1Сврти се, сврти се Суламко, сврти се, сврти се, да те погледаме! Зошто сакате да ја гледате Суламка, како на оро манаимско?
2О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита! Облите колкови твои се како веришки, дело од рацете на вешт уметник,
3папокот ти е како чаша тркалезна, никогаш без арома; утробата твоја – купа пченица, опкружена со кринови;
4двете твои гради – како две јаренца, како близначиња на срна;
5Вратот твој – како столб од слонова коска; очите твои – Есевонски езерца кај Ватравимските порти; носот твој – Ливанска кула, свртена кон Дамаск;
6главата твоја на тебе – како Кармил; а косата на главата твоја – како пурпур; цар се вплел во плетенките.
7О, колку си убава, о, колку заносна, возљубена моја, со твојата убавина!
8Таа твоја снага прилега на палма, а твоите гради – на гроздови.
9Си помислив: да се качев на палма, би се фатил за ветките нејзини; и твоите гради би биле место гроздови, и мирисот од твоите ноздри – како мирис на јаболко;
10устата твоја е како најдобро вино. Тоа тече право кон возљубениот мој, и тече нечујно преку устните кои спијат.
11Јас припаѓам на возљубениот мој, и тој копнее по мене.
12Дојди, мил мој, да излеземе во полето, да преноќеваме по селата;
13утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калинките; таму ќе те опсипам со милувања.
14Мандрагорите веќе шират пријатен мирис, и до вратата наша има секакви најубави плодови, нови и стари; кои ги зачував за тебе, мил мој!