Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

1 Kings 12

:
Macedonian - 2006
1 Ровоам отиде во Сихем, бидејќи во Сихем беа дошле сите Изра­елци за да го зацарат.
2 За тоа слушна Наватовиот син Јеро­воам, кога се наоѓаше уште во Египет, каде што беше избегал од царот Соломон, и се врати од Египет;
3 испратија по него и го повикаа. Тогаш Јеровоам и целото израелско собрание дојдоа и му говореа на царот Ровоам, велејќи:
4 „Твојот татко ни наложи тежок товар, ти, пак, олесни ни го жестокото ропство од татко ти и тешкиот товар што тој ни го наложи, па тогаш ќе ти служиме.“
5 Тој им одговори: „Одете си, по три дена дојдете пак кај мене.“ И народот се разотиде.
6 Царот Ровоам се советуваше со старците, кои беа кај татко му Соломон, додека беше жив, и рече: „Како ќе ме посоветувате да му одговорам на овој народ?“
7 Тие му одговорија, и рекоа: „Ако ти денес им бидеш слуга на овие луѓе и им услужиш, ако ги задоволиш и им го­вориш добри зборови, тие ќе ти бидат слуги во сите дни.“
8 Но тој не го послуша советот што му го беа дале старците, и се советуваше со младите, кои беа пораснале заедно со него и кои беа кај него,
9 и им рече: „Што ќе ме посоветувате да им одговорам на оние луѓе што ми рекоа и кажаа: ‚олесни ни го јаремот што ни го наложи татко ти?‘“
10 Младите, пораснати заедно со него, му одговорија и рекоа: „Вака кажи им на тие луѓе што ти рекле: ‚твојот татко ни наложи тежок јарем, ти, пак, олесни ни,‘ кажи им: ‚малиот прст ми е поде­бел од бедрата на татко ми;
11 и така, ако татко ми ви ставил те­жок јарем, јас уште повеќе ќе го натеж­нам вашиот јарем; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве казнувам со камшици со железни боцки.‘“
12 Јеровоам, и сите луѓе, дојдоа кај Ровоам на третиот ден, како што им бе­ше заповедал царот, велејќи: „Дојдете кај мене на третиот ден.“
13 И царот грубо му одговори на на­родот и не го послуша советот што му го беа дале старците.
14 И говореше според советот на младите и рече: „Татко ми ви наложил те­жок товар, јас, пак, ќе го зголемам вашиот товар; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве казнувам со камшик со железни боцки.“
15 И царот не го послуша народот, за­што така беше судено од Господ за да се исполни зборот Негов што го беше изрекол Господ преку Ахија Силомецот на Наватовиот син Јеровоам.
16 И сите Израелци видоа дека царот не ги послуша. Тогаш луѓето му одго­ворија на царот и рекоа: „Каков дел имаме кај Давид? За нас нема дел кај синот на Јесеј; по шаторите свои, Израеле! Гледај си го својот дом, Дави­де!“ И Израел се разотиде по шаторите свои.
17 Ровоам царуваше само над Израе­ловите синови што живееја во Јудините градови.
18 И царот Ровоам го испрати Хадорам, управникот над даноците; но сите Израелци го затрупаа со камења, и тој умре, а царот Ровоам брзо се качи во кола за да избега во Ерусалим.
19 И така Израел се одметна од Дави­довиот дом и до денес.
20 Кога сите Израелци слушнаа дека Јеровоам се вратил, испратија и го по­викаа во собранието и го зацарија над сите Израелци. Со Давидовиот дом не остана никој, освен племето Јудино.
21 Ровоам, откако пристигна во Еру­салим, собра од целиот Јудин дом и од племето Венијаминово сто и осумдесет илјади одбрани војници за да војуваат против Израеловиот дом и да му го воз­вратат царството на Соломоновиот син Ровоам.
22 И дојде слово Божјо кон Шемаја, човек Божји, и беше речено:
23 „Кажи му на Соломоновиот син Ро­воам, царот јудејски, и на целиот Јудин и Венијаминов дом и на другиот народ:
24 вака вели Господ: ‚Не одете и не почнувајте војна против вашите браќа, Израеловите синови; вратете се секој во домот свој, бидејќи тоа беше од Мене.‘“ И тие ги послушаа Господовите зборо­ви и се вратија дома според словото Господово.
25 Јеровоам го изгради Сихем на Еф­ремовата Гора и се насели во него; оттаму тргна и го изгради Пениел.
26 И Јеровоам си говореше во срцето свое: „Царството може пак да премине кон Давидовиот дом,
27 ако овој народ оди во Ерусалим да принесува жртви во домот Господов, тогаш срцето на тој народ ќе се сврти кон својот господар Ровоам, царот јудејски, ќе ме убијат и ќе се вратат кај Ро­воам, царот јудејски.“
28 И царот, откако се посоветува, на­прави две златни телиња, и му рече на народот: „Не ви треба да одите во Еру­салим; еве ги твоите богови, Израеле, кои те изведоа од египетската земја.“
29 И едниот го постави во Ветил, а другиот во Дан.
30 Тоа предизвика грев, зашто народот почна да оди кај едниот од нив дури во Дан.
31 И изгради идолско светилиште и постави од народот свештеници, кои не беа од Левиевите синови.
32 Јеровоам востанови празник во ос­миот месец на петнаесеттиот ден, сли­чен на оној празник, каков што имаше во Јудеја, и принесуваше жртви на жрт­веникот; тоа го направи и во Ветил за да им се принесуваат жртви на телињата што ги направи. И постави во Ветил свештеници во идолските светилишта што ги беше изградил,
33 и принесе жртви на жртвеникот што беше го изградил во Ветил, во петнаесеттиот ден од осмиот месец, месец што произволно го определи; и устано­ви празник за синовите Израелови и пристапи кон жртвеникот за да прекади.