Bible

Create

Inspiring Presentations Without Hassle

Try Risen Media.io Today!

Click Here

1 Kings 18

:
Macedonian - 2006
1 Откако измина многу време, пак му рече Господ на Илија во третата година: „Оди и јави му се на Ахав, и јас ќе дадам дожд на земјата.“
2 Илија отиде да му се јави на Ахав. А во Самарија настапи голем глад.
3 И Ахав го повика Авдија; управни­кот на дворецот. Авдија, пак, беше човек кој длабоко Го почитуваше Гос­пода.
4 Кога Језавела ги истребуваше пророците Господови, Авдија зеде сто пророци и ги криеше во пештери, по пе­десет луѓе, и ги хранеше со леб и вода.
5 И Ахав му рече на Авдија: „Тргни по земјата, по сите водни извори и по сите потоци во земјата, можеби некаде ќе најдеме трева за да си ги прехраниме коњите и маските и да не се лишиме од добитокот.“
6 И тие ја разделија меѓу себе земјата за да ја обиколат: Ахав тргна по еден пат, а Авдија по друг пат.
7 Кога Авдија врвеше по патот, ете, во пресрет му доаѓа Илија. Тој го позна, падна ничкум и рече: „Ти ли си, господаре мој Илија?“
8 Овој му одговори: „Јас сум; оди и кажи му на господарот свој: ‚Илија е тука.‘“
9 Тој рече: „Што сум виновен, па го предаваш својот слуга во рацете на Ахав за да ме убие?“
10 „Жив Господ, твојот Бог! Нема ниеден народ и царство, каде што не испраќал господарот мој да те бара; и кога му кажуваа дека те нема, тој земаше клетва од тоа царство и народ дека не можеле да те најдат;
11 а ти сега велиш, оди и кажи му на господарот: Илија е тука.
12 Кога јас ќе си отидам од тебе, Духот Господов ќе те однесе, не знам каде; и ако отидам да му јавам на Ахав, и тој не те најде, ќе ме убие; а слугата твој е богобојазлив од младини.
13 Зарем не му е кажано на мојот господар што сторив јас, кога Језавела ги убиваше Господовите пророци, како криев сто Господови пророци, по педе­сет души во пештера, и ги хранев со леб и вода?
14 А ти сега велиш: оди и кажи му на твојот господар: Илија е тука; тој ќе ме убие.“
15 Тогаш Илија му рече: „Ти се колнам во живиот Господ Саваот, пред Кого стојам, денес ќе му се јавам!“
16 Авдија отиде да го пресретне Ахав и му јави, и Ахав отиде да го пресретне Илија.
17 Штом Ахав го виде Илија, му рече: „Ти ли си оној што му носи неволји на Израел?“
18 Илија му одговори: „Јас не му донесувам неволји на Израел, туку ти и тат­ковиот дом твој, бидејќи ги презревте Господовите заповеди и врвите по Вааловците;
19 сега испрати и собери го пред мене сиот Израел на гората Кармил, и че­тиристотините и педесет Ваалови пророци и четирите стотини пророци на божицата Ашера што се хранат од тр­пезата на Језавела.“
20 И Ахав испрати до сите Израелови синови и ги собра сите пророци на гората Кармил.
21 Тогаш Илија пристапи кон сиот народ и рече: „Уште ли ќе куцате на двете колена? Ако Господ е Бог, врвете по Него; ако пак е Ваал одете по него.“ А народот не му одговори ни збор.
22 И му рече Илија на народот: „Само јас останав пророк Господов, а Ваалови пророци има четиристотини и педесет.
23 Нека ни дадат две телиња и нека си изберат едно теле, и да го расечат и стават врз дрва, но оган да не потпалуваат; јас, пак, ќе го приготвам другото теле и ќе го ставам врз дрва, и оган нема да потпалувам;
24 тогаш повикајте го името на ва­шиот бог, јас, пак, ќе го повикам името на Господ, мојот Бог. Оној Бог, Кој ќе одговори преку оган, Тој е Бог.“ И сиот народ одговори и рече: „Добро, нека биде така!“
