Psalms 87
1 Господи, Боже на моето спасение, дење Те призивам и ноќе сум пред Тебе:
2 за да дојде пред Тебе молитвата моја, приклони го увото Свое кон молбата моја, Господи,
3 зашто душата моја е полна со јад и животот се приближи до адот.
4 Се изедначив со оние, што слегуваат во гроб; станав како човек без помош – слободен меѓу мртвите;
5 како фрлени и ранети што лежат во гроб, за кои Ти веќе не се сеќаваш; тие се оттурнани од Твојата рака.
6 Ме положија во подземен ров, во мрак и во смртна сенка.
7 Ја истури врз мене Твојата јарост, и со сите Свои бранови ме поразуваш.
8 Ти ги оддалечи од мене моите познати, ме направи одвратен за нив; затворен сум и не можам да излезам.
9 Очите мои ослабеа од сиромаштија: цел ден викам кон Тебе, Господи, ги протегам рацете кон Тебе.
10 Зар на мртовци ќе правиш чуда? Зар сенките ќе се кренат и ќе Те слават?
11 Зар во гроб некој ќе кажува за твојата милост и за Твојата вистина – местото на распаѓањето?
12 Зар во темнината ќе ги познаат Твоите чудеса, и во земјата на заборавот – твојата правда?
13 Но јас повикав кон Тебе, Господи, и наутро молитвата моја Те испреварува.
14 Зошто, Господи, ја оттурнуваш душата моја и го одвраќаш лицето Свое од мене?
15 Јас сум несреќен и од младини се мачам; се возгордеав, се смирив и изнемоштен сум.
16 Над мене се надви Твојата јарост, Твоите заплашувања наполно ме скршија.
17 Секој ден ме опкружуваат како вода: сите заедно ме опседнуваат.
18 Ти го оддалечи од мене ближниот и пријателот; моите познати не се гледаат.