1 Kings 1
1 Кога царот Давид остаре и исполни години, иако го покриваа со многу покривки, не можеше да се стопли.
2 Тогаш неговите слуги му рекоа: „Нека побараат за нашиот цар господар, млада девица за да престојува кај царот, да го гледа и да лежи до него, и ќе му биде топло на нашиот цар господар.“
3 И бараа по сите израелски предели убава девица, и ја најдоа Авишага, Сунамитката, и ја доведоа кај царот.
4 Девицата беше многу убава; таа го гледаше царот и му служеше; царот, меѓутоа, не ја позна.
5 Адонија, синот Агитин, се возгордеа и рече: „Јас ќе бидам цар.“ Па си набави коњи и коњаници и педесет мажи да трчаат пред него.
6 Но татко му негов не го обеспокојуваше никогаш со прашањето: „Зошто го правиш тоа?“ Тој беше многу убав, а му се роди по Авесалом.
7 И тој се договори со Јоав, синот на Саруја, и со свештеникот Авијатар, и тие му помагаа на Адонија.
8 Но свештеникот Садок и Ванеја, Јехојадаевиот син, пророкот Натан, Семеј, Реи и војниците од Давидовата гарда не ја држеа страната на Адонија.
9 И Адонија закла овци, волови и телиња кај каменот Зохелет што е покрај Ен-Рогел, и ги покани сите свои браќа, царски синови, и сите Јудејци што служеа кај царот.
10 А пророкот Натан и Ванеја, гардистите и братот свој, Соломон не ги покани.
11 Тогаш Натан ѝ рече на Витсавеја, Соломоновата мајка, велејќи: „Слушна ли дека Агитиниот син Адонија се прогласи за цар, а нашиот господар Давид не знае за тоа?
12 Сега, ете, јас те советувам: спасувај го животот свој и животот на синот свој Соломон.
13 Оди и влези кај царот Давид и кажи му: ‚Нели ѝ се колнеше, господаре мој, царе, на слугинката своја, велејќи — синот твој Соломон ќе биде цар по мене и тој ќе седне на престолот мој? — Зошто тогаш се прогласил за цар Адонија?‘
14 И ете, додека уште говориш таму со царот, ќе влезам јас со тебе и ќе ги потврдам твоите зборови.“
15 Витсавеја отиде кај царот во спалната; царот беше многу стар, и Сунамитката Авишага му служеше.
16 Витсавеја се наведна и му се поклони на царот; царот праша: „Што бараш?“
17 Таа му одговори: „Ти ѝ се заколна на слугинката своја во Господ, твојот Бог велејќи: ‚син ти Соломон ќе царува по мене и тој ќе седне на мојот престол.‘
18 А сега, ете, Адонија се прогласил за цар, а ти, господаре мој, царе, не знаеш за тоа.
19 Тој заклал многу волови, телиња и овци и ги поканил сите царски синови, свештеникот Авијатар и воениот началник Јоав; а Соломон, твојот слуга, не го поканил.
20 Но ти си цар, господаре мој, и кон тебе се свртени очите на сите Израелци за да им соопштиш, кој ќе седне на престолот на мојот господар цар по него.
21 Инаку кога мојот господар, цар, ќе почине кај татковците свои, јас и мојот син Соломон ќе бидеме виновни.“
22 Додека таа уште говореше со царот, дојде и пророкот Натан.
23 Му соопштија на царот, велејќи: „Еве го пророкот Натан.“ И тој влезе кај царот и му се поклони со лицето до земја.
24 И Натан рече: „Господаре мој, царе! Си рекол ли ти: ‚Адонија ќе царува по мене и тој ќе седне на мојот престол?‘
25 Зашто тој сега слегол, заклал многу волови, телиња и овци, ги поканил сите цареви синови, воени началници и свештеникот Авијатар, и, ете, тие јадат и пијат кај него, и извикуваат: ‚Да живее царот Адонија!‘
26 А мене, твојот слуга, свештеникот Садок, Јехојадаевиот син Ванеја и твојот слуга Соломон не нѐ покани.
27 Дали станало тоа по волјата на мојот цар господар? И зошто ти не му откри на својот слуга, кој ќе седне на престолот на мојот цар господар по него?“
28 Одговори цар Давид и рече: „Повикајте ми ја Витсавеја.“ Таа влезе и застана пред царот.
