Bible

Simplify

Your Church Tech & Streamline Your Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

1 Kings 8

:
Macedonian - 2006
1 Тогаш Соломон ги повика кај себе во Ерусалим израелските стареши­ни и сите кнезови на племињата, родоначалниците на синовите Израело­ви за да го пренесат ковчегот на заветот Господов од Давидовиот град, од Сион во храмот.
2 И се собраа на празникот кај царот Соломон сите Израелци во месецот ета­ним, кој е седмиот месец.
3 Дојдоа сите старешини израелски; и свештениците го кренаа ковчегот
4 и го понесоа ковчегот Господов и скинијата на собранието и сите свеш­тени предмети што беа во скинијата; а ги носеа свештениците и левитите.
5 А цар Соломон и со него целиот израелски собор што се беше собрал кај него, одеа пред ковчегот, принесувајќи жртви од ситен и крупен добиток, кој не беше можно да се изброи и пресмета поради мноштвото негово.
6 Свештениците го внесоа ковчегот на заветот Господов на местото негово, во внатрешноста на храмот, во Светињата над светињите, под крилјата на херувимите.
7 Зашто херувимите ги ширеа крилјата над местото на ковчегот, и херувимите го покриваа одозгора ковчегот и лостовите негови.
8 Лостовите се подаваа така што нивните краеви се гледаа во светилиш­тето, но не можеа да се видат однадвор; тие се таму и до денес.
9 Во ковчегот немаше ништо, освен двете камени плочи, кои Мојсеј ги беше положил внатре на Хорив, кога Господ склучи завет со синовите Израелови, откако тие излегоа од египетската земја.
10 Кога свештениците излегоа од све­тилиштето, облак го исполни домот Гос­подов.
11 И свештениците не можеа да стојат на службата поради облакот, бидејќи светлината Господова го исполни хра­мот Господов.
12 Тогаш Соломон рече: „Господ благоволи да живее во магла:
13 Ти изградив храм Тебе за живеа­лиште, место, каде што ќе престојуваш засекогаш.“
14 И царот се сврте со лицето свое, и го благослови целиот собор на Израел­ците, а целиот собор на Израелците стоеше.
15 Тогаш рече: „Нека е благословен Господ, Бог Израелов, Кој со устата Своја му рече на татко ми Давид, и реченото денес го исполни со раката Своја! Тој беше рекол:
16 ‚Од оној ден, кога го изведов Мојот народ Израел од Египет, Јас не одбрав град меѓу племињата Израелови за да се изгради дом, каде што ќе остане засекогаш името Мое; го избрав Давид, тој да биде над Мојот народ Израел.‘
17 Татко ми Давид намисли да изгради храм во името на Господ, Бог Израелов;
18 но Господ му рече на татко ми Давид: ‚ти си намислил да изградиш храм на името Мое; добро е што ти е тоа на срцето;
19 меѓутоа, ти нема да изградиш храм, туку твојот син, кој излегол од бедрата твои, тој ќе изгради храм на името Мое.‘
20 И Господ го исполни словото Свое што беше го изрекол; јас се издигнав на местото на таткото мој Давид, и седнав на престолот Израелов, како што рече Господ, и изградив храм во чест на името Господово, Израеловиот Бог;
21 и подготвив таму место за ковчегот, во кој е заветот на Господ што го беше склучил со нашите татковци, кога ги изведе од египетската земја.“
22 Тогаш застана Соломон пред жрт­веникот Господов, пред целиот собор на Израелците, ги крена рацете кон небото
23 и рече: „Господи, Боже Израелов! Нема Бог како Тебе ниту на небото горе, ниту на земјата долу; Ти го пазиш заветот и милоста кон слугите Свои, кои одат пред Тебе од сѐ срце.
24 Ти го исполни на Својот слуга Давид, мојот татко, она што му го беше ветил; она што го беше изрекол со устата Своја, денес го изврши со раката Своја.
