1 Kings 15
1 На осумнаесеттата година од царувањето на Наватовиот син Јеровоам, над Јудејците стана цар Авијам.
2 Тој царуваше во Ерусалим три години; името на мајка му беше Мааха, Авесаломова ќерка.
3 Тој одеше во сите гревови на таткото свој што тој ги вршеше пред него, и срцето негово не беше предадено на неговиот Господ Бог, како срцето на неговиот прадедо Давид.
4 Но заради Давид, неговиот Господ Бог му беше дал светило во Ерусалим, воздигнувајќи го по него синот негов и го закрепи Ерусалим,
5 зашто Давид го правеше она што беше право пред очите на Господ, и во сите дни на животот свој во ништо не отстапуваше од она што Тој му беше заповедал, освен постапката со Хитиецот Урија.
6 Меѓу Ровоам и Јеровоам имаше војна во сите дни на животот нивни.
7 Другите дела на Авијам, и сѐ што вршел, е опишано во летописите на јудејските цареви. И имаше војна меѓу Авијам и Јеровоам.
8 Авијам почина кај татковците свои и го погребаа во Давидовиот град. И наместо него стана цар синот негов Аса.
9 Аса стана цар над Јудејците во дваесеттата година од царувањето на израелскиот цар Јеровоам,
10 и царуваше во Ерусалим четириесет и една година; името на баба му беше Мааха, Авесаломова ќерка.
11 Аса го правеше она што беше угодно пред очите на Господ, како неговиот прадедо Давид.
12 Тој ги изгони блудниците од земјата и ги отфрли сите идоли што ги беа направиле татковците негови,
13 и дури и на баба си Мааха ѝ ја одзеде власта, поради тоа што беше направила идол на Ашера; и го скрши Аса и нејзиниот идол и го изгоре кај потокот Кедрон.
14 Идолските светилишта, навистина, не беа урнати. Но срцето на Аса му беше предадено на Господ во сите негови денови.
15 И тој ги внесе во домот на Господ предметите, посветени на неговиот татко, и предметите посветени од него: сребро, злато и садови.
16 Меѓу Аса и израелскиот цар Баша имаше војна во текот на целиот нивен век.
17 Израелскиот цар Баша излезе против Јудеја и почна да ја гради Рама, за да не може никој да излегува, ниту да оди кај јудејскиот цар Аса.
18 Тогаш Аса го зеде сето сребро и злато што беше останало во ризницата на домот Господов и во ризницата на царскиот дом, и го даде во рацете на слугите свои; и царот Аса ги испрати кај Венадад, синот на Тавримон, син Хезионов, цар арамејски, кој живееше во Дамаск, велејќи:
19 „Нека има сојуз меѓу мене и тебе, како што имаше меѓу мојот татко и твојот татко; ете, ти испраќам на дар сребро и злато; раскини го сојузот свој со израелскиот цар Баша, та да се оттргне од мене.“
20 И Венадад го послуша царот Аса, и ги испрати своите војсководци против израелските градови и ги порази Ијон, Дан, Авел-Бет-Мааха, областа околу Генисаретското Езеро и другиот дел од Нефталимовата земја.
21 Кога го слушна тоа, Баша престана да ја гради Рама и се врати во Тирца.
22 А царот Аса ги собра сите Јудејци без исклучок, и тие ги изнесоа од Рама камењата и дрвјата, кои Баша ги употребуваше за градење. Со нив царот Аса ги изгради Гева Венијаминова и Мицпа.
23 Нели сите други дела на Аса сите негови подвизи и сѐ што изврши, и градовите што ги изгради, се опишани во летописите на јудејските цареви? Но во староста тој се разболе од болест на нозете.
24 Аса почина кај татковците свои и беше погребан кај нив во градот на својот предок Давид. А наместо него стана цар неговиот син Јосафат.
25 А Јеровоамовиот син Надав стана цар над Израел во втората година на јудејскиот цар Аса и царуваше над Израел две години.
26 Тој го вршеше она што беше неугодно пред очите на Господ, одеше по патот на татко си и во гревовите негови, со кои го наведе во грев Израел.
27 Против него се крена Баша, синот на Ахија, од Исахаровиот дом, и Баша го уби кај Гибетон филистејски, кога Надав и сите Израелци го опседнуваа Гибетон;
28 Баша го уби Надав во третата година од царувањето на јудејскиот цар Аса, и стана цар место него.
29 Кога стана цар, тој го порази целиот Јеровоамов дом и не остана ниедна душа кај Јеровоам, додека не го истреби, според словото на Господ што го беше изрекол преку својот слуга Ахија Силомецот,
30 поради гревовите на Јеровоам, што тој сам ги направи и со кои го наведе во грев Израел, поради гревовите со кои тој Го разгневи Господ, Бог Израелов.
31 Другите дела на Надав, сѐ што тој извршил, се опишани во летописите на израелските цареви.
32 Меѓу Аса и израелскиот цар Баша имаше војна во текот на сите нивни денови.
33 Во третата година на јудејскиот цар Аса стана цар во Тирца над сите Израелци Ахиевиот син Баша и царуваше дваесет и четири години.
34 Тој го вршеше она што не беше угодно пред очите на Господ, и одеше по патот на Јеровоам и во гревовите негови, со кои тој го наведе во грев Израел.