1 Kings 10
1 Савската царица, откако слушна за славата Соломонова и за името на Господ, дојде да го испита со гатанки.
2 Таа дојде во Ерусалим со многу големо богатство: камилите беа натоварени со благопријатни мириси, со многу злато и скапоцени камења; таа дојде кај Соломон и говореше со него за сѐ што ѝ беше на срцето.
3 Соломон ѝ ги објасни сите нејзини зборови, и немаше ништо непознато за царот што не ѝ го објасни.
4 Савската царица ја виде сета мудрост на Соломон, и домот што тој го беше изградил,
5 и јадењата на трпезата негова, и живеалиштата на слугите негови, и држењето на слугите негови, облеката нивна и пехарниците негови, и сепалениците негови што ги принесуваше во храмот Господов. И повеќе не можеше да се воздржи,
6 па му рече на царот: „Вистина е она што го бев слушала во својата земја за твоите дела и за твојата мудрост;
7 но не верував на зборови, додека не дојдов, и не видоа очите мои: и, ете, мене ни половината не ми беше речено; мудрост и богатство ти имаш повеќе отколку што сум слушала.
8 Блажени се твоите луѓе, блажени се и тие твои слуги што стојат пред тебе секогаш и ја слушаат твојата мудрост!
9 Благословен да е Господ, твојот Бог, Кој благоволи да те постави на Израеловиот престол! Господ, поради вечната Своја љубов кон Израел, те постави за цар за да вршиш суд и правда.“
10 И таа му подари на царот сто и дваесет кикари злато и големо множество благопријатни мириси и скапоцени камења; никогаш уште не беа донесувани толку многу благопријатни мириси, колку што савската царица му подари на царот Соломон.
11 И Хирамовите кораби што носеа злато од Офир, донесоа од Офир големо множество алмугово дрво и скапоцени камења.
12 И царот направи од тоа скапоцено алмугово дрво потпирки за храмот Господов и за царскиот дом, и харфи и псалтири за пејачите. Никогаш не беше донесувано толку алмугово дрво и не беше видено до тој ден.
13 Тогаш царот Соломон ѝ даде на савската царица сѐ што таа пожела и што посака, посебно од она што цар Соломон ѝ го подари со рацете свои. И се врати таа во својата земја, таа и сите нејзини слуги.
14 Златото што му доаѓаше на Соломон секоја година, тежеше шестотини шеесет и шест кикари,
15 освен она што се добиваше од разнесувачите на стока и од тргувањето на трговците и од сите арапски цареви и од обласните управници.
16 Царот Соломон направи двесте големи штита од ковано злато, — по шестотини шекели злато се потрошени за секој штит;
17 и триста помали штита од ковано злато, — од по три мини злато за секој штит; и царот ги постави во домот од леванонско дрво.
18 Царот направи и голем престол од слонова коска и го обложи со чисто злато;
19 пред престолот имаше шест скалила; одзади врвот на престолот беше кружен, и од двете страни на седиштето имаше потпирки, а до потпирките стоеја два лава;
20 и уште дванаесет лава стоеја таму од двете страни на шесте скалила. Слично нешто немало ни во едно друго царство.
21 Сите садови за пиење кај цар Соломон беа златни, и сите садови во домот од леванонско дрво беа од чисто злато; ништо немаше од сребро, зашто во дните на Соломон среброто не се сметаше за нешто вредно;
22 царот имаше на морето таршишки кораби заедно со Хирамовите кораби и во три години еднаш доаѓаа таршишките кораби и донесуваа злато и сребро, слонова коска, мајмуни и пауни.
23 Цар Соломон ги надминуваше сите земни цареви по богатството и мудроста.
24 И сите земни цареви сакаа да го видат Соломон за да ја послушаат мудроста негова, која Бог ја беше ставил во срцето негово.
25 И тие му принесуваа, секој од себеси, дар: сребрени садови, облека, оружје и благопријатни мириси, коњи и маски секоја година.
26 Соломон така насобра коњи и коњаници; тој имаше четириесет илјади коли и дванаесет илјади коњаници, кои ги распореди по градовите, каде што му беа колите и кај царот во Ерусалим.
27 Царот направи во Ерусалим да има сребро колку и обичните камења, а кедрово дрво како дивите смокви што растеа по низините.
28 Коњи, пак, донесуваа за царот Соломон од Египет и од Киве; царските трговци ги купуваа по определена цена.
29 Купена и донесена до Египет една кола чинеше шестотини шекели сребро, а коњ, — сто и педесет. На ист начин тие со свои раце им го доставуваа сето тоа на хитиските и на арамејските цареви.