1 Samuel 12
1 И Самоил му рече на сиот Израел: „Ете, јас го послушав вашиот глас во сѐ што ми рековте, и ви поставив цар,
2 и еве, царот оди пред вас: а јас остарев и побелев; и синовите мои се со вас. Јас, пак, одев пред вас од мојата рана младост до денес.
3 Па еве ме, сведочете против мене пред Господ, и пред Неговиот помазаник: кому сум зел вол, кому сум зел магаре, кого сум измамил и кого сум потискал, од кого сум зел дар и сум ги затворил очите пред делото негово, јас ќе ви го вратам.“
4 И одговорија: „Ти не си нѐ измамувал, ниту си нѐ измачувал и од никого ништо не си зел.“
5 И тој им рече: „Сведок против вас е Господ, сведок е и помазаникот Негов во овој ден дека не најдовте ништо против мене.“ И тие одговорија: „Сведок е.“
6 Тогаш Самоил му рече на народот: „Сведок е Господ, Кој ги постави Мојсеј и Арон и Кој ги изведе вашите предци од египетската земја.
7 А сега застанете, и јас ќе се судам со вас пред Господ за сите добри дела што Тој ви ги направи вам и на предците ваши.
8 Кога Јаков дојде во Египет, и предците ваши почнаа да повикуваат кон Господ, Господ ги испрати Мојсеј и Арон, и тие ги изведоа предците ваши од Египет и ги населија на ова место.
9 Но тие Го заборавија Господа, својот Бог, и Тој ги предаде во рацете на Сисера, асирскиот војвода, и во рацете на Филистејците и во рацете на моавскиот цар, кои војуваа против нив.
10 А кога повикаа пак кон Господ и рекоа: ‚Згрешивме што Го оставивме Господа и почнавме да им служиме на Вааловци и на Аштарти, спаси нѐ сега од рацете на непријателите наши, и ние ќе Ти служиме Тебе.‘
11 Тогаш Господ ги испрати Јероваал и Бедан, Ефтај и Самоил и ве спаси од рацете на околните непријатели ваши, и вие живеевте во мир.
12 Но кога видовте дека амонскиот цар Нахас оди против вас, вие ми рековте: Не, нека владее цар над нас, иако Господ, вашиот Бог, е ваш Цар.
13 И така, еве го царот што го избравте, кого го сакавте; ете, Господ ви постави цар.
14 Ако се однесувате со почит кон Господ и Му служите, ако го слушате гласот Негов и не се противите на заповедите Господови, вие и царот ваш, кој владее над вас, ќе одите по Господ, вашиот Бог;
15 ако, пак, не го слушате гласот Господов и почнете да се противите на заповедите Господови, раката на Господ ќе биде против вас, и против вашиот цар.
16 А сега станете и погледнете го големото дело, што Господ го изврши пред очите ваши:
17 нели е сега пченична жетва? Но јас ќе Го повикам Господа, и Тој ќе испрати гром и дожд, и вие ќе дознаете и ќе видите, колку е големо злото што го направивте пред очите на Господ, барајќи за себе цар.“
18 И Самоил Го повика Господа, и Господ испрати гром и дожд во тој ден; и сиот народ многу се исплаши од Господ и од Самоил.
19 И сиот народ му рече на Самоил: „Помоли се за слугите свои пред Господ, твојот Бог, за да не умреме; зашто кон сите гревови наши додадовме уште едно зло, кога баравме за себе цар.“
20 А Самоил му одговори на народот и рече: „Не плашете се, вие го направивте, вистина, тоа зло, но само не отстапувајте од Господ, и служете Му на Господ од сѐ срце,
21 и не одете по ништожни богови, кои нема да ви донесат корист и нема да ве спасат, бидејќи се бесполезни.
22 А Господ нема да го остави народот Свој заради Своето големо име, бидејќи на Господ Му беше мило да ве избере за Свој народ;
23 исто така и јас нема да си дозволам грев пред Господ да престанам да се молам за вас, и ќе ви го покажувам добриот и правиот пат.
24 Само однесувајте се со страхопочит кон Господ и служете Му вистински од сето свое срце, зашто видовте какви големи дела изврши Тој со вас;
25 ако пак правите зло, тогаш и вие и царот ваш ќе загинете.“