Bible

Designed

For Churches, Made for Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Revelation 11

:
Macedonian - 1990
1 И ми се даде трска слична на жезал, и ми се рече: »Стани и измери го Божјиот храм и жртвеникот и оние, што се поклонуваат во него.
2 А дворот пред храмот остави го и не го мери, бидејќи им е даден на незнабошците: тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеца.
3 И ќе им дадам на двајца Мои сведоци, и тоа облечени во вреќи, да пророкуваат илјада двесте и шеесет дена.«
4 Тоа се двете маслинови дрвца и двата светилника што стојат пред Господарот на земјата.
5 И, ако некој сака да им направи неправда, оган ќе излезе од устата нивна и ќе ги проголта нивните непријатели; да, така треба да биде убиен оној, што ќе посака тоа да го направи.
6 Тие ќе имаат власт да го затворат небото, за да не паѓа дожд во деновите на нивното пророкување, и ќе имаат власт над водите да ги претворат во крв и да ја поразат земјата со секаква мака, кога што ќе посакаат.
7 И кога ќе го завршат сведоштвото свое, тогаш ѕверот, кој што ќе излезе од бездната, ќе им објави војна и ќе ги победи, и ќе ги убие.
8 А труповите нивни ќе ги остави по улиците на големиот град, кој духовно се наречува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ беше распнат.
9 И многу од народите и племињата и јазиците ќе ги гледаат нивните трупови три дена и половина и нема да позволат нивните трупови да се положат во гробови.
10 И жителите на земјата ќе се зарадуваат и развеселат поради нив, и ќе си праќаат дарови еден на друг, бидејќи тие два пророка ги мачеа оние, што живеат на земјата.
11 Но по трите дена и половина во нив ќе влезе животен дух од Бога, и тие ќе се исправат на нозете свои, и голем страв ќе ги обземе оние, што ќе ги гледаат.
12 Тогаш тие ќе чујат висок глас од небото како им вели: »Искачете се ваму!« И тие ќе се издигнат на небото во облаци, и непријателите нивни ќе ги видат.
13 Во тој час ќе настане голем потрес, и десеттиот дел од градот ќе се растури; а од потресот ќе загинат седум илјади човечки имиња; другите, пак, ќе се исплашат и ќе Му воздадат слава на небесниот Бог.
14 Второто зло мина. Ете, брзо иде третото зло.
15 Затруби и седмиот ангел, и по небото одекнаа силни гласови, кои викаа: »Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Он Ќе царува во сите векови!«
16 И дваесет и четирите Старци, кои што седеа пред Бога на престолите свои, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бога,
17 велејќи: »Ти благодариме, Господи Боже Седржителу, Кој си, Кој беше и Кој ќе бидеш, затоа што ја прими Својата голема сила и се зацари!
18 И се разгневија народите, и дојде Твојот гнев и времето да им се суди на мртвите и да дадеш награда за слугите Твои на пророците, на светиите и на оние, кои се плашат од името Твое, мали и големи, и да ги погубиш губителите на земјата!«
19 Тогаш на небото се отвори храмот на Бога, и се јави ковчегот на заветот во Неговиот храм; и имаше светкавици и гласови, громови и земјотрес, и град голем.