1 Kings 20
1 Арамејскиот цар Венадад, ја собра сета војска своја, и со него имаше триесет и двајца цареви, и коњи и коли, и отиде, па ја опседна Самарија и војуваше против неа.
2 И испрати пратеници до израелскиот цар Ахав во градот,
3 и му рече: „Вака вели Венадад: твоето сребро и твоето злато се мои, и твоите жени и најдобрите твои синови се мои.“
4 Израелскиот цар одговори и рече: „Нека биде според зборот твој, господаре мој, царе; јас и сѐ што е мое е твое.“
5 Известувачите повторно дојдоа и рекоа: „Вака вели Венадад: испратив да ти кажат, да ми го дадеш среброто свое и златото свое, жените свои и синовите свои.
6 Затоа, утре, во ова време, ќе ги испратам кај тебе слугите свои да ја пребараат твојата куќа и куќите на твоите слуги, и да го земат в раце и да го изнесат сѐ што е скапо за очите твои.“
7 Израелскиот цар ги повика сите старешини во земјата и рече: „Размислете и гледајте, па тој крои зло; кога испрати кај мене за жените и синовите мои, за среброто и златото мое, јас не му откажав.“
8 И сите старешини и сиот народ му одговорија: „Не слушај и не се согласувај!“
9 Потоа тој им одговори на Венададовите известувачи: „Кажете му на мојот господар, царот: сѐ, за кое ти испрати првиот пат по твојот слуга, готов сум да го направам, но ова не можам да го направам.“ Тогаш пратениците си отидоа и му однесоа одговор.
10 И Венадад испрати и му порача: „Нека ми испратат боговите најтешка казна и уште толку да ми додадат, ако во Самарија има доволно по еден грст прашина за сите луѓе што одат по мене.“
11 Израелскиот цар одговори и рече: „Кажете му да не се фали оној, кој се опашува како оној што се распашува.“
12 Кога ги слушна тие зборови Венадад, кој пиеше во шаторите заедно со царевите, им рече на слугите свои: „Опседнувајте го градот!“ И го опседнаа градот.
13 И ете, еден пророк пристапи до израелскиот цар Ахав и рече: „Вака вели Господ: го гледаш ли ова цело големо множество? Еве, денес ќе го предадам во твои раце за да знаеш дека Јас сум Господ.“
14 Ахав запраша: „Преку кого?“ Тој одговори: „Вака вели Господ: ‚преку слугите на градските водачи.‘“ А Ахав пак праша: „Кој ќе ја почне битката?“ Тој му одговори: „Ти.“
15 Ахав ги преброи оние што служеа кај обласните началници, кои беа на број двеста триесет и двајца; по нив го преброи сиот народ, сите израелски синови, и тие беа седум илјади.
16 Тие тргнаа околу пладне. Додека Венадад пиеше и се опиваше во шаторите заедно со царевите, со триесет и двајцата цареви, кои му помагаа.
17 Најнапред тргнаа обласните началници. И му соопштија на Венадад дека излегле луѓе од Самарија.
18 Тој рече: „Ако се излезени за мир, фатете ги живи; ако, пак, се излезени да војуваат, пак фатете ги живи!“
19 Оние што служеа кај обласните началници излегоа од градот, а по нив и војската.
20 И секој го убиваше својот противник: Арамејците почнаа да бегаат, а Израелците ги гонеа. Венадад, арамејскиот цар, се спаси на коњ со други коњаници.
21 Израелскиот цар излезе, ги заплени коњите и колите и им нанесе голем пораз на Арамејците.
22 Тогаш пророкот пристапи до израелскиот цар и му рече: „Оди, поткрепи се, па знај и гледај што ќе правиш, зашто по една година арамејскиот цар пак ќе излезе против тебе.“
23 И му кажаа на арамејскиот цар слугите негови: „Нивниот Бог е Бог на горите, затоа нѐ победија; но, ако се удриме со нив во рамнина, бездруго ќе ги надвиеме.