25 Потоа им рече Илија на Вааловите пророци: „Изберете си едно теле и пригответе го вие најнапред, бидејќи сте многу; и повикајте го името на вашиот бог, и оган не потпалувајте.“
26 И ете, го зедоа телето што им беше дадено, го приготвија и го повикуваа името на Ваал од утрината до пладне, велејќи: „Ваале, слушни нѐ!“ Но не­маше ни глас, ни одговор. И тие скокаа пред жртвеникот што го беа направиле.
27 Попладнето Илија почна да им се потсмева и велеше: „Викајте посилно, зашто тој е бог; можеби се замислил, или е зафатен со нешто, или е на пат, а можеби и спие, така ќе се разбуди!“
28 И тие почнаа да викаат високо и според обичајот свој да се бодат со ножеви и копја, така што крв течеше од нив.
29 Мина пладне, а тие сѐ уште беснееја токму до вечерното принесување на жртва; но не се слушна никаков глас, ниту одговор, или одек.
30 Тогаш Илија му рече на сиот народ: „Приближете се до мене.“ И сиот народ се приближи до него. Тој, пак, го подигна урнатиот жртвеник Господов.
31 И зеде Илија дванаесет камења, токму колку што е бројот на племињата на синовите на Јаков, кому Господ му беше рекол вака: „Израел ќе биде твоето име.“
32 И изгради од тие камења жртвеник во името на Господ, а околу жртве­никот направи окоп што собираше две сеи зрна за да се посеат,
33 и постави дрва врз жртвеникот, го расече телето, го стави врз дрвата,
34 и рече: „Наполнете четири ведра вода и поливајте ја жртвата сепаленица и дрвата!“ И направија така. Потоа рече: „Повторете!“ И тие повторија. Тогаш рече: „Направете го тоа по третпат.“ И тие го направија и по третпат.
35 И водата се разлеа околу жртве­никот, а окопот се наполни со вода.
36 Кога ја принесуваа вечерната жртва, пророкот Илија се приближи, и рече: „Господи, Боже Авраамов, Иса­ков и Израелов! Чуј ме, Господи, чуј ме денес во огнот! Нека познаат денес овие луѓе дека си Ти единствен Бог во Из­раел, и дека јас сум Твој слуга и дека извршив сѐ според Твоето слово.
37 Чуј ме, Господи, чуј! Нека познае овој народ дека Ти, Господи, си Бог и Ти ќе го свртиш срцето нивно.“
38 И оган Господов падна и ја изеде сепаленицата, и дрвата, и камењата и земјата, и ја голтна водата што беше во окопот.
39 Кога го виде тоа, сиот народ падна ничкум и рече: „Господ е Бог, Господ е Бог!“
40 Тогаш Илија им рече: „Фатете ги Вааловите пророци, та ниеден од нив да не се сокрие.“ Ги фатија, а Илија ги одведе кај потокот Кишон и таму ги закла.
41 Илија му рече на Ахав: „Оди, јади и пиј, зашто се слуша шум од дожд.“
42 Ахав отиде да јаде и да пие, а Илија се искачи на врвот од Кармил, се наведна кон земјата, го стави лицето меѓу колениците свои
43 и му рече на слугата свој: „Оди и погледни кон морето.“ Тој отиде, по­гледна и рече: „Ништо нема.“ Тој пак рече: „Направи го тоа седумпати.“
44 На седмиот пат слугата рече: „Ете од морето се крева мало облаче, колку човечка дланка.“ Тој му рече: „Оди, ка­жи му на Ахав: ‚впрегни ја колата своја и тргнувај за да не те испревари дож­дот.‘“
45 Во тоа време небото потемне од облаци и виор, и почна да паѓа силен дожд. Ахав тогаш седна во колата, и тргна за Јизреел.
46 А раката Господова беше врз Или­ја. Тој го препаша крстот свој и трчаше пред Ахав дури до Јизреел.