1 Samuel 13
1 Саул имаше триесет години кога почна да царува; и царуваше над Израел две години.
2 Саул си одбра три илјади Израелци: две илјади беа заедно со Саул во Михмас и во гората ветилска, и илјада беа со Јонатан во Гива Венијаминова: а останатиот народ тој го испрати во нивните шатори.
3 Јонатан ја разби филистејската стража што беше во Гева; Филистејците слушнаа за тоа, а Саул затруби со труба по целата земја, викајќи: „Нека слушнат Евреите!“
4 Кога сиот Израел слушна дека Саул ја разбил филистејската стража и дека Израел станал омразен за Филистејците, — народот се собра кај Саул во Гилгал.
5 А Филистејците се собраа за војна против Израел: триесет илјади коли и шест илјади коњица, и мноштво народ, како песокот на морскиот брег; и дојдоа, та поставија логор во Михмас, на исток од Бет-Авен.
6 Израелците, откако видоа дека се во опасност, бидејќи народот беше притеснет, се криеја во пештери и дупки, во камени места, во пукнатини и ровови;
7 а некои од Евреите минаа од онаа страна на Јордан, во земјата Гадова и Галаадска; Саул, пак, беше уште во Гилгал, и сиот народ што беше со него, се беше уплашил.
8 И тој чекаше седум дена до рокот, означен од Самоил, но Самоил не доаѓаше во Гилгал. И народот почна да се разбегува од него.
9 И Саул рече: „Донесете го кај мене одреденото за сепаленици и за жртви за благодарност.“ И принесе жртва.
10 А штом заврши со принесувањето на жртвата, ете дојде Самоил, и Саул му излезе во пресрет да го поздрави.
11 А Самоил запраша: „Што си направил?“ Саул одговори: „Видов дека народот се разбега од мене, а ти не дојде во закажаното време. Филистејците пак се беа собрале во Михмас,
12 тогаш си помислив: ‚Сега ќе се спуштат врз мене Филистејците во Гилгал, а јас, пак, сѐ уште не сум Го прашал Господа, па затоа решив да принесам жртва.‘“
13 И Самоил му рече на Саул: „Лошо си постапил што не си ја исполнил заповедта на Господ, твојот Бог, која ти беше дадена, зашто денес Господ сакаше да го зацврсти царувањето твое над Израел засекогаш.
14 А сега твоето царување не ќе може да опстане: Господ ќе си најде маж според срцето Свое и ќе го назначи за владетел над народот Негов, зашто ти не го исполни она што ти беше заповедал Господ.“
15 И стана Самоил, та отиде од Гилгал во Гива Венијаминова; а Саул ги преброи луѓето што беа со него. Тие беа околу шестотини мажи.
16 Саул со синот свој Јонатан и луѓето што се наоѓаа покрај нив, поставија логор во Гева Венијаминова, а Филистејците беа во логорот во Михмас.
17 И од филистејскиот логор излегоа три чети за да ја опустошуваат земјата: едната тргна по патот за Офра, во земјата Шуал,
18 другата чета тргна по патот за Веторон, додека третата појде по патот кон границата на долината Цевоим, кон пустината.
19 Во сета израелска земја немаше ковачи, бидејќи Филистејците се плашеа да не направат Евреите мечеви или копја.
20 И сите Израелци требаше да одат кај Филистејците за да ги наострат своите рала, мотиките, секирите и копачите,
21 кога ќе отапеше сечилото на ралата, мотиките, вилите и секирите, или пак требаше да се наострат остените.
22 Затоа во текот на војната немаше ниту меч, ниту копје во сиот народ што беше со Саул и Јонатан, а имаа само Саул и неговиот син Јонатан.
23 И филистејската стража излезе во теснецот кај Михмас.