24 И така, еве што ќе направиш: отстрани ги царевите секој од местото негово и место нив постави градски водачи;
25 и собери си толку војска, колку што изгина, и коњи, и коли, колку што имаше; ќе се удриме со нив во рамнина и тогаш бездруго ќе ги надвиеме.“ Тој го послуша гласот нивни и направи така.
26 По една година Венадад собра Арамејци и тргна кон Афек за да се удри со Израел.
27 Собрани беа и Израеловите синови и, откако си зедоа храна, тргнаа против нив. Израеловите синови се сместија пред нив како две мали стада кози, а Арамејците ја исполнија земјата.
28 Тогаш Божјиот човек се приближи и му рече на израелскиот цар: „Така вели Господ: бидејќи Арамејците велат дека Господ е Бог на горите, а не Бог на долините, ќе го предадам во рацете твои целото тоа големо множество за да знаете дека Јас сум Господ.“
29 И тие стоеја во логорите едни спроти други седум дена. На седмиот ден почна борбата, и Израеловите синови убија сто илјади пешаци Арамејци во еден ден.
30 Другите избегаа во градот Афек; таму падна ѕидот врз другите дваесет и седум илјади луѓе. Венадад, пак, влезе во градот и бегаше од една скривница во друга.
31 Тогаш неговите слуги му рекоа: „Сме слушале дека царевите од Израеловиот дом се милостиви цареви; дозволи ни да го препашеме со вреќиште крстот свој, да ставиме јажиња околу главите свои и да отидеме кај израелскиот цар; можеби тој ќе го запази животот твој.“
32 Тие го препашаа крстот свој со вреќиште, ставија околу главите свои јажиња и дојдоа кај израелскиот цар, па рекоа: „Твојот слуга Венадад вели: ‚Поштеди го животот мој.‘“ Оној праша: „Зар е тој жив? Тој ми е брат.“
33 Тие луѓе го примија тоа како добар знак и брзо го зедоа зборот од устата негова и рекоа: „Венадад е твојот брат.“ А тој им рече: „Одете и доведете го.“ Тогаш Венадад излезе пред него, а тој го качи до себе во колата.
34 И му рече Венадад: „Градовите што таткото мој ги презеде од твојот татко, ќе ги вратам, и ти можеш да имаш за себе пазаришта во Дамаск, како што имаше татко ми во Самарија.“ Ахав одговори: „Со тој завет ќе те пуштам.“ И, откако направи сојуз со него, го пушти.
35 Тогаш еден од пророковите синови според словото Господово му рече на еден од своите другари: „Удри ме!“ Но тој човек не се согласи да го удри.
36 Тогаш му рече: „Поради тоа што не го послуша Господовиот глас, ќе те умртви лав, кога ќе си отидеш од мене.“ Тој си отиде од него, и лав го сретна и го умртви.
37 Тој најде друг човек и рече: „Удри ме!“ Човекот го удираше толку силно што му направи рани од ударите.
38 Тогаш пророкот тргна и застана пред царот на патот, а очите си ги покри со превез.
39 Кога царот минуваше, тој извика кон царот и рече: „Твојот слуга одеше во борба, и ете, еден човек, се тргна настрана и ми доведе еден маж и рече: ‚Варди го овој човек; ако не го зачуваш, душата твоја ќе оди место неговата душа, или ќе треба да платиш кикар сребро.‘
40 Кога слугата твој се зафати со ова и она, тој се изгуби.“ А израелскиот цар му рече: „Таква ти е пресудата; ти сам си ја решил.“
41 Тој тогаш го симна превезот од очите свои, и царот го позна дека е од пророците.
42 И му рече: „Вака вели Господ: затоа што го пушти од рацете свои човекот што го бев предал на проклетство, твојата душа ќе оди место неговата душа, и твојот народ — место неговиот народ.“
43 Израелскиот цар си замина во домот свој возбуден и огорчен и стигна во Самарија.