25 И сега, Господи, Боже Израелов, исполни го на Својот слуга Давид, мојот татко, она што му го беше говорел, ве­лејќи: ‚Пред лицето мое никогаш нема да недостасува маж од тебе, кој ќе седи на Израеловиот престол; доволно е само синовите твои да се држат за патот свој, одејќи пред Мене така, како што ти одеше пред Мене.‘
26 И сега, Боже Израелов, нека биде верно словото Твое што си му го рекол на Својот слуга Давид, мојот татко!
27 Но зар Бог ќе сака да живее на земјата! Небото и небото на небесата не се доволни да Те соберат, а уште помалку овој храм што сум го изградил јас;
28 но погледни милостиво кон молитвата на Твојот слуга и кон молбата негова, Господи, Боже мој! Чуј го пови­кот и молитвата со која Твојот слуга Те моли денес.
29 Да бидат очите Твои отворени кон тој храм дење и ноќе, кон ова место, за кое си рекол: името Мое ќе биде таму; чуј ја молитвата, со која ќе се моли Твојот слуга на тоа место.
30 Сослушај ја молбата на Твојот слуга и на Твојот народ Израел, кога тие ќе се молат на ова место; чуј од мес­тото на Твоето живеалиште, од небесата, сослушај и смилувај се.
31 Кога некој ќе згреши против ближ­ниот свој, и ќе побара од него со заклетва за да се заколне, и заради заклетвата ќе дојдат пред Твојот жртвеник во овој храм,
32 тогаш сослушај ги од небото и дејствувај, донеси суд над Своите слуги, обвини го виновниот, стоварувајќи му ја врз главата негова постапката негова, и оправдај го правиот, давајќи му според неговата праведност.
33 Кога Твојот народ Израел ќе биде поразен од непријателите, поради тоа што згрешил пред Тебе, и кога тие ќе се обратат кон Тебе и ќе го исповедаат името Твое и ќе Ти се молат и ќе дови­куваат со молитви во овој храм,
34 сослушај го тогаш од небото и прости му го гревот на Твојот народ Израел, и врати ги во земјата што си им ја дал на татковците нивни.
35 Кога ќе се заклучи небото и ќе нема дожд, поради тоа што ќе згрешат пред Тебе, ќе го исповедаат името Твое и се свртат од гревот свој, бидејќи си ги смирил,
36 сослушај ги тогаш од небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот народ израелски, покажу­вајќи им го добриот пат, по кој да одат, и испрати дожд врз Твојата земја што си му ја дал на народот Свој во наследство.
37 Глад ли ќе настане по земјата, или помор, огнен ветар ли, гламја, скакулци, или гасеници, непријателот ли ќе го притисне во земјата негова, некаква неволја ли ќе се појави, или болест,
38 при секоја молитва, при секоја молба што доаѓа од кој и да било човек од сиот Твој народ израелски, кога ќе почувствуваат болка во срцето свое и ќе ги подадат рацете кон овој храм,
39 сослушај го од небото, од местото на Твоето живеалиште, и смилувај се; направи и воздај секому според патиш­тата негови, како што го гледаш срцето негово, бидејќи само Ти ги познаваш срцата на сите човечки синови:
40 за да имаат страхопочит кон Тебе во сите дни, додека живеат на земјата што си им ја дал на татковците нивни.
41 Ако и некој туѓинец, кој не е од Твојот народ Израел, дојде од далечна земја заради Твоето име,
42 зашто ќе чујат за Твоето големо име, за Твојата силна рака и за Твојата крената мишка и ќе дојдат да се помолат во овој храм,
43 сослушај го од небото, од местото на Своето живеалиште, и направи сѐ, за што ќе Те повика туѓинецот, та сите земни народи да го знаат Твоето име за да имаат страхопочит кон Тебе, како Твојот народ Израел, да знаат дека овој храм што го изградив јас, е наречен на Твое име.
44 Кога Твојот народ излезе во војна против својот непријател по патот, по кој ќе го испратиш, и ќе Му се помоли на Господ, свртувајќи се кон градот што Ти си го избрал и кон храмот што го изградив на Твоето име,
45 тогаш сослушај ја од небото молитвата нивна и молбата нивна и направи го она што им е потребно ним.
