше кај себеси.