Numbers 5
1 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2 »Заповедај им на синовите Израилеви да ги истераат надвор од населбата сите лепрозни, и сите што имаа излив на семе, и сите што се оскверниле од мртовец;
3 и мажите и жените истерајте ги, надвор од населбата истерајте ги, за да не ги осквернуваат домовите свои, меѓу кои и Јас живеам.«
4 Така и направија синовите Израилеви и ги истераа надвор од населбата: како што му рече Господ на Мојсеја, така и направија синовите Израилеви.
5 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
6 »Кажи им на синовите Израилеви: ако маж или жена направи кој и да било грев против човек и со тоа изврши престап против Господа, виновна е таа душа.
7 Нека го исповеда направениот грев и да го врати она, за што е виновен, и да додаде кон тоа уште една петина и да му го даде на оној, спрема кого згрешил.
8 Ако тој човек нема наследник, кому би требало да му се врати за вината, тогаш да му го посвети тоа на Господа: нека биде тоа за свештеникот, освен овенот за очистувањето, над кој ќе се помоли тој за него.
9 И секоја првина, и си што се осветува за синовите Израилеви, а ќе го донесуваат за Господа при свештеникот, нему му припаѓа;
10 и посветеното, од кого и да е, нему му припаѓа, и, ако некој му даде нешто на свештеникот, нему му припаѓа.«
11 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
12 »Зборувај со синовите Израилеви и кажи им: ако некого го извевери жената и го презре,
13 или ако некој преспие со неа и излие семе, и тоа се утаи од очите на мажот нејзин, или ако скрие дека се осквернила тајно, а против неа нема сведок, таа нема да биде разобличена;
14 а него го обземе ли љубоморен дух, и почне да љубомори на жена си, кога таа е осквернета, или го обзема љубоморен дух, и тој почне да љубомори на жена си, кога таа не е осквернета, –
15 тогаш мажот нека ја доведе жената при свештеникот и да принесе дар за неа една десетина од ефа јачмено брашно, на да не го полива со елеј и да не става на него ливан, зашто тоа е жртва за љубомора, жртва за спомен што наспомнува за беззаконие.
16 А свештеникот нека ја приведе жената и нека ја исправи пред Господа;
17 и да зема тој изворска вода во глинен сад и прав од сувата земја во скинијата, и да го стави во водата.
18 Потоа свештеникот да ја исправи жената пред Господа, и да и ја открие главата и да го стави врз рацете нејзини приносот за спомен, – а тоа е принос за љубомора, а свештеникот да ја држи во раката измешаната вода, која носи проклетство.
19 И свештеникот да ја заколне и да и рече на жената: ‚Ако никој не бил со тебе, и ти не си се осквернила и не си го изневерила својот маж, невина биди.
20 Но, ако си го изневерила својот маж и си се осквернила, и ако некој, освен твојот маж, спиел со тебе, –
21 тогаш свештеникот нека ја заколне жената со клетва за проклетството и нека и рече: – Да те предаде Господ на проклетството и на клетва во твојот народ, и да даде Господ утробата твоја да се исуши, и стомакот твој да се надуе;
22 и да мине внатре во тебе таа вода што носи проклетство, па стомакот твој да се надуе и утробата твоја да се исуши.‘ – А жената да каже: ‚Амин, амин.‘
23 И свештеникот да ја напише таа клетва на хартија, а потоа да ја избрише во измешаната вода;
24 и да и даде на жената да се напие од измешаната вода, што носи проклетство, и да влезе во неа водата, што донесува проклетство.
25 И да земе свештеникот од рацете на жената лебен принос за љубомора, и да го издигне тој принос пред Господа, и да го однесе кај жртвеникот.
26 И свештеникот да земе тогаш со рака малку од лебниот принос за спомен, да го изгори на жртвеникот и потоа да и даде да жената да ја испие водата;
27 и откога ќе ја напои со водата, ако е таа нечиста и ако направила престап спрема својот маж, измешаната вода што носи проклетство, ќе влезе во неа, и стомакот ќе и се надуе, и утробата нејзина ќе се исуши, и таа жена ќе биде проклета меѓу својот народ.
28 Ако, пак, жената не е осквернета и останала чиста, ќе остане без повреда и ќе се оплодува од семе.
29 Тоа е законот за љубомора: кога жената ќе го изневери својот маж и ќе се оскверни,
30 или кога љубоморен дух ќе го обзема мажот, и тој почне да љубомори на жена си, тогаш тој нека ја исправи жена си пред Господа, и нека го изврши свештеникот над неа си она според овој закон, –
31 и мажот ќе биде чист од грев, а жената ќе го прими врз себе својот грев.«