46 Кога ќе згрешат пред Тебе, зашто нема човек кој не греши, и Ти ќе им се разгневиш и ќе ги предадеш на непријателите, и тие ќе ги запленат, и ќе ги одведат како робови во непријателска земја, далечна или блиска;
47 и кога во земјата, каде што ќе бидат во пленство, дојдат на себеси и се обратат кон Тебе и Ти се помолат во земјата на оние што ги плениле, велеј­ќи: згрешивме, извршивме беззаконие, виновни сме;
48 и кога ќе се обратат кон Тебе од сето срце свое и од сета душа своја во земјата на непријателите што ги плениле, и ти се помолат, свртувајќи се кон својата земја што си им ја дал на тат­ковците нивни, кон градот што си го избрал и кон храмот што го изградиле на Твое име,
49 тогаш сослушај ја од небото, од местото на Твоето живеалиште, молитвата и молбата нивна, и направи што им е ним потребно;
50 и прости му на Твојот народ, за она што згрешил пред Тебе, и сите негови престапи што ги извршил пред Тебе и предизвикај сочувство кон нив кај оние што ги плениле, та да бидат милостиви кон нив;
51 зашто тие се Твој народ и Твој дел што Ти го изведе од Египет, од железната печка.
52 Ушите Твои и очите Твои нека бидат отворени за молбата на Твојот слуга и за молитвата на Твојот народ израелски за да ги чуеш секогаш, кога Те повикуваат,
53 зашто Ти си ги одбрал за Свој дел меѓу сите земни народи, како што си рекол преку Мојсеј, Твојот слуга, кога ги изведе татковците наши од Египет, Господи, Боже!“
54 Откако Соломон ја заврши кон Гос­под целата оваа молитва и молба, па како што беше коленичел, стана од пред жртвеникот Господов, со рацете подигнати кон небото.
55 И, исправен, го благослови целиот собор на Израелците, велејќи со висок глас:
56 „Нека е благословен Бог, Кој му даде спокојство на Својот народ Израел, како што беше говорел! Не остана неисполнет ниеден збор од сите Негови добри зборови што ги беше изрекол преку својот слуга Мојсеј;
57 нека биде со нас Господ, Бог наш, како што беше со татковците наши; да не нѐ остава, и да не нѐ напушта,
58 приклонувајќи ги срцата наши кон Себе за да одиме по сите патишта Негови и да ги чуваме заповедите Не­гови и законите Негови што им ги запо­веда на татковците наши.
59 И овие зборови, со кои се молев пред Господ денес, нека бидат блиски до Господ, нашиот Бог, дење и ноќе за да го врши Тој она што е нужно за Неговиот слуга и за Неговиот народ Израел секој ден,
60 та да познаат сите народи дека Гос­под е Бог, и дека нема друг освен Него.
61 Срцето ваше нека биде наполно предадено на Господ, нашиот Бог за да одите по наредбите Негови и да ги па­зите заповедите Негови, како денес.“
62 Тогаш царот и сите Израелци со не­го, Му принесоа жртви на Господ.
63 Соломон закла како жртва за поми­рување што Му ја принесе на Господ, дваесет и две илјади крупен добиток и сто дваесет илјади ситен добиток. Така царот и сите синови Израелови Му Го осветија храмот на Господ.
64 Во истиот ден царот го освети средниот дел на дворот, кој е пред храмот Господов, принесувајќи сепаленици и приноси и принесувајќи го лојот од жртвите за помирение, бидејќи брон­зени­от жртвеник што е пред Господ, бе­ше мал да ги собере сепалениците, приносите и лојот од жртвите за помирување.
65 Така Соломон направи празник и сиот Израел со него собор голем, кој се беше собрал од Емат до египетскиот поток, пред Господ, нашиот Бог; праз­нуваа и јадеа, и пиеја и се молеа пред Господ, нашиот Бог, во изградениот храм седум дена и уште седум дена, односно четиринаесет дена.
66 Во осмиот ден Соломон го рас­пушти народот. Сите го благословија царот и си отидоа по шаторите свои, радувајќи се и веселејќи се во срцето свое за сето добро што Господ му го на­прави на Својот слуга Давид и на Својот народ Израел.