1 Kings 19
1 И Ахав ѝ раскажа на Језавела сѐ што направи Илија, и како тој ги уби со меч сите пророци.
2 А Језавела испрати известувач кај Илија да му каже: „Нека ми испратат боговите најтешка казна и нешто повеќе нека ми додадат, ако до утре во ова време не направам со твојата душа, она што беше направено со душата на секого од нив.“
3 Кога го виде тоа, Илија стана и замина за да го спаси животот свој, и дојде во Вирсавија, која е во Јудеја, и таму го остави слугата свој,
4 а самиот тој отиде во пустината на еден ден пат и, откако дојде, седна под едно иглолисно дрво и посакуваше да умре, велејќи: „Доста е веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од предците свои.“
5 И легна, та заспа под дрвото. И ете, ангел го допре и му рече: „Стани, јади.“
6 Илија погледна, и, ете, до возглавницата негова стои печена питка и стомна вода. Тој касна, пивна и пак заспа.
7 Ангелот Господов се врати повторно, се допре до него и рече: „Стани, јади, бидејќи те чека долг пат.“
8 Тој стана, касна и пивна и, откако се поткрепи со таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи до Божјата гора Хорив.
9 И влезе таму во една пештера и ноќеваше во неа. И, ете, би кон него слово Господово, и Господ му рече: „Зошто си овде Илија?“
10 Тој одговори: „Пламнав од ревност за Господ, Бог Саваот, зашто Израеловите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат.“
11 Тогаш Бог му рече: „Излези и застани на гората пред лицето Господово; и, ете, Господ ќе мине, и голем и силен ветар кој ридови урива и соборува карпи пред Господ; но не е Господ во ветрот; по ветер — земјотрес, но не е Господ во земјотресот;
12 по земјотресот — оган, но не е Господ во огнот; по огнот — здив од тих ветар, и таму е Господ.“
13 Кога го чу тоа, Илија си го сокри лицето со својот кожув, излезе и застана пред влезот во пештерата. И кон него се слушна глас, кој му рече: „Зошто си тука, Илија?“
14 Тој одговори: „Пламнав од ревност за Господ, Бог Саваот, зашто Израеловите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат.“
15 А Господ му рече: „Врати се по патот свој преку пустината во Дамаск и, кога ќе стигнеш, помазај го Азаил за арамејски цар,
16 а Јуј, синот на Нимшиј, помазај го за цар над Израел; Елисеј, пак, синот на Шафат, од Авел-Мехола, помазај го за пророк наместо себе;
17 зашто кој ќе избега од Азаиловиот меч, него ќе го убие Јуј, а кој ќе се избави од мечот на Јуј, него ќе го убие Елисеј.
18 Но сепак оставив меѓу Израелците седум илјади мажи; сите тие не ги свиткувале колената пред Ваал, и устите нивни не го бакнувале.“
19 И тој тргна оттаму и го најде Шафатовиот син Елисеј, кога ораше; дванаесет рала волови имаше тој пред себе, а самиот тој ораше со дванаесеттото. Минувајќи крај него, Илија го фрли кожувот врз него.
20 Тогаш Елисеј ги остави воловите и почна да трча по Илија и рече: „Дозволи ми да ги бакнам татко ми и мајка ми, и ќе тргнам по тебе.“ Тој му одговори: „Оди и врати се, зашто, што сум ти направил?“
21 Тој се врати од него, зеде рало волови, ги закла и, откако го запали плугот на воловите, го испече месото нивно и им го раздели на луѓето, и тие јадеа. А самиот тој стана и тргна по Илија и почна да му служи.