1 Chronicles 19
1 Потоа умре Нахас, цар амонски, и место него стана цар синот негов.
2 Тогаш Давид рече: „Ќе покажам милост кон Анон, Нахасовиот син, заради доброто, што ми го направи таткото негов.“ И Давид испрати пратеници за да му изразат сочувство за татко му. Давидовите слуги дојдоа во земјата на Амонците, кај Анон, за да го утешат.
3 Но амонските началници му рекоа на Анон: „Зар мислиш дека поради почит кон татко ти, Давид испрати кај тебе утешители? Зар слугите негови не дошле кај тебе за да разузнаат и да ја разгледаат земјата, та да ја завладеат?“
4 Тогаш Анон ги фати слугите Давидови и ги избричи и им ја потсече облеката до половина, до крстот, и ги испрати.
5 И тие си отидоа. Кога му соопштија на Давид за тие луѓе, тој испрати да ги пречекаат, бидејќи беа необично многу обезличени, за да им порачаат од царот: „Останете во Ерихон, додека да ви пораснат брадите, тогаш вратете се!“
6 Кога Амонците видоа дека му станале омразни на Давид, тогаш Анон и Амонците испратија илјада кикари сребро, за да најмат коли и коњаници од Арам Нахараим и од Арамејците од Мааха и од Цова.
7 И најмија триесет и две илјади коли, а царот на Мааха со народот негов, дојде и се улогори спроти Медева. Се собраа и Амонците од градовите свои и излегоа на војна.
8 Кога Давид чу за тоа, го испрати Јоав со сета војска — јунаци.
9 Амонците излегоа и се наредија за борба пред градските порти, а царевите, што беа дошле, — одделно во полето.
10 Јоав, откако виде дека му претстои борба однапред и одзади, ги одбра сите избрани војници во Израел и ги нареди спроти Арамејците.
11 А другиот дел од народот му го довери на братот свој Авеса, за да се распореди спроти Амонците.
12 И тогаш рече: „Ако Арамејците почнат да ме надвиваат, ќе ми помогнеш ти; ако, пак, Амонците почнат да те надвиваат тебе, јас ќе ти помогнам.
13 Биди храбар, и да стоиме цврсто за нашиот народ и за градовите на нашиот Бог, а Господ нека направи, како што Му е угодно.“
14 И влезе Јоав и луѓето, што беа со него, во борба со Арамејците, и тие избегаа од него.
15 Амонците, пак, штом видоа дека Арамејците бегаат, избегаа и тие од братот негов Авеса, и навлегоа во градот. Тогаш Јоав се врати во Ерусалим.
16 Арамејците, откако видоа дека се победени од Израелците, испратија пратеници и ги изведоа Арамејците, што беа од онаа страна на реката; ги предводеше Шофах, воен началник Адраазаров.
17 Кога му соопштија за тоа на Давид, тој ги собра сите Израелци, го преминаа Јордан и, откако дојде кај нив, се распореди спроти нив. И влезе Давид во борба со Арамејците, и тие се судрија со него.
18 И Арамејците избегаа од Израелците, и Давид им уништи седум илјади коли на Арамејците, и четириесет илјади пешаци, а воениот началник Шофах го уби.
19 Кога видоа луѓето на Адраазар дека Израелците ги поразија, со Давид склучија мир и му се потчинија. И Арамејците не се осмелуваа повеќе да им помагаат на Амонците.