Revelation 21
1 И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето го немаше веќе.
2 Тогаш јас, Јован, го видов светиот град Ерусалим, нов, како слегува од Бога, од небото, стокмен како невеста, променета за својот маж.
3 И чув висок глас од небото како зборува: »Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивни Бог.
4 И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.«
5 И Седнатиот на престолот рече: »Ете, сѐ ново создавам.« И ми рече: »Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни.«
6 Потоа ми рече: »Се сврши! Јас сум Алфа и Омега, почетокот и крајот. На жедниот ќе му дадам Јас од изворот на жива вода дарум.
7 Кој победува, ќе наследи сѐ, и ќе му бидам Бог, а тој ќе Ми биде син.
8 А на плашливците и неверните, на поганите и убијците, на блудниците и магесниците, на идолопоклониците и на сите што лажат, делот им е во езерото, што гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт.«
9 Тогаш дојде при мене еден од седумте ангели, што ги држеа седумте чаши, полни со седумте последни зла, ми прозборува и рече: »Дојди, ќе ти ја покажам невестата – жената на Агнецот.«
10 Па ме одведе духом во една голема и висока гора и ми го покажа големиот град, светиот Ерусалим, кој слегуваше од небото – од Бога,
11 и имаше Божја слава; светлината негова прилегаше на најдрагоцен камен, како светол камен јаспис;
12 тој имаше големи и високи ѕидови, дванаесет порти, а над нив дванаесет ангели и напишани имињата на дванаесетте колена на синовите Израилеви:
13 спроти исток три порти, спроти север три порти, спроти југ – три порти, спроти запад – три порти.
14 Ѕидовите на градот имаа дванаесет темели, и врз нив имињата на дванаесетте апостоли на Агнецот.
15 А оној што зборуваше со мене, имаше трска златна за да го измери градот и портите негови и ѕидовите негови.
16 Градот беше четириаголен, а должината му е колку што и широчината. Тој го измери градот со трската и најде дека изнесува дванаесет илјади стадии; должината, широчината и височината негова – еднакви.
17 Потоа ги измери ѕидовите негови, што беа сто и четириесет и четири лакти, со мерка човечка, која што е и ангелска.
18 Ѕидовите му беа изградени од јаспис, а градот – од чисто злато, како чисто стакло.
19 Темелите на градските ѕидови беа украсени со секаков вид драгоцени камења: првиот темел – јаспис, вториот – сафир, третиот – халкидон, четвртиот – смарагд,
20 петтиот – сардоникс, шестиот – сард, седмиот – хрисолит, осмиот – вирил, деветтиот – топаз, – десеттиот – хрисопрас, единаесеттиот – хијацинт, дванаесеттиот – аметист.
21 А дванаесетте порти беа дванаесет бисери: секоја порта беше од еден бисер; улиците на градот беа од чисто злато како провидно стакло.
22 Храм, пак, не видов во него, бидејќи Господ Бог Седржителот и Агнецот се неговиот храм.
23 И градот немаше потреба ни од сонце, ни од месечина за да светат во него, зашто Божјата слава го осветлила, а светлината му е Агнецот.
24 И спасените народи ќе одат по неговата светлина, и царевите земни ќе ја принесат во него својата слава и чест.
25 А портите негови нема да се заклучуваат дење, оти таму нема да има ноќ.
26 И ќе ја принесат во него славата и честа на народите;
27 и нема во него да влезе ништо нечисто, ни оној кој врши гнасни работи и лаже, а само оние, кои што се запишани во книгата на животот на Агнецот.