1 Chronicles 11
1 Се собраа сите Израелци кај Давид во Хеврон и рекоа: „Еве, ние сме коска твоја и плот твоја;
2 и порано, кога Саул беше уште цар, ти го изведуваше и го воведуваше Израел: и Господ, твојот Бог, ти рече: ‚Ти ќе го пасеш Мојот народ Израел и ти ќе бидеш водач на Израел, Мојот народ.‘“
3 Тогаш сите израелски началници дојдоа кај царот во Хеврон, и Давид склучи со нив завет во Хеврон пред лицето Господово, и тие го помазаа Давид за цар над Израел, според словото Господово преку Самоил.
4 И тргна Давид и сиот Израел за Ерусалим, односно за Јевус. А таму беа Јевусијците, жители на таа земја.
5 Жителите на Јевус му рекоа на Давид: „Нема да влезеш тука.“ Но Давид ја презеде тврдината Сион: тоа е градот Давидов.
6 И рече Давид: „Кој од сите вас најнапред ќе ги победи Јевусијците, ќе стане началник и војвода.“ Најнапред од сите излезе Јоав, Саруевиот син, и стана началник.
7 Давид живееше во таа тврдина, и затоа ја нарекуваа Давидов град.
8 Тој изгради ѕидови околу градот, почнувајќи од Мило па сѐ наоколу; Јоав, пак, ги обнови другите делови на градот.
9 Давид напредуваше и се воздигаше сѐ повеќе и повеќе, и Господ Саваот беше со него.
10 Еве ги поглавните Давидови јунаци, кои се бореа храбро со него во царството негово, заедно со сиот Израел, за да го зацарат над Израел според словото Господово.
11 Еве го и бројот на јунаците што беа кај Давид: Јашовам, син Хахмониев, прв од триесеттемина: тој го извлече мечот свој против триста души и наеднаш ги порази.
12 По него Елеазар, синот на Ахохиецот Додо — еден од тројцата јунаци:
13 Тој беше со Давид во Пас-Дамим, каде што Филистејците се беа собрале за војна. Таму еден дел од полето беше посеано со јачмен, и народот избега од Филистејците;
14 но тие се запреа среде полето, ги забележаа и ги поразија Филистејците. И Господ им донесе голема победа и ги спаси Своите луѓе.
15 Тие, тројцата главни од триесеттемина водачи, се качија на карпата кај Давид во пештерата Адулам, а, пак, филистејскиот логор беше сместен во Рефаимската Долина.
16 Давид во тоа време беше во утврдено место, а стражата филистејска беше во Витлеем.
17 Давид ожедне и рече: „Кој ќе ми донесе да пијам вода од витлеемскиот извор, што е кај портите?“
18 Тогаш тие тројца се провреа низ филистејскиот логор, зафатија вода од витлеемскиот извор, што е кај портите, та му донесоа на Давид. Но Давид не сакаше да пие, туку ја излеа во слава на Господ.
19 И рече: „Да ме чува Господ, тоа да го направам! Зар ќе ја пијам крвта на оние мажи, што ги изложија душите свои! Зашто со опасност по животот свој тие ја донесоа водата.“ И не сакаше да ја пие. Тоа го извршија тие тројца јунаци.
20 И Авеса, братот Јоавов, беше главен меѓу тројцата: тој уби со мечот свој триста души и се прослави меѓу тие тројца.
21 Од тројцата тој беше највиден и беше водач, но оние тројца тој не ги достигна.
22 Ванеја, синот на храбриот маж Јодај, голем по делата, родум од Кавцеел, ги уби двајцата синови на Ариил моавски; тој истиот слезе и уби лав во еден ров по снежно време;
23 пак тој уби еден Египќанец, кој беше пет лакти висок: Египќанецот имаше во раката копје колку едно ткаечко кросно, а тој пристапи кон него со стап и, откако му го изби копјето од раката на Египќанецот, го уби со неговото копје.
24 Тоа го изврши Јехојадаевиот син Ванеја, и беше славен меѓу тие тројца јунаци;
25 тој беше повиден од триесеттемина, но на оние тројцата не им беше рамен, и Давид го постави за најблизок исполнител на своите заповеди.
26 А главни од борците беа: Асаил, брат на Јоав; Елханан, син на Додо, од Витлеем;
27 Шамот Хароранин, Хелец Пелонјанин;
28 Ира, син на Икеш Текоатски; Авиезер Анатотски;
29 Сивхај Хушаќанецот; Илај Ахохиецот;
30 Махарај Нетофатец; Хелед, син на Баана, Нетофатецот;
31 Итај, син Риваев, од Гива Венијаминова; Ванеја Пиратонјанецот;
32 Хурај од Гаашките потоци, Авиел од Бет-Арава;
33 Азмавет Бахарумиец; Елјахба Шаалбониец.
34 Синови на Гизонецот Хашем: Јонатан син на Шате, Харариецот;
35 Ахијам, син Сахаров, Харариец: Елифал, син на Ур;
36 Хефер Мехератиецот; Ахија Пелонјанинот;
37 Хецро Кармилански; Наарај, син Езбаев;
38 Јоил, брат Натанов; Мивхар, син Хагриев;
39 Целек Амонец; Нахрај Бероќанинот, оружјеносец на Јоав, син Саруев;
40 Ира Јитранецот; Гарев Јитранецот;
41 Урија Хитиецот; Завад, син Ахлаев;
42 Адина, син на Шица, началник на Рувимовците, и со него уште триесет;
43 Ханан, син на Мааха; Јосафат Митниецот;
44 Озија Аштератиецот; Шама и Јеиел, синови на Хотам од Ароер;
45 Једиаел, син на Шимриј, и Јоха, негов брат од Тиц;
46 Елиил од Махавим, и Јеривај и Јошавија, синови Елнаамови, и Јитма Моавецот;
47 Елиил, Овид и Јасиел од Мецоваја.