Numbers 21
1 Еден од хананските цареви, – царот на Арад, кој живееше на југ, кога чу, дека Израилот доаѓа по патот од кај Атарим, стапи во борба против Израилците и зароби неколкумина од нив.
2 и се заветува Израилот пред Господа, и рече: »Ако го предадеш овој народ во рацете мои, ќе ги истребам градовите нивни, ќе ги уништам.«
3 Господ го чу гласот на Израилот и ги предаде Хананејците во рацете негови, и тој победи и градовите негови ги опусти, и тоа место го нарече: запустение.
4 Од планината Ор тие тргнаа кон Црвено Море, за да ја заобиколат земјата на Едом. И по патот народот падна со духот;
5 и возроптаа луѓето против Бога и против Мојсеја: »Зошто ни изведе од Египет, па да умреме во пустињава: тука нема ни леб, ни вода, а во душата ни омрзна таа лоша храна?«
6 и испрати Господ против народот отровни змии, кои го касаа народот, и многу луѓе изумреа од синовите Израилеви.
7 И дојде народот при Мојсеја и рече: »Згрешивме кога се побунивме против Господа и против тебе; помоли Му се на Господ да ги отстрани од нас змиите.« И Мојсеј Му се помоли на Господа за народот.
8 И му рече Господ на Мојсеј: »Направи бакарна змија и закачи ја на знамето како знак, и ако касне некого змија, каснатиот, штом ќе ја погледне, ќе остане жив.«
9 И направи Мојсеј бакарна змија и ја закачи на знамето како знак, и кога некоја змија ќе каснеше некој човек, тој штом ќе ја погледнеше бакарната змија, остануваше жив.
10 И тргнаа синовите Израилеви и се задржаа во Овот;
11 се кренаа и од Овот, и застанаа во Ахалгеј, спроти пустињата Моав, која е на исток.
12 Оттаму тргнаа и дојдоа во долината Заред;
13 оттука, кога тргнаа, се задржаа во оној дел од страната на Арнон, кој тече од пределите на Амореја, бидејќи Арнон е границата на Моав, меѓу Моав и Амореја.
14 Затоа и е речено во книгата за војните Господови: »го уништи Зоов, и потокот Арнон.
15 И по потокот ја изгради населбата Ир, која му припаѓа на Моав.«
16 Оттука тргнаа кон еден извор, а тоа е оној кладенец, за кој Господ му рече на Мојсеја: »собери го народот и ќе им дадам вода.«
17 Тогаш Израилот ја запеа песната: »извирај, кладенец!
18 Пејте за кладенецот што го ископаа кнезовите, а народните водачи заедно со законодавецот го разрушија со жезлата свои.« И од кладенецот тргнаа кон Мантанаил.
19 Од Мантанаил во Наадил, од Наадил, во Вамот,
20 а од Вамот за Напин, кој е во Моавската земја, од пресечениот врв, свртен со лицето кон пустињата.
21 И ги прати Мојсеј пратениците при Сион, аморејскиот цар, со предлог за мир, и да му кажат:
22 »Дозволи ни да минеме преку твојата земја; ќе одиме по патот, нема да навлегуваме ни во селата, ни во лозјата, и нема да пиеме вода од твоите кладенци, а ќе одиме по царскиот пат, додека да ги минеме пределите твои.«
23 Но Сион не му дозволи на Израила да мине преку пределите негови; и го собра Сион целиот свој народ и излезе против Израилот во пустињата, и стигна до Јасан и се судри со Израилот.
24 И го порази Израил со меч и завладеа со земјата негова од Арнон до Јавок, дури до Амоновите синови, бидејќи Јазир е амонитски предел.
25 И ги зазеде Израил сите тие градови, и се насели Израилот во сите аморејски градови, во Есевон и во сите нему потчинети;
26 зашто Есевон беше град на аморејскиот цар Сион, кој војуваше против поранешниот моавски цар и ја беше одзел од рацете негови целата земја негова од Ароир дури до Арнон.
27 Затоа велат писателите: дојдете во Есевон, нека се изгради и утврди градот Сион;
28 бидејќи оган излезе од Есевон, пламен од градот Сионов и изгоре дури до Моав и ги проголта столбовите арнаитски.
29 Тешко тебе, Моаве, изгинаа луѓето Хамосови, синовите негови ги заробија, и ќерките му станаа робинки на аморејскиот цар Сион.
30 И семето нивно се затре од Есевон дури до Девон, и жените нивни, кои изгореа од оган кај Моав.
31 И се насели Израилот во Аморејската земја.
32 И испрати Мојсеј да го разгледаат Фазир, па го зазедоа него и селата негови, и ги изгонија Аморејците што живееја таму.
33 Тогаш се повратија и појдоа кон Васан. И излезе против нив васанскиот цар Ог, самиот тој и целиот народ негов, за да се судри со нив кај Едраин.
34 И му рече Господ на Мојсеја: »Не бој се од него, зашто Јас ќе ти го предадам во рацете твои него и целиот народ негов и целата земја негова, и ќе постапиш со него, онака како што постапи со аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон.«
35 И го порази него и синовите негови и целиот народ негов, така што ниеден од нив не остана жив; и ја наследија земјата негова.