29 Царот се колнеше и велеше: „Во името на живиот Господ, кој ја спасуваше душата моја од секоја неволја!
30 Како што ти се колнев во Господ, Бог Израелов, велејќи дека син ти Соломон ќе царува по мене и тој ќе седне на престолот мој место мене, — така и ќе го направам тоа денес.“
31 Тогаш Витсавеја се наведна со лицето до земја, му се поклони на царот и рече: „Да живее мојот господар, царот Давид, засекогаш!“
32 И царот Давид рече: „Повикајте ми го свештеникот Садок, пророкот Натан и Јехојадаевиот син Ванеја.“ И тие влегоа кај царот.
33 Тогаш царот им рече: „Земете ги со себе слугите на вашиот господар, качете го Соломон, мојот син, на маската моја и одведете го во Гион.
34 И таму свештеникот Садок и пророкот Натан нека го помазат за цар над Израел, затрубете со труба и извикајте: ‚Да живее царот Соломон!‘
35 Потоа придружете го назад, и тој ќе дојде и ќе седне на мојот престол; тој ќе царува место мене; нему сум му ветил да биде водач на Израел и на Јуда.“
36 Ванеја, Јахојадаевиот син, му одговори на царот и рече: „Амин! — така нека каже Господ, Бог на мојот цар господар:
37 како што Господ беше со мојот цар господар, така да биде Тој и со Соломон и да го возвеличи престолот негов повеќе од престолот на мојот господар, царот Давид!“
38 Тогаш свештеникот Садок, пророкот Натан, Јахојадаевиот син Ванеја, Керетијците и Пелетијците отидоа и го качија Соломон на маската од цар Давид и го поведоа кон Гион.
39 И свештеникот Садок зеде рог со масло од скинијата и го помаза Соломон. И затрубија со труба, и сиот народ извика: „Да живее царот Соломон!“
40 И сиот народ го придружуваше Соломон и народот свиреше со свирки и многу се радуваше, така што земјата трепереше од викањето негово.
41 Кога слушна Адонија и сите поканети од него, престанаа да јадат; а Јоав, откако слушна звук на труба, запраша: „Зошто одекнува градот со таков звук?“
42 Додека уште говореше, дојде Јонатан, синот на свештеникот Авијатар. И Адонија му рече: „Влези, ти си чесен човек и носиш добра вест.“
43 Јонатан одговори и му рече на Адонија: „Нашиот господар, царот Давид, го постави Соломон за цар;
44 и царот ги испрати со него свештеникот Садок, пророкот Натан, Јахојадаевиот син Ванеја, Керетијците и Пелетијците, и тие го качија на царската маска;
45 и свештеникот Садок и пророкот Натан го помазаа во Гион за цар, и тргнаа оттаму со радост, и градот се раздвижи. Ете од што е звукот што го слушате.“
46 И Соломон веќе седна на царскиот престол.
47 А царските службеници доаѓаа да го поздрават нашиот господар, царот Давид, велејќи: „Твојот Бог нека го прослави името на Соломон повеќе од твоето име и нека го возвеличи неговиот престол повеќе од твојот престол!“ И царот се поклони од леглото свое
48 и го рече ова: „Нека е благословен Господ, Бог Израелов, Кој денес даде наследник на мојот престол, и тоа го видоа моите очи!“
49 Тогаш сите поканети кај Адонија се уплашија, станаа и се разотидоа секој по патот свој.
50 Адонија, пак, поради страв од Соломон, стана и отиде да се фати за роговите на жртвеникот.
51 И му соопштија на Соломон, велејќи: „Адонија се плаши од царот Соломон, и, ете, тој се држи за роговите на жртвеникот и вели: ‚Нека ми се заколне сега царот Соломон дека нема да го убие со меч својот слуга.‘“
52 И Соломон рече: „Ако тој биде чесен човек, ни едно влакно од него нема да падне на земјата; но, ако се најде во него лукавство, ќе умре.“
53 Тогаш Соломон испрати да го симнат од жртвеникот. Тој дојде и му се поклони на цар Соломон. А Соломон му рече: „Оди во домот свој!“