1 Kings 2
1 Наближи времето да умре Давид, и тој му заповеда на синот свој Соломон, велејќи:
2 „Еве, јас заминувам по патот на сите смртни, а ти биди храбар и човек,
3 и чувај го заветот на Господ, твојот Бог, одејќи по Неговите патишта и да ги чуваш повелбите Негови и заповедите Негови, судовите Негови и законите Негови, како што е напишано во Мојсеевиот закон за да бидеш благоразумен во сѐ што и да правиш и насекаде, каде и да се свртиш,
4 та Господ да го исполни зборот Свој што го беше кажал за мене, велејќи: ‚Ако твоите синови ги чуваат патиштата свои за да одат пред Мене во вистината од сѐ срце и од сета душа, нема да недостига човек од тебе на Израеловиот престол.‘
5 Но ти знаеш што ми направи Саруевиот син Јоав, како постапи со двајцата војводи на израелската војска, со Нировиот син Авенир и со Јетеровиот син Амаса, како ги уби и во мирно време пролеа крв како во војна, и со борбена крв го искрвави појасот на крстот свој и обувките на нозете свои;
6 а ти постапувај според својата мудрост, и не оставај го да умре спокојно од старост.
7 А на синовите од галаадчанецот Верзелиј направи им милост, и нека бидат меѓу оние што се хранат на твојата трпеза, бидејќи ми излегоа во пресрет, кога бегав од братот твој Авесалом.
8 Ете, со тебе е и Семеј, синот на Венијаминецот Гера од Бахурим; тој ме колнеше со тешки клетви, во денот кога одев во Маханаим; но тој ми излезе во пресрет кај Јордан, и јас Му се заколнав во Господ, велејќи: нема да те погубам со меч.
9 Но ти не го оставај неказнет, бидејќи си мудар човек и знаеш што треба да направиш со него за да ја симнеш неговата седа глава окрвавена во пеколот.“
10 И потоа Давид почина кај татковците свои и беше погребан во Давидовиот град.
11 А Давид царуваше над Израел четириесет години: во Хеврон царуваше седум години и во Ерусалим царуваше триесет и три години.
12 Тогаш Соломон седна на престолот на татко си Давид, и царството негово се зацврсти многу.
13 А Адонија, Агитиниот син, дојде кај Витсавеја, Соломоновата мајка. Таа го праша: „Со мир ли си дојден?“ Тој одговори: „Со мир.“
14 И тој рече: „Имам нешто да ти кажам.“ Таа му рече: „Кажувај.“
15 Тогаш тој продолжи: „Ти знаеш дека царството ми се паѓаше мене, и сиот Израел ги свртуваше погледите кон мене, како кон иден цар; но царството отиде од мене и се падна на братот мој, бидејќи тоа беше од Господ.
16 Сега те молам за едно: не ми откажувај.“ Таа му рече: „Говори.“
17 И тој пак продолжи: „Те молам проговори му на царот Соломон, бидејќи тој нема да ти откаже, да ми ја даде за жена Сунамитката Авишага.“
18 Витсавеја одговори: „Добро, јас ќе зборувам со царот за тебе.“
19 И Витсавеја влезе кај царот Соломон да му говори за Адонија. Царот стана пред неа, ѝ се поклони и седна на престолот свој. Поставија престол и за царевата мајка, и таа седна десно од него;
20 и рече: „Имам една молба кон тебе, не ми откажувај.“ А царот ѝ одговори: „Барај, мајко, нема да ти откажам.“
21 Таа рече: „Дај му ја Сунамитката Авишага за жена на братот твој Адонија.“
22 Тогаш царот Соломон одговори и ѝ рече на мајка си: „А зошто ја бараш Сунамитката Авишага за Адонија? Побарај го за него и царството, бидејќи тој ми е поголем брат, а откај него се и свештеникот Авијатар и Саруевиот син Јоав.“
23 И царот Соломон се заколна во Господ, велејќи: „Нека Господ ми испрати голема казна и уште повеќе да ми додаде, ако Адонија не ги кажал тие зборови по цена на душата своја.
