1 Chronicles 28
1 Давид ги собра во Ерусалим сите израелски кнезови, началници на племињата, началници на одделите, што му служеа на царот, илјадниците и стотниците и надзорниците над сите имоти и стада на царот, и на неговите синови, дворјаните, јунаците и сите храбри воини.
2 И стана цар Давид на нозе, па рече: „Чујте ме, браќа мои и народе мој! Ми беше на срце да изградам дом за почивка на ковчегот на заветот Господов, за подножјето на нозете на нашиот Бог, и го подготвив потребното за градење.
3 Но Бог ми рече: ‚Не гради дом на името Мое, зашто си човек војник и крв си пролевал.‘
4 Меѓутоа, Господ, Бог Израелов, ме избра мене од целиот ми татков дом, за да бидам вечно цар над Израел; зашто Тој го избра Јуда за водач, а од домот на Јуда — домот на татко ми, а од синовите на таткото мој благоволи да ме постави мене за цар над сиот Израел;
5 а од сите мои синови, — зашто Господ ми даде многу синови, — Тој го избра синот мој Соломон да седи врз престолот на Господовото царство над Израел,
6 и ми рече: ‚Синот твој Соломон ќе го изгради Мојот дом и Моите дворови, зашто сум си го избрал за син, и ќе му бидам татко;
7 и ќе го зацврстам царството негово засекогаш, ако тој постојано ги исполнува Моите заповеди и Моите наредби, како до денес.‘
8 И сега пред очите на сиот Израел, собранието Господово, и во ушите на нашиот Бог велам: пазете ги и држете ги сите заповеди на Господ, вашиот Бог, за да владеете со оваа убава земја и да ја оставите по вас во наследство на децата свои засекогаш.
9 И ти, сине Соломоне, познај Го Бога на твојот татко, и служи Му од сѐ срце и со сета душа своја, зашто Господ ги испитува сите срца и ги знае сите мисли и намери. Ако Го бараш, ќе Го најдеш; ако Го оставиш, Тој ќе те отфрли засекогаш.
10 Внимавај! Штом Господ те избрал да Му изградиш дом за светилиште, биди храбар и работи.“
11 Тогаш Давид му даде на синот свој Соломон нацрт за тремот од храмот и за зградите негови, за ризниците негови, за горните соби негови и внатрешните соби негови и за Светињата над светињите,
12 и нацрт за сѐ, што беше смислил, за дворовите на домот Господов, за сите одделенија наоколу, за ризниците на Божјиот дом и за ризниците на посветените предмети,
13 за свештеничките и левитските одделенија, за секаква работа при службата во домот Господов, за сите садови употребувани за служба во домот Господов,
14 за златните предмети, со ознака на тежината, за секој сад, за сите сребрени предмети, со ознака на тежината на секој сад — потребен за служба.
15 И даде злато за светилниците и за златните им кандилца, означувајќи ја тежината на секој светилник и неговото кандилце, исто така и за сребрените светилници, означувајќи ја тежината на секој светилник и неговите кандилца, според намената во служењето на секој светилник;
16 даде злато за трпезите на приносните лебови, за секоја златна трпеза, и сребро за сребрените трпези,
17 за виљушки, котли и чаши од чисто злато, за златните чинии, со означување на тежината на секоја чинија, за сребрени чинии, со ознака на тежината на секоја чинија;
18 за кадилниот жртвеник од леано злато, со ознака на тежината, и за правење кола со златни херувими, со раширени крилја и надвиснати над ковчегот на заветот Господов.
19 „Сето тоа е пишано од Господ“, велеше Давид, „Како што ми ги објасни сите работи на планот.“
20 И му кажа Давид на синот свој Соломон: „Биди цврст и храбар и зафати се за работа; не плаши се и не страхувај, зашто Господ, мојот Бог, е со тебе: Тој нема да отстапи од тебе и нема да те остави, додека не ја свршиш целата потребна работа за домот Господов.
21 Еве ги одделите на свештениците и левитите за секоја служба при Божјиот дом. За секоја работа имаш ревносни мажи, искусни за секоја работа, и началниците и сиот народ се подготвени за сите твои заповеди.“