1 Chronicles 29
1 Тогаш царот Давид му кажа на целото собрание: „Синот мој, Соломон, кого Сам Бог го избра, е млад и нежен, а работата е голема, зашто таа зграда нема да биде за човек, туку за Господ Бог.
2 Со сите сили приготвив за домот на мојот Бог злато за златните предмети, сребро за сребрените и бакар за бакарните, железо за железните и дрво за дрвените, ониксов камен и камења за украсување, камења убави и шарени, секакви скапи камења и многу мермер;
3 и уште, од љубов кон домот на мојот Бог, што имам сопствено злато и сребро, и него го давам за домот на мојот Бог, покрај сето она, што сум го приготвил за светиот дом:
4 три илјади кикари злато, офирско злато, и седум илјади кикари чисто сребро за обложување на ѕидовите на зградите,
5 за сите златни предмети, за сите сребрени и за сите изработки од уметнички раце. Нема ли уште некој доброволно да даде прилог денес за Господ?“
6 Тогаш родоначалниците и началниците на израелските племиња, илјадниците и стотниците и надзорниците на царските работи почнаа да донесуваат доброволни прилози.
7 И дадоа за уредување на Божјиот дом пет илјади кикари и десет илјади даријки злато, десет илјади кикари сребро, осумнаесет илјади кикари бакар и сто илјади кикари железо.
8 И оние, што имаа скапоцени камења, ги даваа и нив во ризницата на домот Господов, во рацете на Гирсонецот Јехиил.
9 И народот се радуваше на нивната сесрдност, зашто тие од сѐ срце жртвуваа за Господ, па и Давид многу се радуваше.
10 Тогаш го благослови Давид Господа пред целото собрание и рече: „Благословен си, Господи Боже Израелов, отсекогаш и засекогаш!
11 Твое е, Господи, и величието, и силата, и славата, и победата, и блесокот; и сѐ, што е на небото и на земјата, Твое е; Твое е, Господи, царството, Ти стоиш над сѐ одозгора како Владетел.
12 Од Тебе се и богатството и славата; Ти владееш над сѐ, во Твојата рака е и силата и цврстината, и во Твоја власт е да издигнеш и да зацврстиш сѐ.
13 И сега, Боже наш, Те славиме и го фалиме Твоето величествено име.
14 Зашто, кој сум јас, и кој е мојот народ, та можеме да жртвуваме толку? Но од Тебе е сѐ, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме;
15 зашто ние сме туѓинци пред Тебе и придојдени, како и сите наши татковци; нашите дни се како сенка на земјата, и нема надеж.
16 Господи, Боже наш! Сето ова богатство, што го приготвивме, за да Ти изградиме дом Тебе, на Твоето свето име, е од Твоја рака, и сѐ е Твое.
17 Знам, Боже мој дека Ти го испитуваш срцето и ја сакаш искреноста; јас со чисто срце го жртвував сето ова, и сега гледам дека и Твојот народ, кој е собран тука, со радост жртвува за Тебе.
18 Господи, Боже на Авраам, Исак и Израел, нашите предци, запази го тоа засекогаш, тоа расположение на срдечните мисли во Твојот народ, и насочи го неговото срце кон Тебе.
19 А на синот мој Соломон дај му чесно срце, за да ги запазува Твоите заповеди, Твоите одредби и Твоите повелби, да го извршува сето тоа и да ја изгради зградата на Твојот дом, за која сум приготвил сѐ.“
20 А на целото собрание Давид му рече: „Благословете Го Господа, нашиот Бог!“ И целото собрание Го благослови Господа, Бог на предците свои, па коленичеа и Му се поклонија на Господ и на царот.
21 На другиот ден Му принесоа жртва на Господ; Му принесоа сепаленици на Господ: илјада телиња, илјада овни и илјада јагниња со преливите нивни, и многу жртви од сиот Израел.
22 Па јадеа и пиеја пред Господ во тој ден со голема радост, и по вторпат го прогласија Соломон, синот Давидов, за цар и го помазаа пред Господ за врховен владетел, а Садок — за свештеник.
23 И седна Соломон на престолот Господов како цар, место татко си Давид и напредуваше, и сиот Израел му се покоруваше.
24 И сите началници и војводи, како и сите синови на царот Давид му се покоруваа на царот Соломон.
25 И Господ го издигна Соломон пред очите на сиот Израел и му дарува царска слава, каква што немаше пред него ниеден цар израелски.
26 Давид, синот Јесеев, царуваше над сиот Израел.
27 Тој царуваше над Израел четириесет години: во Хеврон царуваше седум години, и во Ерусалим царуваше триесет и три години.
28 Потоа умре тој во честита и длабока старост, наситен од живот, богатство и слава; место него стана цар неговиот син Соломон.
29 Делата на цар Давид, првите и последните, се опишани во записите на јасновидецот Самоил, во записите на пророкот Натан и во записите на јасновидецот Гад,
30 како и целото негово царување, јунаштвото негово и настаните, што се случија со него, со Израел и со сите земни царства.