24 А сега — се колнам во Господ, Кој ме зацврсти и постави на престолот од мојот татко Давид и Кој ми основа дом, како што беше говорел Тој, — сега Адонија треба да умре.“
25 И царот Соломон го испрати Јахојадаевиот син Ванеја, кој го удри и тој умре.
26 На свештеникот Авијатар царот му рече: „Оди си во Анатот на нивата своја; ти заслужуваш смрт, но сега нема да те погубам, бидејќи си го носел ковчегот на Господ Бог пред татко ми Давид, и си трпел сѐ што трпел и татко ми.“
27 И Соломон го отстрани Авијатар од Господовото свештенство, и се исполни словото на Господ што го беше кажал за домот на Илиј во Силом.
28 Дојде глас за тоа до Јоав, — бидејќи Јоав ја држеше страната на Адонија, а не ја држеше страната на Соломон, — и Јоав избега во Господовата скинија и се фати за роговите на жртвеникот.
29 Му соопштија на цар Соломон дека Јоав избегал во Господовата скинија и дека е кај жртвеникот. Соломон го испрати Јахојадаевиот син Ванеја, велејќи: „Оди, убиј го.“
30 Ванеја дојде во Господовата скинија и му рече на Јоав: „Вака кажа царот: излегувај.“ А тој одговори: „Не, јас сакам тука да умрам.“ Ванеја му го соопшти тоа на царот, велејќи: „Така рече Јоав и така ми одговори.“
31 Царот му рече: „Направи како што рекол тој: убиј го и погреби го, и пролеаната невина крв од Јоава ќе ја измиеш од мене и од домот на татко ми;
32 Господ нека ја сврти крвта негова врз неговата глава, поради тоа што уби двајца невини мажи подобри од него: тој го погуби со меч, без знаење на татко ми Давид, Нировиот син Авенир, воен началник израелски, и Јетеровиот син Амаса, воен началник јудејски;
33 нека се сврти крвта нивна врз главата на Јоав и врз потомството негово засекогаш, а на Давид, и на потомството негово, и на домот негов, и на престолот негов нека биде мир од Господ засекогаш!“
34 И отиде Јехојадаевиот син Ванеја, го удри Јоав и го уби; и тој беше погребан на неговиот имот во рамнината.
35 Тогаш царот Соломон го постави Јехојадаевиот син Ванеја над војската место него. Свештеникот Садок, пак, царот го постави место Авијатар.
36 Царот испрати, та го повика Семеј и му рече: „Изгради си дом во Ерусалим и живеј тука и никаде не излегувај оттука;
37 и знај дека во оној ден, во кој ќе излезеш и ќе го минеш потокот Кедрон, бездруго ќе умреш; крвта твоја ќе ти биде врз твојата глава.“
38 А Семеј му рече на царот: „Добро, како што заповеда мојот цар господар, така ќе направи твојот слуга.“ И Семеј живееше во Ерусалим тие години.
39 Но по три години се случи, двајца од Семеиевите слуги избегаа кај гатскиот цар Анхус, Мааховиот син. И му јавија на Семеј, велејќи: „Ете, твоите слуги се во Гет.“
40 Семеј стана, го оседла магарето и тргна за Гет кај Анхус да ги бара слугите свои. Семеј се врати и ги доведе своите слуги од Гет.
41 И го известија Соломон дека Семеј одел од Ерусалим во Гет и се вратил.
42 Тогаш царот испрати да го повикаат Семеј и му рече: „Нели ти се заколнав во Господ и нели ти соопштив, велејќи: знај дека во оној ден, во кој ќе излезеш и ќе отидеш некаде, бездруго ќе умреш? И ти ми одговори: добро.
43 Па зошто не ја запази заповедта што ти ја дадов пред Господ со клетва?“
44 Уште му рече на Семеј царот: „Ти го знаеше и го знае срцето твое сето зло што си му го направил на татко ми Давид. Туку Господ нека ја сврти злобата твоја врз твојата глава!
45 А цар Соломон да биде благословен и Давидовиот престол да стои цврсто пред Господ засекогаш!“
46 И царот му заповеда на Јехојадаевиот син Ванеја, и тој отиде, та го удри Семеј, и тој умре.